Македонија
МВР: Променет терминот за посебниот сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните на Скопје дека поради промена на терминот за одржување на манифестацијата “Вело Фиеста” изменет режим на сообраќај во главниот град на 19.09.2021 ќе има во периодот од 09 до 14.00 часот, а не од 18 до 23 часот како што стоеше во претходното соопштение.
„Посебниот режим на сообраќај ќе биде на истите улици кои претходно ги наведовме“, велат од МВР.
Односно на дел од ул.„Димитрие Чуповски“, на потегот од крстосницата со ул.„Даме Груев“ до крстосница со ул.„11 Октомври“ во Скопје, Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај по наведените улици, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Утре ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Локално ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утре ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Во недела ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Македонија
Савески- Палминтери: Италија подготвена да го зголеми нивото на поддршка за обвинителството
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески денеска оствари средба со италијанскиот амбасадор во земјава Паоло Палминтери.
Соработката на Јавното обвинителство со Република Италија е екстензивна, а Италија како еден од најсилните поддржувачи на Македонија во ЕУ е силно заинтересирана за областа владеење на правото.
Италијанскиот амбасадор пред државниот обвинител ги презентираше досегашните активности во таа насока, вклучувајќи ги и двата меѓуинституционални меморандуми за зголемување на ефикасноста на борбата против еколошкиот криминал и против кривичните дела против културното наследство, склучени со поддршка на Италија.
Воедно тие разговараа и за можностите за идни активности, како и за предизвиците со кои се соочува обвинителството поради недостигот на јавни обвинители и ресурси и за обврските од реформската агенда.
Савески и Палминтери се согласија дека од стабилноста и сигурноста на овој регион зависи и европската стабилност, бидејќи криминалните мрежи се поврзани меѓу себе.
Италијанскиот амбасадор ја изрази подготвеноста на Италија да го зголеми нивото на поддршка за обвинителството во следниот период, бидејќи клучните области од идните преговори на земјава за членство во ЕУ се однесуваат на поглавјата за владеење на правото.
Македонија
„Вреди“: Граѓанскиот интерес над профитот на коцкарската индустрија
За првпат по многу години, државата го става интересот на граѓаните пред интересот на коцкарската индустрија. Владата презема конкретни чекори за воспоставување ред, одговорност и вистинска заштита за семејствата, младите и иднината на нашето општество, велат од „Вреди“.
Според нив, новиот закон за игрите на среќа не е само мерка против казината. Овој е закон, како што додаваат, во заштита на албанското семејство и на секој граѓанин кој со години гледал како коцкањето уништува семејни економии, ги загрозува младите и се шири во близина на училиштата и нашите населби.
„Преку овој закон се гради систем во кој се заштитуваат: семејствата од осиромашување и долгови,
младите од зависност и социјална деградација, семејната економија од финансиско уништување, училиштата и образовните простори од влијанието на индустријата на коцкањето, како и моралниот и општествениот ред кој со години бил нарушуван од неконтролираното ширење на игрите на среќа.
Минималната дистанца од 500 метри од училиштата, забраната за агресивно рекламирање на игрите на среќа и новите законски ограничувања се конкретни мерки што покажуваат дека државата конечно дејствува во интерес на граѓаните, а не на тесни финансиски интереси“.
За „Вреди“, заштитата на семејството и младите не е политички слоган, туку морална и институционална обврска.
Општеството, оценуваат од оваа партија, не може да се гради врз зависности, долгови и губење надеж.
„Општеството се гради врз силни семејства, заштитени млади и институции што имаат храброст да го стават јавниот интерес над интересите на индустриите што ги штетат граѓаните“.
