Македонија
Маричиќ: Судиите и обвинителите треба да уживаат највисок углед, но и да се погрижат законот да важи еднакво за сите
Во свечената сала на Врховниот суд се одржа свечена церемонија за одбележување на почетокот на обуката за слушатели на VII генерација во Академијата за судии и јавни обвинители.
Во своето воведно обраќање министерот за правда, Бојан Маричиќ, истакна дека Академијата за судии и јавни обвинители има обврска да преземе активности кои преку едукативниот процес ќе изгради независни и непристрасни судии и јавни обвинители, со фокус на нивните професионални вештини, интегритет, стручност, лична способност и социјални вештини.
Маричиќ истакна дека судиите и обвинителите треба да уживаат највисок углед во општеството, но и дека новата генерација на судии и обвинители треба да внесе нова енергија во правосудството и на дело да се докаже.
Задача на идните судии и обвинители е да се погрижат законот да важи еднакво за сите, истакна министерот Маричиќ, кој дополни дека „власта“ која им е доделена на судиите и јавните обвинители е тесно поврзана со вредностите правда, еднаквост, непристрасност, вистина и слобода и тие како носители на правосудната власт носат одлуки кои во голема мера ги засегаат животите на луѓето и овозможуваат нормално функционирање на општеството.
Секој судија и јавен обвинител поединечно би требало да стори сè за да ја одржува судската независност на институционално и лично ниво, да имаат еднаква почит и третман на странките со избегнување секаква пристрасност и дискриминација. Подеднакво важно, судиите и обвинителите треба активно да соработуваат со медиумите и редовно да ја информираат јавноста за случувањата, истакна Маричиќ.
„Општество со бестрашни обвинители и судии може да стави крај на корупцијата и организираниот криминал, може да го подобри угледот на државата надвор и да ги задржи младите во државата бидејќи ќе знаат дека правосудниот систем функционира, а државата работи за нив и во нивно име. Правдата е во ваши раце и направете граѓаните да видат дека се прави! И запаметете, кога еден ден ќе ја поминете целата Академија и ќе бидете избрани, секогаш носете пресуди во име на граѓаните и немојте тоа да го заборавите затоа што ним им служите. Храброст, транспарентност и етика нека зрачат од вас и вашата работa“, истакна Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Шкријељ: Понудата на ДПМНЕ е понуда за блокада на ЕУ, над 80 проценти од листите се истите пратеници
Составот на кандидатските листи за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ потврди дека нема никаква промена во оваа партија. Ова е понуда за блокада на европскиот пат на државата, тоа е кристално јасно, истакна на денешната прес-конференција Санела Шкријељ, пратеничка на СДСМ.
„Над 80% од предложените кандидати за пратеници се истите кои досега спроведуваа активна блокада на македонското Собрание.
Освен блокада на европскиот пат на државата повеќе од 2 години Собранието е под опструкции, блокади, кочење, од страна на ВМРО-ДПМНЕ
Наместо за интересот на граѓаните и државата се спроведуваа теснопартиски инетерси а често слушнавме и навреди и омаловажувања кон жените-пратенички.
Во време на криза во Собранието ја блокираа помошта за граѓаните и компаниите.
Беа против минималната плата и раст на платите и против членството на државата во ЕУ.
Тропаа и вревеа со вувузели во парламентот“, вели таа.
Оценува дека граѓаните беа сведоци на одолговлекувања, бесмислени реплики, штанцање илјадници амандмани за блокада на законите, незакажување седници и неставање на дневен ред на клучни закони во парламентарните комисии, предводени од опозицијата.
Со истите лица на листите, Белата палата, според Шкријељ потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад.
В„о ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена и не можат да донесат никакви промени на подобро, напротив.
Затоа, кристално јасно е.
Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност, враќање 10 години назад со ДПМНЕ далеку од ЕУ“, прецизира пратеничката на СДСМ.
Скопје
В недела посебен сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи известува дека на 31.3.2024 (недела), со почеток во 9 часот, поради одржување атлетска трка на 10 км, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот на манастирот „Св. Пантелејмон“ и обратно, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот.
Македонија
Левицата: Решението за градба кај болничкиот комплекс Воена болница да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.