Македонија
Македонија има најниска стапка на употреба на модерна контрацепција

Во рамки на тековната 71. сесија на Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените на Обединетите нации, денеска (1 ноември 2018 година) во Палатата на нациите во Женева се одржува дијалогот со претставниците на институциите на Република Македонија во врска со напредокот на земјата во спроведувањето на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените.
Девојките и жените во Република Македонија сè уште се соочуваат со низа пречки во остварувањето на сексуалните и репродуктивните права. Правото на избор и натаму се регулира со ограничувачки закон што го доведува во прашање здравјето и животот на жените и со кој се потценува нивната способност самостојно да донесуваат одлука за сопственото тело и здравје. Нов закон за абортус, иако е во подготовка, сепак сè уште не е донесен. Со постојниот закон во Македонија и ден денес пристапот до абортус го отежнуваат задолжителниот период на чекање од три дена, задолжителното пристрасно советување и задолжителниот ултразвук преку кој бремените жени се принудени да го слушнат срцебиењето на фетусот. Оттука, сегашниот закон е во спротивност со препораките на Светската здравствена организацијата и со меѓународното право и со него државата и натаму им го прекршува правото на избор на жените во Македонија и го уназадува нивното здравје. Дополнително, медикаментозниот абортус сè уште не е достапен во земјата.
Стапката на користење модерна контрацепција во земјата изнесува 12,8% и со тоа Македонија има најниска стапка на употреба на модерна контрацепција во споредба со земјите од Југоисточна Европа и општо во Европа. Во земјата сè уште ниту едно контрацептивно средство не е ставено на позитивна листа, со што им се отежнува или сосема оневозможува пристапот до модерни контрацептиви на најсиромашните и социјално ранливите групи.
Учениците во Македонија немаат пристап до основни информации во формалното образование како да го заштитат своето сексуално и репродуктивно здравје. Според истражувањата, само 13% од учениците добиле информација за користење кондоми, а едвај 2% учеле за орална контрацепција. Дополнително, учебниците содржат неточни и застарени информации преку кои многу често се зајакнуваат родовите стереотипи и стигмата кон лицата со различна сексуална ориентација и родов идентититет. Само дел од темите од сексуалното образование се опфаќаат на часовите по животни вештини, а сеопфатното сексуално образование и натаму се изучува надвор од училишните клупи.
Претставничките на здруженијата „ХЕРА“, „Коалиција маргини“ и „Реактор“ присуствуваат на 71. сесија и одблизу го следат дијалогот на земјата со Комитетот за елиминација на дискриминација врз жените. Имајќи ги предвид состојбите поврзани со остварувањето на сексуалните и репродуктивните права на жените во Македонија, „ХЕРА“, „Коалиција маргини“ и „Реактор“ му препорачуваат на Комитетот да побара од државата:
1) веднаш да го измени Законот за прекинување на бременоста усвоен во 2013 година и да ги отстрани сите идеолошки и законски пречки кои денес им го загрозуваат правото на избор на девојките и жените;
2) да го воведе медикаментозниот абортус и да го направи пристапен низ целата земја;
3) да го подобри пристапот до современите контрацептивни средства, така што модерните контрацептиви ќе бидат ставени на позитивната листа на лекови со цел превенција на непланираната бременост, и
4) да развие соодветен образовен модел и наставна програма со цел воведување на сеопфатното сексуално образование како задолжителен предмет во основните и средните училишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски: Најостро го осудувам насилството на протестите

Премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук остро ги осуди немилите настани на вчерашните протести, апелирајќи до граѓаните да го изразат својот став на мирен и демократски начин. Тој ги повика и политичките чинители да не ги вовлекуваат граѓаните во насилни протести, давајќи им лажни ветувања и увери дека Владата во ниту еден момент не го довела под знак прашалник македонскиот идентитет и македонскиот јазик и дека нејзина обврска е да го сочува достоинството на граѓаните.
Во продолжение интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Почитувани граѓани,
Најостро ги осудувам вчерашните настани кои за голема среќа не резултираа фатално за граѓаните. Никаков револт не може да оправда употреба на огнено оружје од страна на цивили, каменување, оштетување државен имот, посегнување по нечиј живот.
Изразувањето незадоволство преку мирно протестирање е уставно загарантирано право и оваа Влада досега повеќе пати покажала и докажала дека демократијата е во рацете на граѓаните и никој нема да им го ускрати тоа право.
Но, омразата и насилството не биле решение и никогаш нема да бидат решение за ништо. Од последните случувања, и хулиганското однесување на улица има само еден губитник, а тоа е Република Северна Македонија.
Ги повикувам политичките чинители да не ги вовлекуваат граѓаните во насилни протести, давајќи им лажни ветувања. Ваквите сценарија веќе ни се добро познати на сите нас. Вчера видовме страшен пример за политичари кои имаа несовладлива склоност да играат улога на жртва, поради голема желба за моќ. Ваквите „игри“ го покажуваат вистинското лице на оние кои се кријат зад народот. Еден ден ги поттикнуваат на радикализам, веќе следниот се повлекуваат и оградуваат од граѓаните кои претходно ги изманипулирале. Ним сакам да им порачам – крвавите сцени во законодавниот дом, на улиците низ државата, се едно минато време кое е зад нас и на кое никогаш нема да дозволам да се вратиме.
Сегашноста ни укажува на други приоритети, а тоа се хармонија и просперитет. Во Република Северна Македонија институциите функционираат, оттука секој проблем, прашање, се решава низ дијалог. Така функционира земја членка на НАТО, така функционира земја чија иднина е ЕУ, така функционира и Северна Македонија.
Почитувани граѓани, во ниту еден момент како Влада не сме го довеле под знак прашалник македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Наша обврска е да го сочуваме достоинството на граѓаните и тоа го правиме. Ние сме европска влада и се залагаме за европски вредности“.
Македонија
Груби – Хулман: Патот кон ЕУ се отвора со францускиот предлог

Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, ја прими амбасадорката на Швајцарија, Вероник Хулман.
Содржината на францускиот предлог, протестите против овој предлог и предизвиците на интегративниот пат на земјата, беа дел од темите на кои се разговараше на средбата.
Исклучително е важно да се отклучи патот на интеграцијата преку конструктивен и опсежен преглед на францускиот предлог поддржан од 27-те земји од ЕУ, кој не им наштетува на идентитетот, културните, јазичните и историските карактеристики на нашите сонародници.
Груби истакна дека во овие клучни моменти на државата треба да се дејствува рационално, искористувајќи ја историската можност за решавање на последниот спор со Бугарија.
Амбасадорот Хулман беше информиран од првиот вицепремиер Груби за транспарентниот процес околу францускиот предлог и заедно утврдија потреба од оперативна компактност и сеопфатен ангажман на сите политички актери, академскиот свет, граѓанскиот сектор и сите граѓани за надминување на предизвиците бидејќи е време рационалноста да триумфира над субјективниот протагонизам.
Груби и амбасадорот Хулман се фокусираа и на реакциите предизвикани од објавувањето на содржината на предлогот, во кој случај Груби го осуди насилството употребено на организираните протести, кои беа оценети како непотребни антиевропски и штетни за дестабилизација на земјата.
Македонија
Меморандум за разбирање за размена на податоци помеѓу царините на Северна Македонија и Грција

Во рамките на Форумот за конективност што се одржа во Солун, директорката на Царинската управа Славица Кутиров и гувернерот на Независната управа за управување со јавни приходи Џорџ Ј. Пицилис денеска потпишаа Меморандум за разбирање за размена на податоци помеѓу царините од двете земји.
Потпишувањето на овој меморандум е од голема важност за олеснување на транспортот и трговијата од ЦЕФТА страните кон Република Грција, и отвора можности за понатамошно проширување на Зелените коридори кон ЕУ.
„Особено задоволство ми претставува тоа што токму во годината кога Царинската управа одбележува 30 години од постоењето како независна служба сме дел од овој историски настан и потпишуваме билатерален Меморандум за разбирање за електронска размена на податоци меѓу нашите две институции. Во овој момент, потпишувањето на овој меморандум значи воспоставување на прв Зелен коридор на граничен премин со соседна земја членка на Европска Унија, користејќи ја SEED-платформата за размена на податоци на ЦЕФТА, и со визија за проширување на оваа иницијатива во иднина. Воспоставувањето на Зелени коридори како регионална активност, за првпат беше спроведена во април 2020 година на почетокот на пандемијата, во рамки на ЦЕФТА регионот. Денес, ова позитивно искуство го прошируваме и на Богородица – Евзони, како клучен граничен премин меѓу двете земји и дел од Пан-европскиот Коридор 10. Продолжуваме со оваа иницијатива, и за брзо време очекуваме да ги разгледаме можностите за проширување на соработката и со Република Бугарија“, изјави Кутиров.
Пицилис истакна дека:
„Зелените коридори имаат големо значење не само за поширока трговска и транспортна интеграција на ЦЕФТА страните со соседните земји на ЕУ, туку и генерално за царинската соработка. Царинската служба на Република Грција учествува во спроведувањето на иницијативата за воспоставување на Зелени коридори. Преку Меморандумот за разбирање со Република Северна Македонија, за електронска размена на податоци пред пристигнување на стоки на граничниот премин Евзони – Богородица, сакаме да ја продлабочиме царинската соработка со соседната земја, како во олеснување на трговијата, така и во намалување на недозволена трговија. Работејќи со ЦЕФТА и Транспортната заедница, се стремиме кон дополнително зајакнување на царинската соработка, како и проширување на соработката со другите соседни земји, во целосна согласност со царинското законодавство на ЕУ.“