Македонија
Медиумите и социјалните мрежи со осуда за Павле Богоевски-сентимент анализа на „Макфакс“

Пратеникот Павле Богоевски и неговиот став за аферата со „пола кокаин или масло од канабис“ наиде на многу негативни оценки во медиумите и на социјалните мрежи. Павле Богоевски и прашањето што е тоа „пола“ што го купувал, најмногу инсирација им дал на твитерџиите.
Од вкупно анализирани 1606 спомнувања, на „Твитер“ се појавил дури 943 пати, во медиумите 418 пати, додека најмалку на Фејбук, 245 пати, но во сите артикли е многу негативно коментиран. Ова го покажа сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 14 до 17 мај годинава.
Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.
Преку системот беа анализирани 418 онлајн текстови од медиумите, како и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.
Според анализата, кај корисниците на социјалната мрежа „Фејсбук“ преовладува многу негативната кампања кон Павле Богоевски. Од 245 анализирани артикли на оваа социјална мрежа, тој се спомнува многу негативно во дури 130 постови и коментари, а во 39 негативно. Во 40 случаи за Богоевски се неутрални постовите, односно ниту позитивни ниту негативни, и во 13 позитивно и многу позитивно во само 13 артикли.
На Твитер, за Павле Богоевски од вкупно 943 твитови, во 496 се зборува за него во многу негативен контекст, а во 124 негативно. Во исто толкав број нема ниту позитевен ниту негативен контекст за пратеникот, а во 104 е спомнат во позитивен и во 95 твитови во многу позитивен контекст.
Од одработката во медиумите, анализата покажа дека од вкупно 418 спомнувања, Павле Богоевски бил негативно коментиран во 62 медиумски артикли, а најмногу преовладува негативниот контекст во дури 261 медиумски написи. Во 84 артикли е задржан неутралниот став, додека во 10 написи е спомнат во позитивен контекст, а само во еден новинарски текст е со многу позитивен контекст.
Вкупниот сентимент за периодот од 14 мај до 17 мај оваа година покажува дека Павле Богоевски најголем број многу негативни коментари има на „Твитер“, по што следува „Фејсбук“, па медиумите.
Меѓутоа, во негативен контекст, Павле Богоевски најмногу бил спомнуван во медиумите, по што следуваат „Твитер“, па „Фејсбук“.
Позитивен и многу позитивен контекст речиси и нема во медиумите за Павле Богоевски, а во многу помал број се и на Твитер и на Фејсбук.
Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Организацијата Жени, мајки, родољупки на Македонија со протестно писмо до Османи – да се укине Преспанскиот и бугарскиот договор

Организацијата Жени, мајки, родољупки на Македонија „Ангелина Маркус“ упати протесно писмо до министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во кое се бара од него да ги раскине Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија затоа што биле нелегални и нелегитимни според меѓународните правни норми.
Здружението побара одговор од Османи зошто меѓу службите на Обединетите нации се одомаќинила употребата на терминот „јазикот на РСМ“ наместо употребата на „македонски јазик“.
„ Веќе извесен период кружат вести за интерна препорака за употреба на терминот „јазикот на РСМ“ во ООН. Одговорете ни, дали постои таков јазик? – прашуваат од Здружението „Ангелина Маркус“.
Оттаму сметаат дека има само еден излез за проблемите со Бугарија и Грција.
„ Бараме од МНР да ја постави и раководи постапката за еднострано раскинување на двата ништовни, нелегитимни и нелегални договори, Преспанскиот и Бугарскиот и да обезбедите членство на државата во ООН да продолжи под името Република Македонија согласно важечкиот референдум од 1991 година на кој имаше огромна излезност од 70%“, побара Здружението.
Организацијата бара од Османи да испрати нота и писмено барање до ООН до ЕУ и до сите инстанци за принципиелно однесување и враќање на одредницата „македонски“, „македонски народ“ и „македонски јазик“ во сите официјални и интерни документи на ООН и ЕУ.
„ Нашиот, идентитетот, на македонскиот народ е неразделив од името Македонија. Оттука се почнува и се завршува! И националниот идентитет е определен со основните критериуми, помеѓу кои првиот е јазикот, а потоа етницитетот, историското минато, културата и територијата! А, јазикот наш насушен македонски е ризница на нашата меморија!“, додадоа од Здружението „Ангелина Маркус“.
Орце Костов
Македонија
Арсовски: Дали тим од МНР денеска е на тајни преговори во Софија за прифаќање на предлогот и протоколот?

„Тотален дебакл и перманентно нарушување на сите преговарачки позиции со Бугарија е резултат на оваа влада, предводена од СДСМ и ДУИ. Смешни се кога ги слушаме од владата дека велат дека државата била цел на хибриден напад, кој пак ниту се обиделе да го спречат доколку го имало, ниту пак поднесуваат одговорност затоа што не можеле да го спречат доколку имало такво напад. Смешни оправдувања за неспособноста на оваа влада!“ изјави на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој прашува:
-„Дали денеска има тим од МНР кој е пратен во Република Бугарија да преговара за францускиот предлог?
-Дали е точно дека овој тим денеска преговара за предлогот да биде ставен во протокол за Европската унија?
-Дали со ова молчење, тимот од МНР ја крои тажната судбина на државата, далеку од очите на јавноста каде што ги води овие преговори во Софија?“.
„Ковачевски, Османи, Маричиќ и сите останати да одговорат што работат и што преговараат тајно, далеку од очите јавноста во однос по ова прашање поврзано со францускиот предлог. Ваков дебакл, каков што ѝ се случи на Република Македонија и на граѓаните, не се случил никогаш и никаде во ниту една дипломатија“ порача Арсовски.
Македонија
Скопјанец со столче ја тепал сопствената мајка

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 31-годишен скопјанец осомничен за кривично дело тешка телесна повреда од член 131 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 21 јуни во вечерните часови, во семејниот дом на улицата Дебарца во Скопје, осомничениот при вршење семејно насилство со умисла тешко телесно ја повредил својата 70-годишна мајка.
Тој најпрвин почнал вербална расправија, а потоа физички ја нападнал удирајќи ја со раце по лицето и телото. Продолжил да ја удира со столче, при што ѝ нанел тешки телесни повреди и ѝ ги скршил двете раце.
Од страв да не биде повторно нападната, оштетената го напуштила домот и го пријавила настанот на 24 јуни кога осомничениот повторно станал агресивен кон неа.
Надлежниот јавен обвинител оцени дека постојат околности што очигледно укажуваат на можност осомничениот да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.