Македонија
Маричиќ од Брисел: Секој отпор на ЕУ кон Западен Балкан ќе го поткопува нејзиниот кредибилитет во регионот

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, кој е во официјална посета на Брисел, денес после остварените средби со генералниот секретар на Европската служба за надворешно дејствување, Стефано Санино, со вршителката на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот Директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата, Микела Матуела а ќе разговара и со Симон Морду, главниот советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот Совет, Мишел, вели дека мора лидерите на ЕУ да го искористат овој историски момент и да одговорат на актуелната криза со официјализирање на европската перспектива на регионот.
„Вистинско време, кое мора да го искористиме, за старт на преговорите на Унијата со Северна Македонија и Албанија. Секој отпор и воздржаност на ЕУ кон Западен Балкан дополнително ќе ја намалува атрактивноста на Унијата и ќе го поткопува нејзиниот кредибилитет во регионот. Наша стратешка определба е членство во Европската Унија и би било добро годинава да се дефинира политиката на проширување, во насока на кредибилно партнерство и со поголема посветеност кон кандидатите и потенцијалните кандидати“, посочи вицепремиерот Маричиќ на средбата со средбата со генералниот секретар на Европската служба за надворешно дејствување, Стефано Санино.
Санино потврди дека Европската служба за надворешни работи ја цени нашата проевропска ориентација, а нашата земја, како и целиот регион, е стратешки партнер на Унијата.
На средбата со Симон Морду, главниот советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот Совет, Мишел, вицепремиерот Маричиќ ја потенцираше важноста за понатамошен поинтензивен ангажман и посветеност на ЕУ во овој момент на Западен Балкан, со што ќе се потврди стратешко партнерство на Северна Македонија со Унијата и општо стабилноста на овој регион за Европа.
Вицепремиерот Маричиќ низ отворен и конструктивен разговор со вршителката на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот Директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата, Микела Матуела, направи преглед на постигнатиот напредок на европската агенда, потенцирајќи го интензивното работење на Владата за исполнување на задачите и критериумите за почеток на преговорите, со посебна посветеност на европската реформска агенда, што е нотираат во сите меѓународни извештаи.
– Западен Балкан не само географски туку и вредносно припаѓа на ЕУ и сите земји од регионот треба да станат членки на Унијата кога ќе ги исполнат условите за тоа. Ние одамна ги имаме исполнето и време е лидерите на ЕУ да покажат лидерство и да ја потврдат посветеноста на Унијата на Западен Балкан и неговата европска перспектива. Почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија ќе биде успех за целиот регион, рече Маричиќ на средбата со Матуела.
На средбите беа поздравени напорите на нашата земја за спроведување на реформите и целосното усогласување на надворешната политика со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, како и дека нема промена во надворешнополитичкиот курс на ЕУ и дека Северна Македонија е перципирана како полноправна членка на европското семејство.
Утре вицепремиерот Маричиќ агендата во Брисел ќе ја започне со брифинг на Работната група на Советот на Европската унија за Западен Балкан/Проширување (КОВЕБ/КОЕЛА), на кој ќе информира за напредокот на земјата во реформите во насока на подготовка на земјата за почеток на преговорите за членство со Европската Унијата, по што ќе следи средба со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји и со координаторот на Европската Комисија за Северна Македонија, Марк Јорна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Прекината седницата во Собрание за продолжување на работниот ангажман на судиите и обвинителите

