Македонија
МВР ги негира наводите за деградирање на припадници на специјалните единици
Министерството за внатрешни работи остро ги отфрли изнесените наводи на политичка партија околу наводно деградирање и шиканирање на припадници на Единицата за специјални задачи.
„ МВР мора уште еднаш, во интерес на граѓаните и на вистината, категорично да ги отфрли ваквите неточни а крајно манипулативни наводи.Како и пред неколку недели, кога МВР ги негираше целосните невистини за наводната кадровска промена во врвот на ЕСЗ, што и практично се покажа како злонамерна “сензационалистичка“ шпекулација, така и сега ја информираме јавноста дека во МВР е завршено времето на партиско-политичките или кои било други “интересни“ критериуми за професионално работење и напредување во организационите структури на македонската полиција.
Како и во сите други организациони единици при МВР, така и во ЕСЗ тековно и врз основа на потребите и проценките за извршување на работните задачи од надлежност на Министерството, се спроведува распоредување на вработени, а сето тоа строго согласно постапката утврдена во Законот за внатрешни работи и другите позитивни подзаконски акти и правилници“ соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родители на деца со канцер повикаа на финансиска поддршка од државата на средбата со Сиљановска-Давкова
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Народната канцеларија во Скопје се сретна со претставници на граѓанското здружение „САНО“, коешто ги обединува родителите и децата кои го победиле, или сè уште се борат со канцерот.
Тие ја информираа за минатата и тековна работа на здружението, како и за проблемите и предизвиците со коишто се соочени.
Мајките на излекуваните деца се навратија на тешко извојуваната победа на болеста, но и на отсуството на поголемо разбирање и поддршка во истата.
Според нив, справувањето со тешката болест во голема мера ќе биде полесно доколку постои финансиска поддршка од државата во форма на паричен надомест за време на болничкото лекување, како и во првите 5 години по лекувањето заради големиот ризик од враќање на болеста во овој период.
Децата ја запознаа претседателката со своите образовни и културни активности, како и со намерите и очекувањата.
Претседателката изрази восхит за нивната херојска борба и победа над опаката болест, поттик за остварување на младешките соништа и длабоко разбирање за нивните рационални барања.
Таа укажа на можноста „САНО“ да го користи просторот на Народната канцеларија за запознавање на јавноста и кревање на свеста за нивните енормни проблеми.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со Здружението на воени ветерани и воени инвалиди „Братство 2001“
Во Народната канцеларија во Скопје, денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со претставници на Здружението на воени ветерани и воени инвалиди „Братство 2001“.
На средбата присуствуваа Владо Томески, претседател на здружението, Петар Јанчевски, Мики Ристовски и Сашко Голубовски.
Според нив, Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, од 2002 година, селективно се применува од страна на институциите на централно и локално ниво.
Поради тоа, тие се соочуваат со дискриминација во остварувањето на законски утврдените права врзани со вработувањето, напредувањето, бесплатните здравствени услуги и бесплатното факултетско образование за нивните деца.
Тие ја информираа претседателката дека не се спроведуваат дури ни правосилните судски пресуди, донесени во нивна корист.
Претставниците на Здружението на воени ветерани и воени инвалиди „Братство 2001“ укажаа на потребата од измена и дополнувања на законот, за нивните посебни права, заради прецизирање на решенијата и унапредување на нивните бенефиции.
Според Сиљановска-Давкова, укажувањата и забелешките на бранителите заслужуваат должно внимание од надлежните институции, како и почитување на еднаквата примена на законот за сите.
Таа вети дека Кабинетот ќе ги информира надлежните органи за презентираните проблеми, укажувајќи на нужноста од почитување и спроведување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, како и пресудите.
За претседателката, придонесот на бранителите не смее да биде заборавен ниту занемарен, туку мора да се почитува и валоризира.
Македонија
Директна авиолинија Анкара-Скопје и карго железничко поврзување договорени помеѓу Николоски и министрите Болат и Уралоглу
Успешните средби на заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски со турскиот министер за трговија Омер Болат и министерот за транспорт Абдулкадир Уралоглу, резултураа со договори за воспоставување на директна авиолинија Анкара -Скопје и карго железничко поврзување меѓу двете земји, објави на својот фејсбук профил, заменик претседателот на Владата, Николоски.
Министерот за трговија на Турција на социјалната мрежа “Х” ја објави информацијата за новата авиолинија и карго железничкото поврзување и напиша дека двете земји продолжуваат да работат кон остварување на целта за билатерална трговска размена од 2 милијарди долари.
„По повод Турско–Македонскиот бизнис форум, заедно со нашиот министер за транспорт и инфраструктура, г. Абдулкадир Уралоглу, остваривме средба со заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт на Република Северна Македонија“, Александар Николоски.
На средбата се согласивме дополнително да ја зајакнеме нашата соработка во областите на транспортот, логистиката, цивилното воздухопловство и железничкиот сообраќај. Веруваме дека директните летови на “AJet” на релација Анкара–Скопје, како и железничката соработка меѓу TЦДД и МЖ Инфраструктура ќе дадат значаен придонес за трговијата, инвестициите и поврзаноста меѓу нашите земји.
Во согласност со визијата на претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган, за силна регионална соработка и економска интеграција, со решителност продолжуваме да работиме кон остварување на целта за билатерална трговска размена од 2 милијарди долари.
Во наредниот период ќе продолжиме да ги зајакнуваме транспортните коридори и да ги поддржуваме активностите на турските компании во Северна Македонија, придонесувајќи за поврзаноста, просперитетот и заедничкиот развој на Балканот.
Длабоките пријателски и братски врски меѓу нашите земји ќе стануваат уште посилни преку новите проекти што ќе се реализираат во областа на трговијата и инвестициите” , објави министерот за трговија, Омер Болат.
Средбата на министрите се реализира во рамки на турско -македонскиот бизнис форум што денеска се оддржа во Истанбул.
