Македонија
Маричиќ: Реформите, политичкиот дијалог и користењето на европските фондови пресудни за преговори со ЕУ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во своето обраќање на годишната конференција „Година на нови можности“ рече дека 2022 година е најуспешната година на европските интеграции и дека е клучна пресвртница во нашите односи со Европската Унија, посочувајќи дека годинава акцентот ќе биде ставен на скринингот, реформите и уставните измени.
„Можеме да забележиме дека има разлика во нашиот статус и во начинот на којшто комуницираме со Европската Унија оваа година. Што е тоа што не очекува и ни е најважно е секако успешен завршеток на скринингот и креирање на оние неопходни документи коишто се предуслов за отворање на првиот кластер. Важна е и политичката димензија на европските интеграции, а тоа е обезбедување на вистински политички консензус за европски интеграции, не само на зборови, туку и на дела, со комплетирање на уставните измени и продолжување на овој процес понатаму“, изјави Маричиќ.
Кажа дека областите од кластерите „Темелни вредности“ и „Внатрешен пазар“ ќе бидат главните теми за 2023 година.
„Ние требало, уште пред да ги добиеме скрининг Извештаите на пролет, да започнеме да ги работиме клучните документи, патоказите, коишто се предуслов за отворање на првиот Кластер. Овој динамичен пристап на преговори ни овозможува да одиме побрзо таму каде што сме поподготвени, а таму каде што не сме подготвени да бидеме успорени, но имаме и можности да забрзаме толку колку што треба и таму каде што треба. Тоа е предност, но тоа е воедно и одговорност и товар“, потенцираше Маричиќ.
Според него, доколку ние го завршиме скринингот успешно, доколку до пролет ги изготвиме Патоказите, можеме да очекуваме дека до почетокот на летото е возможно и тие документи да се најдат пред Советот на министри на Европската Унија на разгледување. Тоа значи дека што поскоро и што побрзо ја завршиме политичката димензија, втората димензија на европските интеграции, а тоа е комплетирање на уставните измени и остварување на оној неопходен консензус за движење понатаму, толку побрзо ќе се движиме напред, појасни на панелот Маричиќ укажувајќи дека нема веќе изговори дека некој нè блокира или дека чекаме некоја држава членка да пушти сигнал. Сигналите се тука, се е напишано на хартија, и треба да го направиме тоа, порача Маричиќ на панелот „ЕУ интеграции и реформски процеси“ во рамки на годишната конференција „Година на нови можности“, која се одржа по повод година дена од работа на Владата.
Маричиќ кажа и дека во оваа фаза на процесот на преговори важно е максималното искористување на сите можности за обезбедување на финансиска помош од Европската Унија, којашто не е мала, и не е безначајна, особено во овие моменти на криза.
„Околу 100 милиони евра годишно добиваме само европски средства. Нашата идеја е да продолжиме со координација на донаторите, што е многу важно, за да успееме заеднички нивната координација да ја доведеме во врска со Националниот план за развој или стратегија за развој, којшто треба долгорочно да ги определи приоритетите, за да секој понатаму, кога доаѓа или во Владата, или во државата, има увид во тоа кои се приоритетите, за што имаме обезбедено повеќе домашен домашни средства, за што имаме обезбедено пари од ЕУ, а каде навистина се потребни дополнителни средства“, рече Маричиќ.
„Мислам дека крупните инфраструктурни проекти ни се на увид, тоа граѓаните можат да го видат. Коридорот 10 е завршен, Коридорот 8 се работи, целата помош во енергетика околу фотоволтаичните станици низ државата што се градат, сето тоа е многу битна компонента на странска помош. Инфраструктурата е во фокусот, и енергетиката, и така треба и да остане“, посочи тој.
Маричиќ посочи дека Владата навистина ги има евроинтеграциите како свој приоритет, и порача тоа да се прелее и на другите политички партии, политички субјекти во Собранието и со трезвен пристап и со ладни глави сите да направат нешто за што граѓаните ќе им бидат благодарни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Температурите во среда и четврток ќе паднат под нулата

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Управата за хидрометеоролошки работи ги информираат земјоделците дека во наредните денови 29 и 30 март (среда и четврток) земјата ќе биде зафатена од ниски температури под нулата.
Минималните температури на 29 март ќе изнесуваат -5 степени во Крива Паланка, -4 во Ресен и Битола, -3 во Прилеп и Тетово, – 2 во Скопје, Струмица и Кочани, -1 во Демир Капија и Штип, додека 0 степени ќе биде минималната температура во Кавадарци. За 30 март пак минималната температура ќе изнесува -4 степени во Крива Паланка, – 3 во Битола, -2 степени во Струмица, Ресен и Тетово, а -1 во Скопје и Прилеп.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство апелира до земјоделците навремено да преземат мерки за заштита на овошните насади од измрзнување.
Македонија
Лукаревска со новоизбраните претседатели на партиските комисии: Ветеното го исполнуваме, растат платите и пензиите

Заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска денеска одржа работен состанок со новоизбраните претседатели на партиските комисии.
На средбата се разговараше за актуелни теми, процесот на комплетирање на составите на комисиите, динамиката на следните активности, како и степенот на реализација на Програмата од изборите во 2020 година по соодветни области.
„Комисиите се важен дел од функционирањето на партијата, особено во креирањето на мерките и политиките за Програмите на СДСМ. Огромен дел од клучните ветувања во Програмата за парламентарните избори во 2020 се веќе реализирани или се во фаза на реализација. Година и половина пред предвиденото минималната плата надмина 20.000 денари, а просечната стигна на 34.000 денари, истовремено го зголемивме и лимитот за поврат на Мој ДДВ на 2.100 денари по тромесечје. Тоа е доказ дека нашите комисии се капацитетни, дека знаат да направат сериозни процени и навистина да креираат остварливи решенија во интерес на граѓаните и државата“ порача Лукаревска.
Пред присутните Лукаревска најави дека во периодот што следи ќе започнат различни активности околу подготовка на новата програма, затоа што како што истакна таа, навременоста и инклузивниот процес се клучот за создавање одржливи решенија.
Македонија
Директорот на ДУИ во Државни патишта за косење трева склучил договор од 2 милиони евра, реагира Николоски и укажува на корупција

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски го обвини директорот на ЈП Државни патишта од ДУИ, Ејуп Рустеми дека склучил договор за тендер за косење на трева, кастрење на гранки и сечење на дрвја во вредност од над 2 милиони евра.
„Ова е еклатантен пример за криминал и корупција кој што се случуваат во Македонија“, напиша Николовски на својот профил каде го прикажа и договорот за тендерот.