Македонија
Меџити: Законот за бранителите нема да помине
Министерот Изет Меџити објави дека законот за бранителите нема да помине.
На социјалните мрежи Меџити напиша дека ДУИ, СДСМ и Левицата си ги здружиле силите за да ги реализираат предупредувањата за дестабилизација на државата и поттикнување етнички тензии, па затоа законот за бранителите е на дневен ред во Собранието.
„Нашите пратеници се против дополнување на законот за бранителите, без закон за привилегии на припадниците на УЧК. Јавно прашувам: дали законот за бранителите е обид за поттикнување меѓуетнички тензии и дефокусирање на вниманието на јавноста од фрапантно криминално богатење на челниците на ДУИ?“, напиша Меџити.
Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, во Собранието поднесе предлог-закон за бранителите, со кој се предвидува зголемување на надоместокот по степен на попреченост од 1.200 евра како максимална месечна вредност на 82 илјади евра доколку степенот на инвалидност е 100 проценти како еднократен надомест.
Oд „Влен“ претходно порачаа дека нема да дозволат усвојување на овој закон доколку тој не биде во пакет со законот за решавање на статусот на војниците од поранешната УЧК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зачестена појава на измамнички пораки за наплата на сообраќајни прекршоци, предупредува МВР
Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност и Одделението за сајбер безбедност при Одделот за информатика и телекомуникации во рамки на Министерството за внатрешни работи информира дека е забележана зачестена појава изминативе денови, каде непознати лица преку странски телефонски број +639606963624 испраќаат на македонски корисници пораки за наводно регистриран сообраќаен прекршок и бараат наплата со платежна картичка за истиот на лажна веб страна http://mvr.govmk.cam/mk.
Измамата, како што појаснуваат од МВР, се врши на тој начин што, откако лицата ќе кликнат на линкот оставен во пораката, истиот води на лажна веб страна на МВР каде што бараат да ја внесете вашата регистарска табличка од вашето возило и потоа ве носи на нов прозорец каде ви е регистриран прекршок и ви бараат наплата од 1500 денари за истиот.
„Апелираме до граѓаните да бидат претпазливи и да не веруваат на пораки кои доаѓаат од нелегитимен веб сајт на Министерството, ниту да оставаат свои лични податоци и податоци од својата платежна картичка, кои потоа претставуваат цел на злоупотреба.
Исто така Секторот за компјутерски криминал при МВР апелира до граѓаните и правните субјекти да не отвораат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи со цел да не наседнуваат на измами од ваков тип.
За полесно препознавање на вистинската порака, граѓаните во делот на испраќач на пораката треба да биде MVR-SC (во превод MVR Safe Country)“.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 19 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 23 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во попладневните часови наместа ќе има услови за развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Во сабота се очекуваат поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Македонија
Министерство за култура: Исплатени се средствата наменети за самостојните уметници за 2026 година
Министерството за култура и туризам информира дека се исплатени средствата наменети за самостојните уметници за 2026 година дека во текот на утрешниот ден ќе бидат достапни на нивните сметки.
Доцнењето, како што појаснуваат настанало поради дополнителни усогласувања и проверки во постапката на пресметка и координација со надлежните институции, со цел исплатата да биде реализирана во согласнот со важечките законски и финансиски прописи.
„Министерството за култура и туризам останува посветено на навремено и континуирано исполнување на обврските кон самостојните уметници, како и на унапредување на системските решенија за надминување на вакви ситуации во иднина“.
