Македонија
Лимани: Интензивно работиме на јакнење на капацитетите на предучилишното воспитание и образование

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска учествуваше на завршен настан на проектот „Подигнување на квалитетот на предучилишното образование и грижа“. Оваа иницијатива, финансирана од Европската Унија, целеше кон подигнување на квалитетот на услугите за предучилишно образование и грижа.
Поздравни обраќања покрај министерот Лимани имаа и Шефот за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, г-дин Штефан Худолин и директорот на проектот, Г-дин Џузепе Москети.
Во своето обраќање до присутните министерот Лимани посочи дека, Министерството за социјална политика, демографија и млади интензивно работи на јакнење на капацитетите на предучилишното образование, воспитание и грижа со цел подигнување на квaлитетот на услугите во оваа дејност.
„Силно веруваме дека вложувањето во учењето и развојот на децата уште од најмала возраст е клучно за развојот и напредокот на општеството. Како отворен, динамичен и развоен процес, воспитанието, образованието и грижата за секое дете во детските градинки подлежи на промени кои обезбедуваат модернизација и напредок на системско ниво,“ посочи Лимани.
Тој информираше дека, во изминатиот период во детските градинки се реализираа разновидни форми на професионално усовршување на вработените. Како и дека модернизацијата на професионалниот развој и негово системско поставување има цел да обезбеди унифициран пристап кој ќе носи позитивни ефекти во работата на сите стручни профили но и на детската градинка како институција.
„Министерството за социјална политика, демографија и млади, подолг временски период го спроведува процесот на лиценцирање и обнова на лиценца на сите стручни лица. Овој процес има големо значење во дејноста и токму затоа искуствата покажуваат дека постои потреба од ревидирање на постојниот модел со цел негово развивање и подобрување,“ истакна Лимани.
Тој посочи дека дел од услугите кои детските градинки ги нудат, се однесуваат и на соработката со родителите, а министерство ги вклучува сите, и родителите на деца во ризик и деца кои се социјално исклучени.
Голема поддршка за овие прашања, порача Лимани се активностите на рамки на проектот „Подигнување на квалитетот на предучилишното образование и грижа“ финансиран од Европската Унија во рамките на Акција 4 „Образование, вработување и социјална политика“ од Акциската програма на ИПА 2017.
Главна цел на овој проект е подигнување на квалитетот на услугите за предучилишно образование и грижа, што треба да доведе до поголеми образовни постигнувања, личен развој и социјална вклученост на децата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утрото променливо облачно и студено, преку денот сончево

Времето денеска, утрото променливо облачно и студено, а преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, наместа долж Повардарието со брзина над 60 km/h. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 0, а максималната ќе достигне од 0 до 8 степени.
Во Скопје утрото претежно облачно, во текот на денот облачноста ќе се намалува. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Во наредните денови, следува период на стабилно и студено време со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни, а наместа ќе се спуштат и под -10 степени.
Македонија
Прекинато водоснабдување во делови од Скопје

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( среда ) без вода ќе останат следните корисници:
· поради изведување на приклучок од Ф-100мм на ул.20 бр.6 во с.Трубарево, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од с.Трубарево, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до санирање на дефектот. ( општина Гази Баба)
· поради уличен дефект Ф-400мм на булевар 8ми-Септември во населба Карпош, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од Бул. Илинден до кружен тек ( Хотел Александар Палас, спортскиот центар Борис Трајковски и базентот) водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до санирање на дефектот. ( општина Карпош)
· поради промена на шибер Ф-80мм на ул. Коце Металец во населба Железара, прекинато водоснабдување ќе имаат кулите од истата улица со број 2А,2Б,2В,2Г, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до санирање на дефектот. ( општина Гази Баба)
Македонија
„Вреди“: Поранешниот државен секретар за култура Азири го продаде албанскиот идентитет за работно место

Валмир Азири, поранешниот државен секретар за култура, направи срамен и неприфатлив чин, кој не само што го посрамува лично, туку и секој Албанец. На конкурсот во 2021 и почетокот на 2022 година, тој без двоумење го промени својот идентитет од Албанец во Македонец, само за да си овозможи лична корист и да обезбеди работно место кое беше наменето за македонската заедница, реагираат од коалицијата „Вреди“.
Ова, според нив, е чин на незамисливо предавство кон Албанците и сериозно кршење на вредностите кои нè дефинираат како нација.
„Демократската унија за интеграција, која постојано зборува за заштита на интересите на Албанците, не се двоумеше да ја продаде секоја вредност и идентитет на Албанците кога станува збор за лични интереси. Овој скандал е јасен одраз на хипокризијата и неспособноста на оваа политичка партија, која продолжува да профитира од позициите и да манипулира на грбот на Албанците. Се поставуваат важни прашања по овој скандал: Која е договорената шема што го натера Валмир Азири да направи ваков чекор? Дали неговото молчење додека беше државен секретар беше дел од агенда за деградирање и маргинализирање на Албанците во културата? Дали може поинаку да се нарече индивидуа која е подготвена да го продаде својот идентитет за лични интереси?“.
Ова, како што оценуваат во „Вреди“ е чин кој не смее да остане без последици.
Коалицијата, нагласуваат од таму, е решена да се бори против секој обид за манипулација и газење на албанскиот идентитет за тесни и лични интереси.
Бараат итна одговорност за овој, како што велат, тежок скандал и се обврзуваат да обезбедат дека лица како Валмир Азири нема да имаат место во институциите што треба да ги штитат интересите и вредностите на Албанците.
Ова, нагласуваат од коалицијата, е јасна порака за сите оние кои мислат дека можат да ја предадат албанската култура и идентитет за лична корист.
„Коалицијата „Вреди“ нема да запре и ќе продолжи да ги брани интересите на Албанците и нашиот национален интегритет“.