Македонија
Мајка и бебе од Кочани позитивни на коронавирус примени на Инфективната клиника

Мајка и нејзиното четиримесечно бебе од Кочани се примени на Инфективната клиника, откако биле утврдени дека се позитивни на коронавирусот, информираше министерот за здравство, Венко Филипче. И мајката и бебето се во добра здравствена состојба.
На Инфективната клиника во последниве 24 часа примени се пет нови пациенти, со што вкупниот број хоспитализирани на клиниката е 68. Од нив, 20 се со потешка клиничка слика, а седум се во критична состојба.
„За четворица пациенти се чека вториот контролен тест, пред да бидат испуштени од клиниката како излечени“, информираше Филипче.
Во Градската болница „8 Септември“ има 25 хоспитализирани пациенти. Од нив пет се во тешка состојба и се приклучени на вештачка вентилација.
Во болниците во Битола и во Штип има по четворица пациенти, од кои на еден му е потребна кислородна поддршка.
Во последниве 24 часа регистрирани се 46 нови случаи, позитивни на коронавирусот. По градови во Скопје – 12, Куманово – 13, Прилеп – 8, Тетово – 1, Струга – 2, Велес – 8, Кочани – 1, Пробиштип – 1.
Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 663 лица. Според последните објавени информации, 30 пациенти починале како последица на коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На нож дочекано разрешувањето на кардиохирургот Јовев: „Не вирее професионалец овде“, „Меџити, добар ли си со глаата?!“

Разрешувањето на кардиохирургот Сашко Јовев од функцијата директор на Кардиологија наиде на бурни реакции во јавноста, како од фелата, така и од граѓаните. Јовев добива поддршка, а неговата смена е дочекана со критики. На социјалните мрежи има и јавни личности кои изразуваат поддршка и бараат одлуката за промена да биде итно повлечена.
„Не вирее професионалец овде“, напиша докторот Ненад Лазаров.
Со став се јави и докторот Александар Стојкоски, актуелен градоначалник на Ѓорче Петров.
„Со вакви мерки стимулирате само повеќе карти во еден правец надвор од државава! Има разлика“, напиша тој.
Актерката Ирена Ристиќ испрати порака до министерот за здравство Меџити.
„Ако првата трансплантација на срце и уште неколку други кои уследија после тоа, не се резултат и тоа за највисоки почести во државава, онда не знам што е!!! Меџити, добар ли си со глаата?! Ќе ни носиш доктори од Тетовскиот?! Мрш!!! Поддршка за доктор Јовев!!!“, напиша Ристиќ.
И ова не се единствените јавни пораки.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, го разреши кардиохирургот Сашко Јовев од функцијата директор на Кардиологија и предводник на тимот што ги правеше трансплантациите на срце. На прашањето зошто го разрешил, министерот Меџити рече дека на клиниките нема да остави директори што спијат и немаат резултати.
„Нема да има директори што седат, спијат и немаат резултати. Затоа е здравството во ваква амортизирана состојба. Ова е само почеток, со мене како министер и со кабинетот нема никој повеќе да седи, ќе поднесе извештај што има сработено“, рече министерот Меџити по денешната промоција на можноста за електронско пријавување новороденчиња.
Македонија
Ќе направам се’ за да ДУИ оди во опозиција, рече Мицкоски и повика на формирање пакт за национално единство

Ќе направам се за да ДУИ оди во опозиција, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашната дебата во Велес насловена „Развојни политики за стабилна економија“ и повика на формирање на пакт за национално единство.
„Се чини дека Владата нема никаков план, ниту пак говори за тоа. Од друга страна имаме премиер кој е уценет. Имаме премиер кој ДУИ го држи во заложништво, а токму тие се вистинските газди во владата, газди на криминалот и господари на туѓите судбини“, рече Мицкоски.
И затоа ви велам дека ќе направам се за да ДУИ оди во опозиција, рече Мицкоски и додаде „и подготвен сум да направам пакт за национално и државно единство со сите некриминализирани сегменти во државата од било која провиниенција само за да ДУИ после 20 години власт да оди во опозиција“.
„И ова не го зборувам затоа што на овој начин сакам да го градам својот рејтинг, и рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ како што тие луѓе од раководството на ДУИ јавно го зборуваат. Ова го зборувам затоа што верувам во тоа. Кога тие ќе заминат во опозиција, ќе и се раздени на Македонија. Кога тие ќе заминат во опозицијата ќе не биде. Повторувам ова е пакт за национално единство со некриминализирани сегменти од општеството. А криминалците од сегашната Влада ќе одговараат пред лицето на правдата“, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека „таквиот пакт за национално и државно единство ќе биде и добар одговор да ги здружиме силите и да се избориме низ силните предизвици кои надоаѓаат и да се бориме за фер шанса за која ви говорам“.
Мицкоски во денешното обраќање изјави дека на претстојната лидерска средба ќе каже не за уставни измени по бугарски диктат.
Македонија
Мицкоски: Ќе дојдам на лидерска и ќе кажам не за уставни измени по бугарски диктат

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашната дебата во Велес насловена како „Развојни политики за стабилна економија“ се осврна за темата лидерска средба.
„Еве ќе им кажам јас Христијан Мицкоски ќе дојдам на лидерска средба и во името на огромното мнозинство на народот кој бара заштита и очекува застанување на нозе, ќе кажам дека уставни измени, прифаќање на бугарски диктат нема да има“, рече Мицкоски.
Тој укажа дека нема да дозволи газење на волјата народот и државата.
„Јас нема да дозволам да се прави крпа од волјата на народот како што тоа го прави власта, ниту пак да дозволам да газат по националните интереси“, кажа Мицкоски.
Мицкоски на крајот заклучи „Македонија не е на распродажба“.
Лидерската средба ќе се одржи во среда во Клубот на пратеници а во фокусот ќе бидат евроинтеграциите и добрососедските односи.