Македонија
Луѓето најмногу му веруваат на Пендаровски, Груевски е втор, според анкетата на ИРИ

Претседателот Стево Пендаровски е политичарот кому граѓаните најмногу му веруваат во моментот. Со 12 отсто целосна доверба кај испитаниците, плус 26 отсто со делумна доверба, претседателот Пендаровски се најде на врвот на најновата анкета на Интернационалниот републикански институт (ИРИ).
На второ место во оваа категорија е поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, со 11 отсто целосна доверба, а 19 отсто делумна доверба.
На прашањето за која партија би гласале ако изборите се следната недела, разликата меѓу двете најголеми партии е иста како и во октомври: за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 19 отсто, за СДСМ – 11, а поддршката за ДУИ е зголемена од 7 на 8 отсто.
Популарноста на Левицата паднала два поена, од 6 на 4 отсто. Втора партија во албанскиот блок е Алијансата за Албанците со 5 отсто.
Зголемена е и поддршката за членство во ЕУ. На прашањето дали ја поддржуваат интеграцијата на земјата во Европската Унија, 79 % од испитаниците одговориле со „да“. Ова претставува раст од шест процентни поени во однос на анкетата извршена во октомври лани.
Според анкетата на ИРИ, повеќето од граѓаните немаат доверба во владеењето на правото. Само 31 % од испитаниците се согласиле дека законот еднакво се применува за сите граѓани на Македонија, најниско ниво досега. Шеесет и пет отсто не се согласиле со оваа изјава.
Анкетата е спроведена во име на Центарот за анкетни истражувања од БРИМА, фирма за истражување на пазарот (членка на групацијата КАНТАР). Податоците се собрани од 8 април до 4 мај 2023 со метод интервјуа лице в лице во домовите на испитаниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Културните работници на протест: Се надеваме дека платата за март ќе ја добиеме барем пред првомајските празници, стигнаа нови насоки

Голем број вработени во институциите од културата денес точно напладне излегоа на протест пред Министерството за култура кое ги принуди велигденските празници место со 10 отсто поголеми плати, да ги минат без плата. Со централен транспарент „ ‘Извини’ Зоки, ‘морално’ (ли) беше“, културните работници си ја побараа платата која согласно колективниот договор треба да биде 10 отсто повисока поради зголемените животни трошоци. Додека тие пред Министерството за култура кажуваа дека неисплатената плата не е само административна измама туку правно и морално предавство и обвинија дека оваа власт само ја продолжува традицијата од претходните власти поради што тие мора секој април да протестираат, Министерството за култура подготви нов начин за пресметка на платите.

„Сега има нови насоки, на поинаков начин се пресметуваат тие 10 % од општиот колективен договор“, рече Вера Атанасовска, претседателка на СКРМ
„Добивме известување од сметководствените служби дека од страна на Министерството се доставени нови насоки за пресметка на плата, дека досегашните каде што беше пресметана плата согласно Колективниот и другите договори, не важат. Сега има нови насоки, на поинаков начин се пресметуваат тие 10 % од општиот колективен договор. Во моментов институциите не постапуваат по новите насоки бидејќи на никого не му е јасно што во моментов треба да се направи. Се надеваме дека ќе добијат подетални насоки и се надеваме дека платат за март ќе ја добиеме барем пред првомајските празници“, рече Вера Атанасовска, претседателка на Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ).
Вработените во институциите од културата кои се уште немаат плата за март добија безрезервна поддршка од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов и на сегашниот министер за култура, исто како и на претходната министерка, му порача дека со протестот културните, дошле кај некултурните во Влада. „Жал ми е што до вчера министерот седеше рамо до рамо со вас, но како министер со 79 % зголемена плата се бори против вашите плати предвидени со колективните договори што лично сметам дека е срамно“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.

