Македонија
Македонија денеска ги почнува преговорите за полноправно членство во ЕУ

Во Брисел денеска ќе биде одржана првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и Европската Унија.
Пред одржувањето на Меѓувладина конференција, премиерот Димитар Ковачевски, кој ја предводи владината делегација, ќе има средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Советот на ЕУ синоќа даде „зелено светло“ за отворање на пристапните преговори со Македонија и Албанија.
Амбасадорите на земјите членки ги договорија преговарачките рамки за двете земји, со што се создадени услови за првата меѓувладина конференција за пристапување, што ќе се одржи во вторник во Брисел.
На таа конференција ќе бидат прогласени за отворени преговорите со двете земји, а потоа и т.н. скрининг-процес длабинска анализа на законодавството на двете земји и степенот на нивната усогласеност со европското законодавство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Каде и да сме, мора да бидеме горди дека сме родени во Македонија, порача Стојменова која стана министерка во словенечката влада

Емилија Стојменова Дух, доктор на науки и вонредна професорка на Електротехничкиот факултет во Љубљана, од неодамна е министерка за дигитализација во новата словенечка влада на новиот премиер Роберт Голоб, како прва Македонка. Воедно, таа е и прва министерка во Словенија, која се родила и пораснала во странство.
Во разговор со Агенцијата за иселеништво, Стојменова порача дека без оглед на тоа каде сме, мора да бидеме горди, дека сме родени во Македонија и да ги одржуваме врските со нашата држава. Верувајќи дека културата и уметноста се најсилната врска, таа настојува да одржува контакти со нашите културни уметници и фирми и уверува дека така ќе биде и во иднина.
„Во мојата канцеларија ќе најдете уметнички дела од наши сликари. Ако сакате да ме сретнете во Словенија побарајте ме на концерти и претстави на наши уметници“, вели Стојменова.
Родена во Виница, со стпендија се сели во Словенија во нејзината трета година од гимназиското образование. Вели дека сакала да покаже и докаже дека не е важно од каде доаѓаш, туку дека со труд и работа можеш да постигнеш сѐ што ќе посакаш.
„Не можам да направам споредба помеѓу високото образование во Македонија и Словенија. Од друга страна, во Словенија добиваме одлични експерти од Македонија и тоа од различни сфери, што води до заклучок дека високото образование во Македонија е на високо ниво. Во минатото имав можност да соработувам со колеги од универзитети од Македонија и впечатокот беше секогаш одличен. Можеби најголема разлика е во тоа што студентите во Словенија имаат повеќе можности за стипендии и други поволности, како што се бонови за исхрана и добро средени домови за студенти“, раскажа министерката.
Стојменова Дух е активна во иницијативата за „паметни села“ поддржана од Европската комисија и Европскиот парламент. Таа ја претставува Словенија во мултирегионален проект на Стејт департментот кој избра 50 жени од целиот свет кои се на важни позиции во науката, технологијата и математиката. Вели дека лошата политика на поранешната словенечка влада ја поттикнала да влезе во политиката.
„За жал, во Словенија бевме сведоци на политика, која не ги почитува човековите права, која не ги почитува уставот и останатите правни средства и институции.Словенија, која сите ја познаваме како успешна и напредна држава едноставно веќе не постоеше и така настана моќна цивилна иницијатива, коа бараше широк активен ангажман, буквално од сите“, рече Стојменова.
Македонија
Деветнаесет пожарникари се справувале синоќа со штетите од невремето кое го погоди Неготино

Тринаесет пожарникари со 3 противпожарни возила од ТППЕ Неготино и 6 пожарникари со 2ПП возило и 2 пумпи за испумпување на вода од ТППЕ Кавадарци вчера биле ангажирани за санирање на штетите по големото невреме кое го погоди Неготино.
Активностите на екипите биле завршени до 23:00 часот, информираа од Центарот за управување со кризи.
Невремето траело 20 минути, а епилогот е паднати дрва, кровови од куќи и гаражи, паднати бандери, паднати фолии на земјоделци, со што причинета е голема штета која допрва ќе се проценува.
Неготинци коментираат дека вакво невреме на паметат.
Македонија
СДСМ: Го штитиме македонскиот идентитет, ВМРО-ДПМНЕ шири лаги за бугаризација

Со усвоените и јавно објавени Препораки на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања како меур од сапуница се распрснаа сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски за менување и бришење на историјата, за историја по бугарски терк. Препораките во кои нема ништо и спорно и скриено, се усвоени од стручна и независна комисија, без какви било политички влијанија и воопшто не ги допираат идентитетските прашања, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата додаваат дека станува збор за две групи препораки – за заедничко чествување на пет личности и пет препораки за учебниците по историја за петти клас во Бугарија и за шесто одделение во Северна Македонија.
Усвоените препораки за учебниците во основното образование се на база на реципроцитет и ќе бидат доставени и до македонската и до бугарската влада.
Уште еднаш се покажа дека лагите на ВМРО-ДПМНЕ кон граѓаните за наводна асимилација и бугаризација се со единствена цел да се наруши процесот на решавање на отворените прашања.
За разлика од антидржавничкото и неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски, Владата предводена од СДСМ ги штити македонскиот идентитет, јазик, историја и посебност и ја реализира стратешката цел за полноправно членство во ЕУ, се вели во соопштението.