Македонија
Марш во молк за проблемите на болните од рак во Гевгелија
Здружението Changemakers4all утре со почеток во 15 часот во Гевгелија ќе одржи едночасовен марш во молк „И ти може да бидеш пациент“ за подигање на свеста за проблемите и бројноста на пациентите болни од рак во овој регион.
Целта на маршот во молк е да биде прв чекор за обележување на активностите кои следуваат – да се отвори посебно здружение кое ќе се посвети исклучиво на оваа ранлива група, да се покрене иницијатива за детектирање на точните причинители за драстичното зголемување на болни од рак во Гевгелија и околината, како и да се најават сите иницијативи кои ќе бараат ослободување на болните од патни трошоци до медицинските центри за зрачење, снимања, контроли или барем на порамнување на додатокот за нега со реалните трошоци или евентуално отворање центар за третирање на овие пациенти во овој регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со години добивал по 200 евра месечно за да не врши контрола: вработен во Национални шуми осомничен за примање поткуп
Основното јавно обвинителство Струмица донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за продолжено кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик против службено лице – самостоен референт во ЈП „Национални шуми“ ПШС Беласица – Струмица.
Во периодот од септември 2020 до ноември 2024 година, осомничениот директно барал подарок во паричен износ од неколку лица со цел да не изврши контроли кои морал да ги изврши. Со тоа на лицата им овозможувал да добиваат дозволи за селска сеча по повеќе пати и дрвната маса да ја продаваат на трети лица. За тоа од нив барал и добивал поткуп од по 200 евра месечно. Бил затекнат како прима поткуп од едно од лицата, кое по претходен телефонски договор требало да му исплати пари за да врши селска сеча на планината Огражден.
По предлог на јавниот обвинител судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струмица на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
Македонија
Средба Сиљановска Давкова-Де Кро: Белгија со силна поддршка за македонските евроинтеграции
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени (КОП29) во Баку оствари средба со премиерот на Кралството Белгија, Александер Де Кро.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, а во фокусот на разговорите беа македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Белгискиот премиер Де Кро истакна дека нашата држава може да смета на силна белгиска поддршка, затоа што според официјален Брисел, земјата направила огромен напредок и сега на ред е Европската Унија да стори нешто.
Претседателката Сиљановска Давкова, истакнувајќи ги добрите и пријателски односи меѓу двете држави, ја изрази потребата од интензивирање на комуникацијата на високо и на највисоко ниво.
Во контекст на пристапниот процес кон Европската Унија, претседателката Сиљановска Давкова посочи на потребата од отворање на преговорите за членство, со цел мобилизација на институциите и фокус на реформите и стандардите, особено на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Претседателката Сиљановска Давкова го нагласи очекувањето од македонска страна за фер процес на пристапување во ЕУ кој ќе ја почитува националната гордост на нашите граѓани и ќе се води на начин што длабоко не го вознемирува нивното чувство за национален идентитет.
Македонија
Каде е милијардата на Мицкоски за борба со загадениот воздух, прашува СДСМ
„Скопје продолжува да биде меѓу најзагадените градови во светот, граѓаните дишат загаден воздух и во дуги градови. Иако ВМРО-ДПМНЕ ветуваше активна борба со аерозгадувањето граѓаните гледаат дека ниту градоначалниците од оваа партија ниту пак централната власт презема нешто“, велат од СДСМ.
„Во опозиција Христијан Мицкоски ветуваше 1 милијадра евра инвестиции за заштита на животната средина и намалување на загадувањето до 50%.
Дојде на власт, седна во фотелјата и Мицкоски не прави ништо, ниту има инвестиции, ниту мерки против загадувањето.
Во мандатот на СДСМ во Град Скопје се набавија нови 33 еколошки автобуси на гас, се направија 300.000 м2 со ново зеленило и се засадија над 20.000 нови дрвја и садници, во 13 средни средни училишта се поставија енергетски фасади и прочистувачи, заменети беа котлите за греење на државните згради и во училиштата, се субвенционираа инвертери, велосипеди, активните оџаци се намалија за 8.000, на 3.000 m3 подигнати стрништа, затворени беа сите диви депонии во градскиот урбан опфат.
Дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт и не се прави ништо. Нема нови автобуси, нема еколошки транспорт, нема ниту нови зелени површни, паркови, засадени дрвја. Депониите не се чистат, ѓубре има на секој чекор, не гледаме ниту еден еколошки проект ниту пак мерки за намалување на загадувањето.
Дури и долгорочните проекти за еколошки јавен транспорт како на пример проектот БТР со целосно обезбедени пари, ВМРО-ДПМНЕ ги запре.
Поразително е тоа што власта на ВМРО-ДПМНЕ не прави ништо додека граѓаните дишат загаден воздух“, соопшти СДСМ.