Македонија
Меџити: Нема да се изгради базата за асфалт во Визбегово
Реакциите на граѓаните за стопирање на изградбата на базата за асфалт во Визбегово не останаа нечувствителни како во претходните случаи. Сега, со Меџити на чело на Министерството за животна средина, овој проект ќе биде стопиран, бидејќи е потврдено дека ќе го загрози здравјето на граѓаните и животната средина, велат од ВЛЕН.
Првиот заменик премиер и министер за животна средина, Изет Меџити, соопшти дека, како што ветиле пред изборите, базата за асфалт во Визбегово нема да се изгради.
Меџити изјави дека вчера ја посетил Индустриската зона Визбегово, каде што се сретнал со претпријемачи од оваа скопска зона.
„Заедно разговаравме за предизвиците со кои се соочуваат, како што се проблемите со патот и пристапот до областа, како и за главното прашање што го покренаа граѓаните и бизнисите во знак на протест: планираната изградба на Асфалтната база. Го зацврстив нашиот став дека ги слушаме граѓаните и стопанствениците и ги информирав дека ја укинавме одлуката за изградба на асфалтна база во оваа индустриска зона. Оваа одлука е донесена земајќи ги предвид нивните аргументи кои ја нагласуваат штетата што таквата активност би ја донела за здравјето и животната средина. Ги поддржуваме бизнисите, но не по цена на здравјето и природата“, напиша Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСМ: Се нормализира испораката на топлинска енергија во Општина Центар
Во раните утрински часови, екипите на ЕСМ Дистрибуција успешно ги завршија сите предвидени и исклучително сложени активности за санирање и отстранување на дефектот на магистралниот вод А во општина Центар, што поминува преку булеварот Кочо Рацин, на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен. Вработените со сериозна посветеност и ангажман успешно ја завршија санацијата на магистралниот вод во текот на ноќта, информираат од ЕСМ.
„По завршувањето на овие интервенции, во тек се активности на полнење на топловодите со што испораката на топлинска енергија до потрошувачите кои се снабдуваат од тој магистрален вод се нормализира и се обезбедува стабилно и непрекинато снабдување за сите потрошувачи во општина Центар.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи“, се истакнува во соопштиението од ЕСМ снабдување со топлина.
Македонија
Оваа СДС е истата партија од претходно, која молчеше, уште збор не кажува и не се извинува за криминалите на Артан Груби, вели ВМРО-ДПМНЕ
„СДС е безгласна буква. СДС на чело со Венко Филипче дословно и без да гукне ги извршува политиките на неговите претходници, Зоран Заев и Димитар Ковачевски слугувајќи на ДУИ и Артан Груби. Филипче никако не може да излезе од нивната сенка и нема храброст да се извини за криминалните коалиции, за кои сеуште се држи, и за криминалот на Груби кој месец дена ја тресе македонската јавност“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче не смогна сили да се извини ни зошто МВР, на чело со Оливер Спасовски во владата на СДС, со години не преземала ништо за да ги спречи неговите криминални дела.
Не само што не го спречиле криминалот на Груби, МВР на чело со Спасовски не покрена ниту постапка за негово кривично гонење и соочување со лицето на правдата.
Венко Филипче и ова раководство на СДС, составено од третиот и четвртиот ешалон од времето на владеењето на Заев, уште го штитат Артан Груби и неговиот политички договор со неговите претходници.
Во СДС ништо се нема сменето. Таму се е исто, дури и Зоран Заев го има, и ова СДС е континуитет на правените седум годишни криминали и препознатлива по измеќарството кон ДУИ.
Седумгодишните криминали, предавството на националните интереси и слугувањето на претходните раководства кон ДУИ и Артан Груби, се едни од главните причините кои СДС го доведоа до историски најголемиот изборен пораз.
И ако Филипче не собере сили да се извини прво за Артан Груби, а потоа за се останато, со сигурност СДС ќе го бетонира на дното на македонската политичка сцена“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Утрово најстудено во Битола
Утрово најстудено во Битола каде што биле измерени -6 степени, -5 било во Прилеп, -3 во Тетово, Штип, Виница и Куманово, -2 во Дебар, Кавадарци, Попова Шапка, -1 во Скопје-Зајчев Рид, Крива Паланка, Демир Капија, Струмица, Берово, Велес, Маврови Анови, Лазарополе, 0 во Скопје-Петровец, Крушево, 1 во Претор, Гевгелија, 2 во Охрид.
Висината на снежната покривка во седум часот утрово била 46 сантиметри на Попова Шапка, 42 Маврови Анови, 22 Крушево, 17 Битола, 10 Дебар, 9 Тетово, 7 Демир Капија, 6 Штип, Берово, 5 Лазарополе.
Времето денеска
Претпладне по одделни котлини со појава на магла и ниска облачност. Преку денот времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд и снег во пониските, а со врнежи од снег на повисоките места и на планините. Врнежите ќе бидат со слаб, а во западните делови со умерен интензитет.
Максималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7 степени.
Во Скопје облачно со појава на магла. Во текот на денот ќе има повремени слаби врнежи од дожд, а на повисоките делови од котлината со повремен дожд и снег. Максималната температура ќе достигне до 3 степени.