„Лично сметам дека е срамно што министерот со 79 % зголемена плата се бори против вашите плати“, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов
Тој ги повика вработените во културните институции на Први мај да се придружат на протестот на ССМ.
„Дојдовме 300 луѓе пред три недели на протест – се исплашија. Денеска сме 3000 – уште повеќе се плашат и им кажавме дека ќе дојдеме и 30 илјади. Нѐ бројат, наместо да ни платат плати. Почитуван министер, луѓето очекуваат платата да им се исплати уште денес согласно Колективниот договор, доколку не, како што ѝ порачавме на претходната министерка, ќе ви порачаме и вас – ако не го направите вие тоа, ќе го направи некој следен министер“, рече Трендафилов.
Со скандирање „Правда, правда“ и интонирање на државната химна заврши денешниот протест на културните работници кои кажаа дека излегуваат на улица оти Министерството не ги слуша кога се обраќаат преку институциите.
Македонија
Инспекторатот на Општина Карпош проверил 50 градби и изрекол 26 казни

Во текот на изминатата недела, од страна на градежен и комунален инспектор, како и со активно присуство на комуналните редари, биле спроведени над 50 контроли на терен, информираат од Општина Карпош.
Како резултат на овие контроли, изречени биле вкупно 26 казни и 17 опомени, со целосна примена на законските надлежности и прописи.
Градежниот инспектор, согласно својата надлежност, како што појаснуваат од општината, изрекол четири казни во висина од 500 до 3.000 евра, на правни и одговорни лица.
Комуналниот инспектор изрекол пет казни по 300 евра за одговорни лица, како и пет казни по 1.500 евра за правни лица.
„Воедно, беа изречени и пет опомени, при што недостатоците беа коригирани веднаш на лице место.
Дополнително, казни беа изречени и за повеќе правни субјекти, како резултат на утврдени прекршувања. Истовремено, кај дел од градежните компании беше постапено по издадени опомени, со целосно почитување на наложените мерки.
Комуналните редари во истиот период изрекоа 12 казни во висина од 40 евра, како и 12 опомени. Доколку во наредниот период не се извршат потребните корекции кај овие градби, во постапката ќе се вклучи и комуналниот инспектор, чии казни, согласно законот, се со значително повисоки износи“, нагласуваат од оваа општина.
Општина Карпош апелира до сите инвеститори и градежни компании кои работат на територија на општината, да ги почитуваат законските прописи, како и да водат сметка за околината, особено при работа во зони со индивидуално домување.
Потенцираат дека нема компромис со незаконското градење.
„Општина Карпош продолжува со засилен инспекциски надзор врз сите градилишта на своја територија, со цел да се обезбеди законска, безбедна и одговорна урбана изградба“, се нагласува во информацијата.
Македонија
Реконструирани две нови улици во Ѓорче Петров

Општина Ѓорче Петров реализираше уште два инфраструктурни зафати во урбаното јадро, со целосна реконструкција и асфалтирање на две улици.
Улиците Вера Циривири и Никола Вукмировиќ добија нов лик, како дел од континуираната стратегија за модернизација на инфраструктурата. Вкупната површина е 3.020 м², а вкупната вредност на инвестицијата е 3.135.000 денари.
Проектот е финансиран со средства од Владата на Република Македонија, што ја потврдува важноста на соработката помеѓу локалната и централната власт.
Двете улици ја поврзуваат ул. 4-ти Јули со бул. Ѓорче Петров, што значително ја подобрува сообраќајната комуникација и ја зголемува безбедноста на жителите во овој дел од општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски изјави дека општината продолжува со модернизацијата на инфраструктурата во Ѓорче Петров.
-Овој проект е само еден од многуте што ќе следат, бидејќи нашата цел е да создадеме современи и функционални услови за живот за сите наши граѓани. Благодарни сме на Владата за поддршката и продолжуваме со напорна работа за напредокот на општината – рече Стојкоски.
Со овие нови вложувања, Општина Ѓорче Петров продолжува да го подобрува квалитетот на живот за сите жители, инвестирајќи во урбана инфраструктура и создавајќи функционален град за сите, истакнуваат од таму.