Македонија
Македонија и Србија потпишаа меморандум за соработка во областа на дигитализацијата

Министерството за информатичко општество и администрација и Канцеларијата за информациски технологии и електронска управа во владата на Република Србија денеска потпишаа меморандум за соработка во областа на дигитализацијата.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, се осврна на важноста од дигиталната трансформација за подобрување на животот на сите граѓани преку едноставни алатки за пристап до услугите што им се потребни.
„Заложбите на Владата за транспарентност, ефикасност при испорака на услугите и отчетност во работењето на институциите се причина поради која донесовме одлука дека е неопходно менување на веб-страниците на Владата и сите министерства. На овој начин ја реализираме и мерката на која сме се обврзале во стратегијата за реформа на јавната администрација, а тоа е подобрена достапност на институциите за сите граѓани“, истакна министерот Манчевски.
Како што рече тој, веб-страниците на институциите се со застарен дизајнерски пристап, се фокусираат само кон вести и соопштенија и не се сервисно ориентирани, односно нудат многу малку услуги за граѓаните. Најчесто не исполнуваат задоволителни стандарди за безбедност, не се пристапни за луѓе со попреченост и не дозволуваат унапредување и посериозно редизајнирање.
Целта што треба да се постигне е новите веб-страници да бидат сервисно ориентирани и насочени кон информирање на граѓаните за работата на институциите, но и за зголемување на транспарентноста преку активно објавување стратешки документи и информации од јавен карактер. Тоа значи дека веб-страниците ќе бидат место каде што граѓаните првенствено нема да се информираат за активностите на министрите, како што е тоа случај сега, туку ќе ги добиваат потребните информации за услугите што им се потребни.
„Во овој процес наидовме на поддршка од Република Србија, односно од Канцеларијата за информациски технологии и електронска управа, која поминува низ сличен процес на трансформација на веб-страниците. Меморандумот за соработка што денеска го потпишуваме има цел размена на знаење и презентација на нивниот концепт. Крајна цел е преку учење од нивното искуство да создадеме веб-страници кои целосно ќе одговараат на потребите на нашите граѓани“, информира министерот Манчевски.
Директорот на Канцеларијата за информациски технологии и електронска управа, Михаило Јовановиќ, изјави:
„Размената на знаења, идеи и искуства, но и регионалното поврзување и овозможувањето на електронските услуги внатре во регионот, е од непроценливо значење за понатамошниот развој на Западен Балкан. Во екот на четвртата индустриска револуција целокупниот регион има можност, ако сме паметни, разумни и посветени, да го надоместиме пропуштеното и базирајќи се на иновациите, знаењето и примената на новите технологии, да создаваме подобра иднина“.
Јовановиќ додаде дека меморандумот за соработка на двете земји во областа на дигиталната трансформација, што беше потпишан денеска, е резултат на добрата соработка меѓу премиерите на Србија и на Северна Македонија, Ана Брнабиќ и Зоран Заев, од една страна, и видливите резултати на владата на Србија на полето на дигитализација на јавната управа и иницирањето на проектот „Србија дигитализира“, од друга.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Турскиот министер Мевљут Чавушоглу во Истанбул прими делегација на ВМРО-ДПМНЕ

Министерот за надворешни на Турција, Мевљут Чавушоглу, денеска во Истанбул беше домаќин на делегација од ВМРО-ДПМНЕ претставувана од потпретседателите на партијата Александар Николоски и Владо Мисајловски, како и генералниот секретар Игор Јанушев.
Од опозициската партија информираат дека на средбата се разговарало за односите и соработката меѓу турската партија АКП и ВМРО-ДПМНЕ како две партии со десничарска ориентација.
„На средбата стана збор и за односите меѓу Македонија и Турција. Се констатираше дека односите се добри, но е потребно подобрување особено во делот на економската соработка и инвестициите. ВМРО-ДПМНЕ планира по победата на изборите да работи силно на привлекување инвеститори“, се наведува во партиското соопштение за средбата.
Теми во разговорот биле и турската заедница во Македонија и културите односи меѓу Македонија и Турција, за што исто така било оценето дека постои простор за дополнително продлабочување.
Македонија
Полесно повредените македонски патници во автобуската несреќа во Србија се враќаат дома

Според последните информации добиени од болницата во Прокупље, каде беа згрижени 16 од вкупно 26 патници повредени откако се преврте македонски автобус кој превезувал патници за Копаоник, сите тие се пуштени на домашно лекување.
Според информациите од МНР, во моментов се очекува да пристигне автобус кој ќе ги превезе кон дома. Повеќе нема згрижени пациенти ни во болницата во Блаце и сите тие се пуштени на домашно лекување.
Една потешко повредена пациентка е хоспитализирана во Ниш и таа ќе биде задржана на понатамошно лекување.
Официјалните резултати за причините за несреќата српските власти сѐ уште не ги доставиле до нашата амбасада во Белград.
Македонски автобус околу 10 часот изутринава се преврте во Србија на магистралниот пат Прокупље – Блаце. Крајната дестинација на патниците билa Копаоник.
Македонија
Заев: НАТО ги зацементира нашите граници, никој веќе не може да ги крчма и раскрчмува

Никој повеќе не може да ги крчма и раскрчмува нашите граници, го потврдивме нашиот суверенитет, истакна премиерот и претседателот на СДСМ, Зоран Заев на граѓанската трибина во Битола.
„Успеавме драги сограѓани, ние сме 30-та членка на најмоќниот сојуз“, порача Заев повикувајќи се на членот 5 кој, како што рече, потврдува дека доколку една земја е нападната, тоа е напад на сите 30 членки на алијансата.
Премиерот тврди дека ова е доказ за сигурнуста и безбедноста на македонските граници.
„Го извадивме нашиот имотен лист во катастарот на Обединетите Нации. Ние секаде сме Македонци со македонско знаме и зборуваме македонски јазик, затоа гордо можам да заклучам дека успеавме“, додаде премиерот на граѓанската трибина.
- Топ3 месеци
Газда полеан со бензин, а неговиот џип запален во Кисела Вода
- Забава3 месеци
Дошла на преглед поради постојан замор, а докторите ѝ рекле дека ќе умре за 72 часа
- Култура3 месеци
„Болка и слава“ на Алмодовар го отвора фестивалот „Браќа Манаки“, кинематограферот Алкаине гостин во Битола
- Книги2 месеци
Промоција на „Небо во кафез“ од Д.А. Лори
- Црна хроника2 месеци
Се урна тераса во Скопје – повредени татко и неговите три малолетни деца
- Hitech3 месеци
(Видео) Возач и совозач во „тесла“ спијат додека автомобилот вози со 100 на час
- Култура1 месец
Десет најчести прашања и одговори за програмата „Креативна Европа медиа“ на „Синедејс“
- Црна хроника3 месеци
Деветнаесетгодишник со автомобил удрил во девојче во Кавадарци