Македонија
Маричиќ: Oчекувам резултат од нашата работа за правилно и брзо движење на земјата кон ЕУ

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска се обрати до јавноста на прес-конференција, на која го објасни процесот на почнување на преговорите за полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската Унија.
„Досега преземените чекори од Северна Македонија се цврста основа за подобро справување со предизвиците што ќе дојдат понатаму во процесот, сега кога преминуваме во следната фаза од нашите пристапни разговори“, рече Маричиќ додавајќи дека скринингот е аналитичка презентација на состојбата во земјата кандидат за членство во Унијата во однос на нејзиниот степен на усогласеност со правото на ЕУ.
Според вицепремиерот Маричиќ, скринингот е формална и техничка операција што ја врши Европската комисија, која е неопходна и многу важна за да добиеме јасен преглед каде стоиме и што треба да направиме во годините што следуваат, а со цел да станеме рамноправна земја членка на Унијата и нагласи дека скринингот ќе се состои од две фази, и тоа објаснувачки, каде што Европската комисија на земјата кандидат ѝ ги презентира клучните правни акти за секое поглавје и билатерален скрининг, каде што Северна Македонија ќе го презентира степенот на усогласеност на националното законодавство во согласност со презентираните акти на ЕУ за време на објаснувачките состаноци, институционалните капацитети и спроведувањето на законите.
Вицепремиерот Маричиќ потенцира дека со новата методологија за пристапни преговори во 2020 година скринингот ќе се одвива на ниво на кластери по исполнувањето на одредниците за отворање (доколку ги има), а затвoрањето ќе биде на ниво на поглавје по исполнување на одредниците за затворање.
„Со затвoрањето на сите поглавја во еден кластер, ќе се затвори и кластерот, без други дополнителни услови. Врз основа на билатералниот скрининг, Комисијата подготвува извештај за скринингот и го презентира на Советот, кој одлучува за почнување на преговорите по препорака на Комисијата“, дополни Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ најави дека првиот скрининг-извештај за кластерот „Фундаментални вредности“ го очекува во првиот квартал од 2023 година и информира дека за овој кластер треба да се подготват три патокази, кои ќе треба да ја рефлектираат политичката заложба за спроведување на клучните стратешки реформи преку дефинирање краткорочни и среднорочни цели.
На прес-конференцијата Маричиќ ја претстави и временската рамка во која се очекува да се реализира објаснувачкиот скрининг според поглавја заедно со билатералниот скрининг. Календарот на состаноци го дефинира Европската комисија и врз основа на она што им било презентирано на состанокот за отворање на скринингот како начелен календар на ЕК (кој може да претрпи одредени измени) може да се види дека ќе нѐ очекува динамичен период, со оглед на тоа што процесот на презентирање на новото законодавство почнува од септември оваа година, а паралелно во период од 15-ина месеци ќе се одвива и билатералниот скрининг, односно Европската комисија планира овој процес да заврши до ноември 2023 година.
„Пред нас е долгорочен процес, кој ќе зависи од сите нас и за кој е потребен ангажман од сите затоа што на крајот најважен ќе биде резултатот од нашата заедничка работа за правилно организирање на земјата и нејзино водење во Европската Унија“, рече Маричиќ изразувајќи верување во капацитетите на државните органи дека со силна мотивација, заложба и труд патот до полноправното членство ќе биде лесен и брз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пари за луксуз власта има, а за Охридски маратон нема, ВМРО-ДПМНЕ и Пецаков ќе го организираат маратонот

Се што фатија СДСМ се уништија. Секоја традиција поврзана со државата и историјата на државата, па макар било и спортска традиција неспособната власт се обидува да ја уништи. Со години СДСМ и Пендаровски, Охридскиот маратон го уништувале, за да оваа година стават печат на згаснувањето на 60 годишна спортска традиција за Охрид, но и Македонија. Со години како организатори, но и покровители СДСМ и Пендаровски не ги исплаќале наградите и наградниот фонд на учесниците. Срамота и брука, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека плашејќи се да не бидат поврзани со поддршка на било каква македонска традиција или некоја манифестација, без тронка срам се откажаа од оваа меѓународна манифестација, која ја промовираше државата во европски, но и светски рамки. Пари за партиски забави како онаа за Рамковниот договор има, пари за луксуз на министрите на СДСМ и ДУИ има, пари за нови автомобили на министрите има, ама пари за организирање на Охридски маратон оваа криминална власт нема.
Власта соочена со гневот и критиката на охриѓани, но и на сите граѓани проба да спаси нешто кое се обиде да го уништи. Прочитана книга се, СДСМ и Ковачевски знаат само да уништуваат и крадат. ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, нема да дозволат да згасне оваа спортска манифестација.
Со сите расположливи средства, но и со мотив за продолжување на традицијата стара 60 години, општина Охрид ќе го организира овој маратон. ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Пецаков, уште еднаш покажаа дека знаат како да работат и како се почитува традицијата на Македонија. Охридски пливачки маратон и оваа година ќе има, се вели во соопштението.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Понижувањата од СДСМ резултираа со одлуките на Комисијата со која се прифаќа бугарскиот наратив за историјата на Македонија

Поразите и понижувањата се секојдневие со власта на СДСМ. СДСМ потпиша договор со Бугарија во 2017 со кој дозволи историјата да влезе како критериум за добрососедство. Потоа СДСМ дозволи да се создаде Комисија за историски прашања која треба да ги ретушира македонските учебници за историски личности и настани по бугарски терк. Како продолжение на сето ова беше прифаќањето на Преговарачката рамка, а потоа и потпишувањето на Протоколот, преку кои СДСМ прифати историските теми да станат предуслов за евроинтеграциите за Македонија, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека резултатот од сите овие понижувања во низа се одлуките на Комисијата која ги задоволува барањата на Бугарија. Со други зборови се прави прекин на континуитетот на постоење на македонскиот народ на овие простори. Штетноста на измеќарската политика на СДСМ се гледа во одлуките на Комисијата за средниот век, за прифатениот бугарски наратив за Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски и Цар Самоил. Токму на ова предупредуваше ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ дозволи Македонија да се доведе во потчинета положба во која евроинтегративниот пат и се сведува или на вечни преговори или на асимилација.
Историјата не смее да биде услов и предмет на преговори. Сличен став имаа и експертите и историчарите за кои ваквите одлуки на власта на СДСМ се неприфатливи и штетни.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ бара граѓаните да бидат прашани за вакви суштински теми. Доволно бегаше Ковачевски од соочување со својот народ. Но колку и да бега нема да може да избега од поразот кој му следи, се вели во соопштението.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце се чека од 30 до 40 минути, а на ГП Богородица се чека околу 30 минути за влез и излез од државата. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 18.08.2022 до 12.09.2022 на патниот правец Охрид – Ресен преку Галичица поради изведување градежни работи (асфалтирање) сообраќајот ќе биде во прекин помеѓу 09:00 и 15:00 часот. Работите ќе се изведуваат само во работни денови.
Од 09.08.2022 до 20.08.2022 на патниот правец раскрсница Маврово – Галичник Р- 2238 поради изведување градежни работи (асфалтирање) сообраќајот е во прекин помеѓу 10:00 и 16:00 часот. Работите се изведуваат само во работни денови.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.