Македонија
МВР за уапсените за тероризам: Планирале напади врз јавни објекти во Македонија

Четворица терористи, со идеологија на ИСИС, беа уапсени во Македонија, а од МВР информираа дека планирале напади.
За првопријавениот постојат сомневања дека создал терористичка ќелија во која со активно учество дејствувале другите три кривично пријавени лица.
„Намерата на членовите на терористичката ќелија била извршување терористички акт на цивилни или таканаречени меки цели, односно јавни објекти на територијата на Република Северна Македонија, со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните“, велат од МВР.
Ќелијата дејствувала од позиција на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС, а за остварување на намерата првопријавениот формирал повеќе групи на социјалната мрежа „Телеграм“, во кои споделувал претходно набавен и преведен пропаганден материјал на ИСИС и регрутирал нови членови, се обидел да набави огнено оружје, а набавил и упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи, кои потоа ќе ги искористат за извршување терористички напади.
Другите членови биле дел од телеграм-групите, каде што се споделувале преведени материјали, кои претходно биле преземени од официјални медиуми користени од терористичка организација ИСИС.
Претходно, Обвинителството соопшти дека акцијата се одвивала на пет локации во Скопје и Гостивар. Биле извршени претреси на дом и други простории, при што се пронајдени и одземени автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефонски апарати, компјутерска опрема и други предмети што ќе бидат предмет на понатамошни форензички вештачења. На осомничените им е определен 30-дневен притвор.
Во декември беше спроведена акција, која исто така се однесуваше на разбивање ќелија на ИСИС, која дејствувала во Гостивар. Првоосомничен беше 21-годишен гостиварец, кој ги ширел намерите на групата преку повеќе групи на социјалната мрежа „Телеграм“, каде што споделувал и пропаганден материјал на терористичката организација Исламска држава, чија идеолошка матрица, според Обвинителството, била во основите на групата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Герасимовски: Акција за собирање кабаст отпад на локации во Пролет, Водно и Буњаковец

Општина Центар започнува нова акција за собирање кабаст отпад, со цел заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на живот во локалната самоуправа.
Во периодот од 15-ти до 20-ти во наредните три месеци – февруари, март и април, граѓаните ќе можат бесплатно да го одложат кабастиот отпад на три локации:
– Во населба Пролет, кај Феријален дом;
– На Водно, кај КТК до контејнерите;
– Во Буњаковец, кај контејнерите кај Вучко.
„Апелирам до сите да ја искористат оваа можност и на еколошки начин да се ослободат од кабастиот отпад. Да ги чуваме нашите улици чисти и да придонесеме кон поздрава животна средина!“, порача градоначалникот Герасимовски.
Акцијата се спроведува согласно Акцискиот план за чист воздух и во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Дополнително, службите на локалната самоуправа активно спроведуваат голема кампања за чистење на општината под мотото „Центар не чека, Центар чисти“. Оваа иницијатива доби силна поддршка и позитивни реакции од жителите.
Заедно со граѓаните продолжуваме да создаваме чиста и уредена општина, во која приоритет ќе биде здравата животна средина, велат од општината.
Македонија
ЛДП: Предлагаме поставување на рисот како консензуално решение за новиот државен грб

По повод изјавите околу промена на државниот грб, Либерално-демократската партија (ЛДП) предлага поставување на рисот на новиот грб, како препознатлив вид, карактеристичен токму за нашата држава.
Рисот како симбол се наоѓа на металната петденарка, се најде на националниот фудбалски дрес, но и на уште многу други места и е заштитен со голем број меѓународни конвенции.
Од ЛДП велат дека доколку се постави рисот, се покажува поглед кон иднината наместо „враќање назад и гледање во минатото“.
„Тоа е симбол кој со ништо нема да потсетува на било која соседна држава и да создаде проблеми. Прифатлива е само уникатност, посебност, новина, свежина, иднина и заштита на своето – како што е Балканскиот рис, кој потекнува од Шар Планина, е ретко и заштитено животно, и е еден од нашите национални државни симболи“, додаваат од ЛДП.
Посебноста на Македонија мора да биде главната водилка кон прифаќањето на било каков предлог за државниот грб. Притоа, тоа мора да биде и решение, кое ќе ги задоволи сите граѓани на Македонија, без разлика на националната, етничката, партиска, верска или било која друга припадност.
„Предлагаме општо прифатливо решение. Бидејќи доколку сите се водиме од своите партиски обележја или позиции, ЛДП би се придржувала до македонската флора и фауна и би предложила поставување на соколот како уникатен македонски симбол и дел од нашиот македонски фолклор. Покрај тоа што во Македонија живеат 9 посебни видови на соколи, во нашата народна музика со гордост се опева соколот кој пие вода од нашиот Вардар, песна која е и химна на партијата.”, истакнуваат од ЛДП.
Скопје
Општина Аеродром започна со бесплатен скрининг на тироидна жлезда кај деветтоодделенците

Учениците од деветто одделение од сите основни училишта во Општина Аеродром имаат можност да извршат бесплатен скрининг на тироидната жлезда.
Скринингот стартуваше вчера во ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче и ќе бидат прегледани сите деветтоодделенци по претходно добиена писмена согласност од родителите или старателите, извести општината.
В.д. градоначалникот, Дејан Митески, посочи дека Аеродром е прва општина во која се спроведуваат вакви скрининзи што имаат превентивен карактер.
Иницијативата ја даде директорот на здравствената установа „8-ми Септември“, проф. д-р Синиша Стојаноски, а родителите на учениците без двоумење ја прифатија оваа превентивна мерка.
Инаку, д-р Стојаноски ги спроведува скрининзите во училиштата заедно со д-р Невена Маневска.
Општина Аеродром останува посветена на создавање уште подобри услови за безгрижно и здраво детство на нашите најмили, додаваат од општината.