Македонија
Медиумите имаат право да објавуваат информации поврзани со јавни личности, особено ако тие се релевантни за јавноста, велат од АЗЛП за разрешената директорка на „Козле“
Директорката на Клиниката за белодрбони и респираторни заболувања кај децата „Козле“, д-р Каролина Симоновска, претходно испрати соопштение до медиумите со кое забрани да се споменува нејзиното име и рече дека ќе ги преземе сите законски мерки ако некој ја спомне во новинарски текст. На соопштението за личниот став беше ставен печат од Клиниката. Од Агенцијата за заштита на личните податоци за „Макфакс“ посочија дека носителите на јавни функции, по правило, се јавни личности, а нивните активности и постапки најчесто имаат јавен интерес, па така објавувањето на нивните имиња и презимиња во медиумите е дозволено и не се смета за повреда на правото на заштита на личните податоци.
„Според Законот за заштита на личните податоци во Република Северна Македонија, личните податоци на секоe физичкo лице (вклучувајќи ги и носителите на јавни функции) подлежат на прописите за заштита на личните податоци. Истовремено, според членот 81 од истоимениот закон, одредбите што се однесуваат на правата на физичките лица може да се исклучат или да се отстапи од нив доколку тоа е потребно заради балансирање на правото на заштита на личните податоци со слободата на изразување и информирање. Носителите на јавни функции, по правило, се јавни личности, а нивните активности и постапки најчесто имаат јавен интерес, па така објавувањето на нивните имиња и презимиња во медиумите е дозволено и не се смета за повреда на правото на заштита на личните податоци. Медиумите имаат право да објавуваат информации поврзани со јавни личности, особено ако тие информации се релевантни за јавноста“, посочуваат од Агенција за заштита на личните податоци за „Макфакс“ и истакнуваат:
„Во однос оваа објава на личните податоци извршена за новинарски цели, според членот 81 од Законот за заштита на личните податоци, утврдено е дека при процесот на балансирање на правото на заштита на личните податоци со слободата на изразување и информирање се земаат предвид следните критериуми:
– природата на личните податоци,
– околности под кои се добиени личните податоци,
– влијанието на објавената информација кон дискусијата за јавниот интерес,
– колку е познато засегнатото физичко лице и кој е предметот на информацијата,
– претходно поведение на засегнатото физичко лице,
– претходна согласност на засегнатото физичко лице,
– содржината, формата и последиците од објавувањето на информацијата“, додаваат оттаму.
Според нив, во принцип, податоците за јавните личности (особено политичари и носители на јавни функции) може да се објават без изречна согласност на лицето на кое се однесуваат тие во случај да постои силен јавен интерес, кој преовладува над приватниот интерес на лицето.
„Под јавен интерес се подразбира: злоупотреба на службена должност, несоодветно трошење јавни средства, заштита на јавното здравје, национална безбедност, криминал итн. Носителот на јавната функција има право да бара заштита на личните податоци доколку објавената информација не е во согласност со законските прописи, на пример, ако информацијата е неточна, штетна или не е во јавен интерес. Во случај на повреда на неговото/нејзиното право на заштита на личните податоци лицето може да поднесе барање за утврдување повреда до Агенцијата за заштита на личните податоци, а доколку се однесува на навреда или клевета, носителот на јавната функција може да поднесе тужба до надлежниот суд“, децидни се од Агенцијата за заштита на лични податоци.
Од Министерството за здравство информираа дека е разрешена в.д. директорката на Детската линика „Козле“ во Скопје, Каролина Симоновска. Нова директорка е Катерина Бошковска.
Разрешување на Симоновска минатата недела побара лекарскиот колегиум на Клиниката откога таа ѝ дала отказ на докторката Веселинка Митровска-Јосифова, ОРЛ-специјалист и бронхоскопист.
Од колегиумот побараа да се стави крај на нејзиното самоволие, нарушените човечки односи и порачаа дека таа ја дискредитира Клиниката.
Таа, пак, од медиумите побара да не го објавуваат нејзиното име, на што регираа здруженијата на новинарите по што следеувае и нејзиното разрешување. Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници ја осуди објавата на в.д. директорката Симоновска, во која таа забрани користење на нејзиното име во медиумите и предпуредува дека во неа има многу елементи на закана кон новинарите и медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: Се враќа целосната функционалност на Комисијата за односи меѓу заедниците, нов чекор за зајакнување на Охридскиот рамковен договор
Со години, Комисијата за односи меѓу заедниците беше ставена на маргините, оценуваат од „Вреди“.
„Беше де факто ослабена од политиките на ДУИ. Нејзината улога беше ослабена. Ја изгуби реалната тежина во процесите на одлучување, иако произлегува од Охридскиот рамковен договор.
Од денес, тоа се менува. На чело на Комисијата е избран пратеникот на „Вреди“, Аднан Азизи. Тој ќе предводи нова фаза. Фаза на целосна функционалност и јасна институционална одговорност.
Комисијата повеќе нема да биде формалност. Таа ќе биде активен орган. Функционален механизам со реално одлучување и директна одговорност за правична и соодветна застапеност, употребата на јазиците, образованието и културата, со цел целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор и Бадинтеровиот принцип“.
„Вреди“ како што додаваат од партијата, става крај на практиките на институционално занемарување. Законот за правична и соодветна застапеност, подвлекуваат дека ќе се спроведува со целосна сериозност. Според нив, институционалната еднаквост повеќе нема да остане само на хартија.
Македонија
Савески-Хрицова: разговарано за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески и амбасадорката на Словачката Република Ивета Хрицова на заедничка средба ги разгледаа можностите за идна соработка особено во областа на реализацијата на европските реформи во работата на Јавното обвинителство.
Меѓу клучните активности во претстојниот период, преку контакти со словачкото обвинителство, ќе биде иницирана размена на искуства во повеќе области, студиски посети, како и испитување на можностите за потпишување меморандум за соработка меѓу македонското и словачкото обвинителство.
Савески и Хрицова разговараа и за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките.
Македонија
Утре променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Утре ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Локално ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утре ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Во недела ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
