Македонија
Меѓуресорска работна група треба да предложи модел за реформа на разузнавачкиот систем
По предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата на денешата седница ја разгледа и усвои информацијата за потребата од формирање меѓуресорска работна група, која ќе предложи модел на реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија со план за негово воспоставување.
Со заклучок на денешната седница, министерот за внатрешни работи во рок од 3 дена од добивањето на номинациите е задолжен да достави до Владата предлог-одлука за формирање меѓуресоска работна група која ќе предложи модел на реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија со план за негово воспоставување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Срамно, oткако Мицкоски си ги зголеми платите во Влада, вели дека нема да се покачуваат, реагираат од СДСМ
Oткако си ја покачи неговата функционерска плата, заедно со платите на министрите кои после еден месец се пожалија дека не смее да им се намали платата, сега Мицкоски кажува приказни, реагираат од СДСМ.
„Нема да се зголемат платите на функционерите откако се зголемија платите на функционерите – вака звучи Мицкоски кој до пред неколку месеци ветуваше нешто друго дека како власт ДПМНЕ ќе ги намали платите на функционерите.
Тоа ветување Мицкоски не го исполни“, се истакнува во реакцијата на опозициската партија.
Според СДСМ, додека Владата на Мицкоски не прифаќа ниту еден амандман за поголеми плати за работниците, за полицајците, за пожарникарите, одбива да ја зголеми минималната плата, во исто време ги зголемува парите за мебел и нови возила за функционерите.
„Според Мицкоски сите треба да работат за минимум, но функционерите од власта и министрите да имаат огромни плати, да уживаат во нивните примања и да патуваат со бизнис класи на грбот на граѓаните. Ваков арогантен однос кон граѓаните досега не покажала ниту влада како оваа на Мицкоски и ДПМНЕ“, додаваат од СДСМ во пишаниот допис.
Македонија
ДУИ до Уставниот суд: Нема функционална демократија без почитување на Албанците и нивните уставни права
Во овие одлучувачки часови за иднината на Северна Македонија, кога Уставниот суд разгледува прашања што можат суштински да ја променат структурата на нашата мултиетничка држава, ѝ се обраќаме на совеста на судиите и на совеста на оние кои влијаат врз нивните одлуки, велат од ДУИ.
Ова, според партијата на Ахмети, е критичен момент не само за Албанците, туку и за сите граѓани на државата кои веруваат во демократските вредности, еднаквоста и соживотот.
„Како легитимни претставници на мнозинската волја на Албанците во Северна Македонија од последните избори, нагласуваме дека секое нарушување на уставната еднаквост претставува нарушување на мирот, стабилноста и заедничкиот прогрес. Охридскиот рамковен договор не е документ што може да се менува според дневно-политичките интереси. Тој е темелот што ја држи обединета една мултиетничка и демократска држава.
Денес, повторно сме на раскрсница, каде што нашето право на претставување, еднаквост и заслужено место во ова општество е доведено во прашање.
Им се обраќаме на судиите на Уставниот суд: Ова не е само правна одлука – ова е одлука што ќе одреди дали Северна Македонија ќе остане држава во која сите нејзини граѓани се чувствуваат еднакви и почитувани.
Не ја правете историската грешка да уништите она што заедно сме го изградиле со голем труд и напор. Ги повикуваме и граѓаните, како и меѓународните институции, внимателно да го следат овој процес.
Нема функционална демократија без целосно почитување на Албанците и на нивните уставни права. Не заборавајте: Демократијата не е подарок, таа е одговорност. Денес, ваша е одговорноста да не ја предизвикате“, порачуваат од ДУИ.
Македонија
Кривична пријава за 23 лица: за перење пари, за злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство
Денеска, како што информира МВР, била спроведена координирана полициска акција под директно раководство на двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, при што биле извршени претреси на повеќе локации на подрачјето на Битола, Неготино, Кичево, Велес и Скопје.
За време на акцијата обезбедени биле голем број материјални докази (документација), а кај три лица биле пронајдени и одземени околу 130.000 евра. Од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-СКИ -Единица за корупција во соработка со Управата за финансиско разузнавање до ОЈО за ГОКК поднесена е кривична пријава против 23 физички лица и два правни субјекти и тоа: В.К. (55), В.С. (57), А.М. (44), П.М. (46), Н.С. (48), М.С. (45), Д.С. (43), М.Ј. (35), П.Ч. (46), Д.С. (59), З.Н. (58), С.М. (63), М.В. (58), В.М. (61), З.А. (38), Д.Ч. (47), Д.С. (48), С.К. (53), С.М. (54), Н.Н. (35), П.С. (69), М.С. (54), Р.С. (42), потоа правно лице од Неготино, како и правно лице од Скопје. Од нив, 21 лица се лишени од слобода, а за две се преземаат мерки за пронаоѓање.
Притоа пријавениот В.С. во својство на генерален директор на АД ЕСМ, Н.С.- поранешен директор во АД за производство на електрична енергија ТЕЦ Неготино, Д.С.- поранешен директор на комерцијални работи во АД ЕСМ и поранешен директор на АД „Пошта на Северна Македонија“ и П.М.- поранешен вд директор и директор на Подружница РЕК Битола во АД ЕСМ во текот на 2023 и 2024 година во Неготино, Битола, и Скопје организирале група која имала за цел вршење на кривични дела „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство“ од чл.275-в од КЗ, „злоупотреба на службена положба и овластување“ од чл.353 од КЗ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ од чл.273 од КЗ. Во текот на 2023 и 2024 година на оваа група и се приклучиле осомничените М.Ј.- управител на правно лице од Скопје, П.С., управител на правно лице од Велес, М.С. управител на правно лице од Неготино, М.С.- сопственик на правното лице од Неготино, Р.С.- сопственик на правното лице од Неготино, со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери.
Кривично пријавените свесно ги повредиле прописите на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, со договарање со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка, организирале пререгистрација на правни субјекти во нивна сопственост, се договарале како учесници во постапката за доделување на договори за јавна набавка во АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и подружница РЕК Осломеј да се јават правните лица од Скопје и Неготино и да ја изиграат постапката за доделување на договори за јавна набавка. Дел од организаторите и припадниците на злосторничкото здружение, со намера да прибават за себе или за друг значителна имотна корист не ја извршувале својата службена должност како службени лица вработени во АД ЕСМ Скопје, Подружница РЕК Битола со што овозможиле пријавеното правно лице од Скопје да го добие договорот за јавна набавка за набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел, адитив RPT 601, 190.000кг. за потребите на РЕК Битола и 120.000кг. адитиви RPT 602 за потребите на РЕК Осломеј и да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 397.636.400 денари. Пријавените како организатори на злосторничкото здружение и пријавените припадници на злосторничкото здружение во Битола, Неготино и Скопје, во периодот од месец октомври 2022 година до месец јули 2024 година пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на пари со намера да го прикријат нивното движење и подигнале пари во готово, а за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство“ од чл.275-в од КЗ, соопшти МВР.