Македонија
МВР тврди дека не го следи Мицкоски и не подготвува негово апсење

Министерството за внатрешни работи демантира дека полициски службеници го следат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од политички мотиви и подготвуваат негово апсење.
„Злоупотребата на МВР беше карактеристика токму на партијата чијшто претседател е Мицковски и токму поради тоа во изминатите две години во Министерството за внатрешни работи се спроведоа и во тек се реформи кои имаа за цел искоренување на незаконитите дејства. МВР својата работа ја фокусира исклучиво кон сузбивање на сите облици на криминал, користејќи ги законските можности што му стојат на располагање. Ја информираме јавноста и дека на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на негово барање, од минатата година му е доделено обезбедување од припадници на МВР”, се вели во соопштението на полицијата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во телевизиско гостување рече дека очекува следно сценарио, како што рече, да биде неговото апсење. Говорејќи за последната полициска акција во која беа уаспени десетина лица, меѓу кои и поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека веќе има план во случај на негово апсење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Спречен шверц на 20 рачни часовници од познати модни брендови

Дваесет часовници во вредност од 178.050 денари со потпис на познати модни брендови се запленети од страна на царинските службеници по извршена контрола на автомобил со македонски регистарски таблички на граничен премин Ново Село. Часовниците се откриени во картонска кутија за која лицето кое управувало со автомобилот изјавило дека е пратка со лекови која ја испратил негов пријател за болно дете, извести Царинската управа.
По откривање на непријавените часовници лицето, инаку македонски државјанин, изјавило дека истите се купени од Швајцарија. Одземените часовници ќе бидат предадени во Агенцијата за управување со одземен имот, а против лицето е поднесена соодветна пријава за прекршување на царинската регулатива, велат од Царинската управа.
Оттаму додаваат дека во рамки на своите надлежности и понатаму ќе спроведуваат активности за поддршка на легалната економија и сузбивање на сивата економија.
Македонија
Левица: Шаќири најави одговорност ако септември нема учебници, бараме оставка

„Цел месец по почетокот на наставната година, голем број ученици сè уште немаат добиено учебници. Токму најлошиот министер за образование – Јетон Шаќири, минатата година изјави дека ако септември нема учебници, самиот ќе понесе одговорност!“, велат од Левица.
„За заштитените фунционери од ДУИ не важат никакви ветувања, кои се докажаа како најнеспособна гарнитура за менаџирање со било кое министерство. Дополнително, се огласи и Националната комисија, која соопшти дека не е ниту целосно оформена, односно дека во моментот истата брои 17 член – место 21 член, колку што е предвидено со закон за нејзино нормално функционирање.
Минатата година, наставата скандалозно почна без учебници и се одвиваше без учебници до мај. Колку учебни години и колку генерации уништени од неспособноста на Шаќири се потребни за тој конечно да научи да управува со ресорот во кој министерува?!
Уште колку семејства треба да се иселат за да им овозможат пристап до квалитетно образование на своите деца – додека барем еден функционер од ДУИ си поднесе оставка?! Истите партии кои тврдат дека ќе ја внесат државата во ЕУ, не се способни ниту учебници да обезбедат“, соопшти Левица.
Скопје
Герасимовски: „КК Работнички“ е домаќин и организатор на натпреварите од квалификациската „А“ група во ФИБА Европа купот

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски во придружба на дел од играчите на КК „Работнички“ ги најави квалификациите за кошаркарскиот ФИБА Евро куп кој ќе се одржи во Скопје. Квалификациите започнуваат од 2 до 5 октомври и Македонија ќе ја претставуваат кошаркарските клубови Работнички и Феникс 2010.
„Навистина ме радува што нашиот најтрофеен клуб и најголем бренд на Центар повторно ќе заигра на ФИБА Евро Купот. Верувам дека на целата спортска јавност и недостасуваа спортски натрепревари и моментите на навивање, бодрење и целата таа возбуда и желба за победа. Се надевам дека Работнички повторно ќе го врати некогашниот сјај и ќе се врати на победничките патеки“, истакна Герасимовски.
Работнички ќе биде организатор на натпреварот во кој ќе настапи ривалот Донар Гронинген од Холандија, потоа романскиот Рапид Букурешт и Сахах од Азербејџан кои од неодамна го преземаа нашиот тренер Боби Митев.
Општина Центар извести дека како и досега, ќе продолжи да дава поддршка и заедно со сите центарци, да го врати КК Работнички на старите победнички патеки.