Македонија
Македонска делегација во Брисел за старт на пристапните преговори со НАТО
Делегацијата на Владата, предводена од заменик-претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заедно со националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, ја отворија денешната сесија со помошник-генералниот секретар на НАТО, амбасадорот Александро Алваргонзалес, и со тимот на НАТО за преговори со Македонија.
Помошник-генералниот секретар на НАТО, амбасадорот Александро Алварогонзалес, посакувајќи им добредојде на членовите на македонската делегација истакна дека стартот на пристапните разговори е резултат на долготрајната подготовка и заедничка соработка меѓу НАТО и Македонија на планот на остварување на политичките и воено-безбедносни стандарди за членство во алијансата.
Во своето обраќање, Шекеринска потврди дека нашата земја е целосно подготвена да ги прифати обврските што произлегуваат од договорот од Вашингтон, како основачки акт за НАТО кој ги уредува принципите за членство во алијансата, и дека со целосна посветеност ќе учествува во структурите и политиките на НАТО.
Таа заклучи дека Македонија постигна забележителни успеси во реформите и тие се препознаени како исполнување на стандардите од сите земји членки на НАТО. Шекеринска рече дека во оваа фаза останува последниот чекор што треба да биде направен – пратениците во Собранието да го одобрат договорот од Преспа како единствен пат до целосната реализација на членството во алијансата.
Националниот координатор за НАТО на Република Македонија, Стево Пендаровски, информираше за сите потребни активности и мерки за исполнување на бараните цели наведени во Планот за спроведување на процесот на пристапување, подготвен од Комитетот за интеграција во НАТО на министерско ниво, како и од Работниот комитет за интеграција во НАТО.
Пендаровски додаде дека согласно со Планот, веднаш почна реализацијата на обврските што произлегуваат од пристапните разговори, од кои најголемо внимание беше посветено на Програмата за продолжување на реформите, во која примарниот фокус е ставен на реформите во одбраната и безбедноста, како и во областите како што се владеењето на правото, судската реформа, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на јавната администрација, реформите за следење на комуникациите и разузнавачките служби.
Како дел од агендата од оваа сесија преговори во седиштето на НАТО во Брисел, заменик-претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, имаше одделна средба со заменик-генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемелер. Двете соговорнички на средбата се согласиле дека стартот на пристапните преговори е потврда дека Македонија е на вистинскиот пат, дека поддршката на алијансата за земјата останува и ќе се оствари исклучиво со реализација на договорот од Преспа, и дека како историска се очекува одлуката на пратениците во македонското Собрание.
Дводневната сесија од завршната фаза на пристапните разговори за членство во алијансата на Република Македонија во седиштето на НАТО во Брисел, продолжува и утре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ангелов за ДУИ: Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата
Колку и да е убедлива, победата нема да биде комплетна доколку ДУИ не биде срушена од власт, вели претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов по првиот круг од претседателските избори.
„Затоа е потребна општа мобилизација за уште посилна победа на коалицијата “Твоја Македонија” предводена од ВМРО ДПМНЕ. Граѓаните ги отпишаа СДСМ, да запнеме сите заедно да ги отпишеме и ДУИ. Овојпат ДУИ мора да падне! Со пушка дојдоа на власт, со пенкало да ги отераме на буништето на историјата!“, порача Анеглов.
Ангелов пред еден месец соопшти дека неговата партија излегува од коалицијата предводена од СДСМ.
Тој со години се залагаше воените инвалиди и семејства на загинатите бранители да бидат обештетени, но немаше слух од своите коалициони партнери. Како што самиот рече, добивал поддршка од премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но поради противењето на ДУИ тоа не се случило.
Македонија
Стевчо собра повеќе потписи од гласови – поразот на Јакимовски главна тема на социјалните мрежи
Кандидатот за претседател на ГРОМ и актуелен градоначалник на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на вчерашниот прв круг од претседателските избори освои само 8.103 гласа, односно 0,90 %. Тоа е помалку од бројот на собрани потписи за претседателската кандидатура зад која му се потпишаа 10.000 граѓани.
Јакимовски во неговата општина освои 2.143 гласа, а во родната Крива Паланка за Јакимовски гласале 182 граѓани.
Тој вчеравечер призна пораз и ѝ честиташе водство на Гордана Силјановска-Давкова. Додаде дека не е задоволен од изборниот резултат.
Поразот на Јакимовски вчера беше главна тема на социјалните мрежи.
Стевчо Јакимовски ни комшиите не го гласале. Пошо да го гласаа ќе тепаше у прв круг.
— Ракун (@HumoroidM) April 24, 2024
Стевчо има повеќе квадрати во една општина свои отколку гласови
— БУГАРСКИ ПАСОШ🇲🇰 (@NemamBgPasos) April 24, 2024
Стевчо им се заблагодари на сите коишто гласаа за него… поединечно
— Dimano (@dimanovski) April 24, 2024
И доктортот Нико Беќаровски за него објави хумористичен статус.
„Стефчо Јакимовски собра повеќе потписи од гласови“, напиша тој на „Фејсбук“.
Стевчо Јакимовски во првиот круг заврши последен по бројот на гласови на претседателските избори.
Македонија
Почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро
На 75 години денеска почина менаџерот Велибор Џаровски-Џаро по кусо боледување, потврди семејството. Тој важи за еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија.
Тој соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, а беше познат и како крал на местенките во фудбалот.
Соработуваше со големи музички ѕвезди, како Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгоевиќ, „Бјело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена.
Своевремено има изјавено дека организирал 5.000 концерти и многубројни турнеи во повеќе од тридецениската кариера како менаџер.