Македонија
Маричиќ: Културата ја надминува политиката и ги зајакнува врските меѓу народите

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ во рамки на Самитот ,,Отворен Балкан” го отвори и водеше панелот посветен на соработка во областа на културата, на кој се обратија и министерките за култура на Северна Македонија, Бисера Костадиновска Стојчевска, Албанија, Елва Маргарити и Србија, Маја Ѓоковиќ.
-Наша обврска е да вложиме напори за зачувување на културното и во исто време да инвестираме во уметноста и креативноста на поединците како придонес кон развојот на културата, но и други области кои имаат директно или индиректно влијание врз култура, рече на панелот вицепремиерот Маричиќ.
Националниот ИПА координатор кажа дека соработката веќе е активна со соседските земји во областа на културата и предмет на финансирање од Европската Комисијата на многу скромен, но значаен начин, посочувајќи неколку проекти од прекуграничната програма.
-Со Грција тоа беше преку културен проект за финансирање на изучувањето на грчкиот јазик во Пелагонискиот регион. Исто така, секоја година фестивалот „Охридско лето“ нè потсетува дека зачувувањето на Античкиот театар, со средства од ЕУ, денес ни овозможува домаќинство на многу културни настани на единствен локалитет, а истовремено Охрид го прави автентичен во културното наследство, истакна Маричиќ.
За вицепремиерот Маричиќ културата е многу моќна алатка која ги надминува политиката, религијата, јазикот и се друго што не разделува, ставајќи акцент на програмата на ЕУ „Креативна Европа“ . која ги обединува уметници од целиот свет, и покрај разликите, и покрај границите, додаде Маричиќ на панел дискусијата на тема: „Отворен Балкан ја отвора културата“.
На крај испрати порака дека треба да се искористат фондовите на ЕУ за отворениот балкански регион за да се подобрат врските и односите на нашите граѓани преку културата и уметноста, со што ќе се даде наш придонес во културно богатата и диверзифицирана Европа, зачувувајќи го нашето културно наследство од минатото, а славејќи го она што е важно за нашата иднина.
Министерките за култура упатија пораки за интензивирање на културната соработка во регионот преку заеднички иницијативи и преку соработка со која ќе бидат рехабилитирани објектите кои се културно наследство преку проекти финансирани од ИПА, како и можностите кои ќе се отворат за уметниците и културните работници, но ќе придонесат и во развојот на културниот туризам во овој дел на Европа. Тие се согласија дека има бројни области во културата во кои има потенцијал за здружување и соработка со кои ќе се постигнат значајни резултати за целиот регион.
Во рамки на Самитот потпишани се четири меморандуми за соработка, од кои еден меморандум за разбирање за културна соработка во Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Парада на гордоста во Скопје под мотото „Излези за љубов! достоинство, еднаквост, правда“

Под мотото „Излези за љубов! достоинство, еднаквост, правда“ во Скопје се одржува третото издание на „Скопје прајд“. Учесниците на парадата се собраа во паркот „Жена борец“, а маршот низ скопските улици ќе заврши во градскиот парк до стадионот на АРМ.
Учесниците на маршот побараа да се почитуваат нивните права и различности, како и да нема дискриминација по ниту една основа. Парадата на гордоста ја обезбедуваат голем број полицајци.
На маршот му се приклучја и амбасадорката на САД Кејт Брнз како и министрите Јована Тренчевска и Бојан Маричиќ.
Во текот на денот поддршка за Скопје прајд дадоа и претседателот Стево Пендаровски и премирот Димитар Ковачевски.
Македонија
Тренчевска: Преку кампањата „Подај рака и промени живот – стани згрижувач!“, ја подигаме свеста на значењето на згрижувачките семејства

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска вчера вечер во Битола, присуствуваше на кампањата „Подај рака и промени живот – стани згрижувач!“ во организација на СОС Детско село во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Заводот за социјални дејности, Центрите за поддршка на згрижувачките семејства, Центрите за социјална работа и локалната власт. Целта на кампањата која започна од почетокот на месец јуни, е подигање на свеста за значењето на згрижувачките семејства и нивната улога во општеството.
Тренчевска се осврна на политиките и преземањето на конкретни активности, на Владата и министерството за труд и социјална политика, кои се во насока на унапредувањето на детската заштита.
„Министерството за труд и социјална политика, преку законски решенија, стратегии, програми и активности работи на создавање на услови за секое дете, да расте и се развива во средина блиска на семејната. Правилниот избор на формата на заштита на децата без родители и родителска грижа им овозможува на децата развивање во здрави личности кои ќе треба да ја понесат одговорноста како возрасни лица подготвени за иднината,“ рече министерката.
Таа истакна дека, Министерството спроведувајќи го процесот на деинституционализација има преземено низа активности за развој на оваа форма на заштита преку донесување на законски и подзаконски акти, упатства и програми за работа, како и обуки на стручните работници во насока на зголемување на бројот и квалитетот на згрижувачките семејства. Како и дека, на полето на развој и унапредување на услугата сместување во згрижувачко семејство се прават напори да се прошири мрежата, да се подигне квалитетот на грижа во постоечките згрижувачки семејства и да се развијат специјализирани згрижувачки семејства.
Се осврна и на воспоставувањето на Центрите за поддршка на згрижувачки семејства кои ја промовираат услугата згрижување во семејство, подготовка, проценка и обука на идни згрижувачки како и да ги следи и дава поддршка на постојните згрижувачки семејства.
„СОС Детско село кој е наш долгогодишен партнер во грижата за децата без родители и родителска грижа. И сосема природно е да се вклучи во овој процес преку воспоставување на Центар за поддршка на згрижувачки семејства во рамките на установата.
За оваа услуга Министерството за труд и социјална политика склучи договор со СОС Детско село за финансиска поддршката на 60 згрижувачки семејства.
На ниво на држава, воспоставени се три центри за поддршка на згрижувачки семејства, тоа се центрите при СОС Детско село, Детскиот дом „11 Октомври„ Скопје и Домот за доенчиња и мали деца во Битола. Во моментот во државата има 327 згрижувачки семејства во кои се сместени вкупно 559 корисници.
Кампањата е организирана со поддршка на проект, кој го води СОС Детско село со поддршка на Министерство за труд и социјална работа. Проектот е наречен Право на семејство – „Унапредување на системски недостатоци – Поддршка на реформите во системот за заштита на деца”.
Македонија
Осуда од македонското МНР за написите „Македонија е Бугарија“ во парламентот во Софија

Македонското Министерство за надворешни работи најостро ги осудува вчерашните написи „Македонија е Бугарија“, кои можеа да се видат во рацете на дел од пратениците за време на заседанието за првата точка на Народното собрание на Република Бугарија, но и усмено пренесени од говорница, за време на истата седница.
Од МНР велат дека таквите пораки се спротивни на европските демократски вредности, но и спротивни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и не придонесуваат во негувањето на принципите и духот на Договорот.
„Република Северна Македонија очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Северна Македонија, како крајно непримерен акт кон соседна пријателска држава“, велат од МНР.
Министерството врачило соодветна вербална нота со оваа содржина до бугарското Министерство за надворешни работи.