Вечерва во Собранието продолжи 75. седница со две точки на дневниот ред, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година и Предлог на закон за дополнување на Законот за работните односи, двата по скратена постапка.
Претседателот на Собранието – Талат Џафери информираше дека нема услови за разгледување на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година зошто се уште не поминат на соодветната комисија.
Предлог-законот за дополнување на Законот за работните односи се однесува во делот на престанок на договорот за вработување, со предвидување на исклучок за судиите и јавните обвинители и предвидување одредби за продолжување на нивниот мандат. Временската важност на овие одредби, се предлага да трае најмногу до три години се со цел да се постигне пополнетост на местата во судовите и јавните обвинителства.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ – Никола Мицевски имаше процедурална забелешка. Тој обвини, за како што рече, нов преседан и скандал на власта бидејќи првпат во историјата на Парламентот се закажува седница веднаш по завршувањето на седницата за пратенички прашања.
Укажа дека седницата доцнела повеќе од 30-тина минути.
Според него, власта и претседателот на Собранието Џафери прават ново насилие во Собранието, праша зошто им се брза со законот и укажа дека ова законско решение се носи да се продолжи мандатот на петнаесетина судии и десетина обвинители.
Претседателот на Собранието Талат Џафери се повика на Деловникот на Собранието и на почитување на законите. Ја прекина седницата и рече дека за нејзиното продолжување пратениците ќе бидат дополнително информирани.
Македонија
Мицевски: Се случува нов преседан во Собранието и нов скандал на власта

„Денес се случува нов преседан во собранието и нов скандал на власта. За првпат во историјата на Парламентот се закажува нова седница веднаш по завршувањето на седницата за пратенички прашања, и тоа седница посветена на спорниот Закон за продолжување на рокот за пензионирање на судиите“ рече попладнево на прес-конференција координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Тој смета дека „досега невиден скандал е што закон кој предизвика инцидент за време на комиската расправа, сега на шверцерски начин, полутајно и на сила се турка да помине веднаш по седницата за пратенички прашања“.
„Одговорот зошто власта и претседателот на собранието Џафери прават ново насилие во собранието и зошто им се брза со законот, е поради тоа што јавна тајна е дека ова законско решение се носи да се продолжи мандатот на петнаесетина судии и десетина обвинители кои носат партиски и политички одлуки диктирани од криминалното двојство СДСМ-ДУИ.
Со овие обвинители и со овие судии СДСМ-ДУИ го штитат сопствениот криминал, и изработуваат политички монтирани процеси против опозицијата. СДСМ и ДУИ со законот штитат криминал“ вели Мицевски.
Посочи дека „ова е јасен показател дека СДСМ и ДУИ го губат тлото под нозе, а целатаа јавност е сведок на тоа дека пред полноќ ќе носат штетен закон за сите граѓани“.
Македонија
Ковачевски до Стојаноски: Јавниот сектор треба да има поголеми плати

„Зголемување на платите во јавниот сектор ќе има и воведување на методологија за пораст на платите која што ќе зависи, како од порастот на трошоците за живот, од зголемување на просечната плата, така и од зголемувањето на перформансите на работниците“. Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски во одговор на пратеничко прашање од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Ковачевски истакна дека продолжува социјалниот дијалог со ССМ.
,,Во јавниот сектор има вклучително и нас овде сите, 132 илјади работници и тие работници својата плата ја примаат од работниците во приватниот сектор. Работниците во приватниот сектор кога работат тогаш тие ја заработуваат својата плата, плаќаат персонален данок од својата заработка што ја заработиле, плаќаат пензиско и инвалидско осигурување, плаќаат социјално осигурување и ги плаќаат останатите давачки кон државата. Ние што работиме овде ништо од тоа не плаќаме, тоа ни го плаќаат даночните обврзници, даночни обврзници се тие кои што го полнат Буџетот од сумата која што ја остваруваат како приходи, дополнително и даноците кои што компаниите ги плаќаат како Данок на добивка, која што добивка пак ја остваруваат работниците во тие компании” – рече Ковачевски.
Тој истакна дека социјален дијалог со ССМ се однесува на вработените точно во јавниот сектор.
„Вработените во јавниот сектор треба да имаат поголеми плати, но дијалогот треба да се води на 3 теми, првата тема е зголемување на платите на вработените во јавниот сектор, вклучително и на сите овде пратеници, министри, претседател на Влада, институции и т.н, во која што методологија нема да биде земено само зголемија палтата, која што ќе ја платат вработените во приватниот сектор, туку треба да биде земено во предвид и зголемувањето на продуктивноста на трудот и давање на повисоки услуги на тие кои што ги обезбедуваат тие финансиски средства. Што значи дека таму разговараме за воведување на методологија која што ќе треба да обезбеди зголемување на платите, исто како што донесовме методологија за зголемување на минималната плата од година во година”, рече премиерот.