Македонија
Мециновиќ од Левицата: Оние што го бришеа АСНОМ од Уставот, денес се повикуваат на него
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, на седницата за избор на заменици министри во новата Влада истакна дека партијата ЗНАМ уште во нејзиниот зародиш соработувала со ДПМНЕ.
„Убаво е да се напомене секогаш, дека ЗНАМ е дериват на СДСМ, кој не само што дојде на заеднички јазик и принципи да ја формира оваа Влада со ДПМНЕ, туку ЗНАМ во својот зародиш има соработка со ДПМНЕ. Тоа е 2021 година кога добија поддршка на локалните избори и од тогаш таа соработка не е прекината“ – кажа пратеникот.
Мециновиќ на собраниската седница ги потсети пратениците од ЗНАМ дека нивниот претседател е директен виновник за Преспанскиот договор. Тој ја акцентираше небулозата и лицемерието на ЗНАМ, односно дека Преспански договор за којшто некои од нив и агитирале, всушност го избриша АСНОМ од преамбулата на Уставот, а сега се повикуваат на него.
„Зошто сега се повикувате на АСНОМ, кога АСНОМ го избришавте?! – Затоа што не разбирате какво значење има АСНОМ за оваа држава! АСНОМ не бил конференција на директори, градоначалници, функционери, заменици министри. Туку бил кулминација на крвава борба против фашистичкиот окупатор! Против апетитите кои се сега разгорени, а сакаат да се комплетираат со внесувањето на Бугарите во Уставот, за кое се залагате.“ – нагласи пратеникот од редовите на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски во Брисел на ручек со Урсула фон дер Лаејен, ќе се сретне и со Вархеји
Премиерот, Христијан Мицкоски, заедно со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, ќе престојува во работна посета на Брисел.
Во Брисел Мицкоски заедно со лидерите од Западен Балкан ќе присуствува на ручек организиран од претседателката на Европска комисија, Урсула Фон Дер Лајен.
Потоа, претседателот на Владата, Мицкоски ќе оствари состанок со Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.
Претседателот на Владата, Мицкоски ќе оствари состанок и со Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Состанок е предвиден и со Генералниот директор на генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР) Герт Јан Компан.
Оваа дипломатска средба на Претседателот на Владата Мицкоски е со цел интензивирање на досегашната соработка и е важна за процесот за пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија.
На состаноците ќе бидат опфатени низа прашања кои се однесуваат на регионална стабилност, зголемена економска соработка, усогласување на реформите со европските стандарди, владеење на правото и бескомпромисната борба на Владата против корупцијата и криминалот.
Македонија
Меџити: Целосна поддршка за инвестиции во зелени бизниси
Првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска учествуваше на конференцијата: „Бизнис-ангели и претприемачки екосистем во Република Северна Македонија. Mожности и предизвици“, на која го истакна значењето што им го давааат Владата и Министерството со кое раководи на инвестициите во зелените бизниси.
Меџити, поканет на конференцијата од министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, рече дека Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање му даваат приоритет на зеленото претприемаштво и важната улога што ја имаат бизнис-ангелите во оваа насока како инвеститори на овие бизниси.
„Бизнис-ангелите не се само финансиски поддржувачи, туку тие се визионери, кои исто така обезбедуваат капитал и менторство во најранливите фази од животот на еден стартап-бизнис. Нивните инвестиции промовираат проекти што се занимаваат со итни еколошки прашања – намалување на емисиите на јаглерод, грижа за водата, управување со отпадот и создавање одржливи енергетски решенија“, рече Меџит, додавајќи дека светот се соочува со итна потреба од еколошки решенија, а токму зелените бизниси растат со иновативните идеи. Првиот вицепремиер Изет Меџити додаде дека ги поддржува бизнис-ангелите во зелените сектори бидејќи го тие го премостуваат јазот помеѓу иновативноста и реализацијата, инвестираат во високоризични сектори со зелена технологија, која традиционалните инвеститори може да ја избегнат.
„Бизнис-ангелите овозможуваат револуционерни технологии, како што се обновливи извори на енергија, еколошки материјали и иновации за заштеда на вода, и затоа сме посветени на создавање екосистем, кој не само што ги поддржува претприемачите туку исто така ги овластува бизнис-ангелите да направат влијателни инвестиции во зелени бизниси“, рече Меџити.
Денешната конференција ја организира Министерството за економија и труд, во соработка со ЕУ-делегацијата во Скопје, а на неа учествуваа владини претставници, стопански комори во земјата, академици и бизнисмени, кои беа вклучени во неколкугодишниот проект со наслов „Корпоративна општествена одговорност и бизнис-ангели – движечка сила за приватниот сектор“, која има цел да го зголеми бројот на компании со еколошки дејности.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими ученици младинци со оштетен слух и говор од ДУЦОР „Партенија Зографски“
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска прими ученици-младинци со оштетен слух и говор од Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“, специјалниот едукатор и рехабилитатор Христина Божиновска Ѓикова и Викторија Волак, толкувач на знаковен јазик.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова беше информирана за тековните активности во овој училишен центар што се во насока на образование, воспитување, рехабилитација, професионално и работно оспособување на ученици со оштетен слух. Учениците ја запознаа Претседателката со разновидните воннаставни активности во коишто се активно вклучени преку кои ги развиваат своите вештини и таленти од областите за кои покажуваат особен интерес, како и со нивните идни планови по завршувањето на средното образование.
Претседателката Сиљановска Давкова ја истакна значајноста на дејноста на ова единствено училиште за средно стручно образование во земјава за учениците со оштетен слух во коешто се оспособуваат за интегрирање во работните процеси, како и за вклучување во високото образование. Изразувајќи ја својата поддршка за нивната мисија, Претседателката порача дека наш заеднички приоритет треба да биде унапредувањето на правата на лицата со оштетен слух и говор со цел нивна поголема инклузија во македонското општество.