Македонија
Лоши хигиенски услови во кујните, храна со поминат рок: уништени 8,7 тони небезбедна храна по спроведените вонредни контроли во Дојран, Охрид, Струга и во Преспа

Инспекциски тимови на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) минатата недела (од 16 до 19 јули) спровеле вонредни заселени контроли во објекти и оператори со храна (хотели, ресторани, привремени кетеринг-објекти, месарници и маркети) во туристичките центри Дојран, Охрид, Струга и Преспа.
Со контролите, како што соопшти АХВ, се проверувала имплементацијата на добра производствена и хигиенска пракса (ДПП/ДХП) базирана на НАССР-принципите, инфраструктурните услови во објектите, а се спроведувале и контроли на активностите во согласност со регистрацијата на операторите со храна.
Во услови на високи надворешни температури акцент со контролите бил ставен на условите на чување и складирање на производите и роковите на употребливост на храната.
„Со вонредните контроли во овие четири туристички центри опфатени беа 112 објекти – оператори со храна. Изречени беа 54 глоби на 54 оператори со храна, од кои на 8 оператори со храна им беше изречена забрана за работа до отстранување на констатираните недоследности. Со контролите утврдено беше неисполнување на општите и посебните хигиенски барања во сите фази на производство, преработка и дистрибуција на храна, неимплементирање на сите процедури на ДПП/ДХП базирани на НАССР-принципите, храна со поминат рок на употреба, промет на храна без декларација и означување во согласност со Законот за безбедност на храната и подзаконските акти според кои ваквите производи се прогласуваат за небезбедни за човечка употреба и нештетно се уништуваат“, се потенцира од страна на АХВ.
Од страна на инспекторите за храна и официјалните ветеринари констатирана била и работа на објекти – оператори со храна, кои не се регистрирани или одобрени за работа од страна на АХВ, поради што изречени биле мерки забрана за работа, а затекнатите производи биле забранети за промет и нештетно уништени. Утврдени биле и лоши инфраструктурни и хигиенски услови во кујните, производствените простории, за што некои оператори добле привремена мерка забрана за работа.
„Од промет беа отстранети 8.700 килограми небезбедна храна, која беше нештетно уништена. Во наредниот период АХВ ќе продолжи со спроведување вонредни контроли и во другите туристички центри, а поради високите температури, во сила останува мерката за засилени контроли кај операторите со храна на целата територија на земјата“, соопшти АХВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу половина час

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, извести АМСМ.
На граничниот премин Табановце времето на чекање за влез во државата изнесува околу 40 минути, додека на граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути.
На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Незгода на патниот правец Бошков мост – Дебар, сообраќајот во прекин

На патниот правец Р1202 Бошков мост – Дебар поради случена сообраќајна незгода сообраќајот е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Македонија
СДСМ: Мицкоски да каже за парите од осомничени од Кочани кои завршиле во ВМРО-ДПМНЕ, да не се секира за нашата стратегија

„Кога наместо да деде одговор на конкретно поставено прашање во врска со донации кои неговата партија ги добивала од сега осомничен за трагедијата во Кочани, Мицкоски би требало да одговори на тоа прашање наместо да се секира за нашата стратегија“, велат од СДСМ.
„За нас најважна е вистината и разобличувањето на обидот на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да ја затскријат вистината за трагедијата во Кочани, но и обидот да ги сокријат нивните партиски функционери од одговорност.
Дополнително, апелираме до Христијан Мицкоски да не се секира за нашата стратегија премногу. Се оптеретува, и тоа е очигледно. А никој не сака премиер кој наместо да е оптеретен со подобрување на животот на граѓаните е оптеретен со СДСМ.
Еве и еден бесплатен совет до Мицкоски – најлоша комуникациска стратегија е стратегијата на лажење, манипулација и бегање од одговори. Реалноста Мицкоски не се поврзува со твоите пораки.
На пример, се уште никој не може да ги почувствува ефектите од четвртата најдобра економија во светот.
Никој се уште не може да ги почувствува придобивките од наводното зголемување на платата.
Сите ги чувствуваат ефектите од рекордните задолжувања, инфлацијата и безочното трошење на пари за папаја, манго, бејби биф, приватни авиони и скапи хотели. Парите на граѓаните се потрошени на луксуз за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ додека граѓаните живеат во најсиромашната и економски најслабата држава во Европската Унија.
Никој ги нема видено туристите за кои Мицкоски зборува дека биле за 20% повеќе. Дотолку што Охрид се соочува со најлошата туристичка сезона со години.
Мицкоски, нека не те лажат дека ти поминуваат пораките. Никој не го чувствува тоа што го зборуваш.
Уште еднаш да повториме, нема поголем предавник на Македонската идеја од врховизмот. Врховизмот е авторитарност“, соопшти СДСМ.