Македонија
Меџити: Чаир не е средство за враќање на власт на оние кои денес тагуваат во опозиција и мислат дека преку победа ќе се вратат во владата
Кандидатот на коалицијата ВЛЕН за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, вечерва на централниот митинг во Чаир им се заблагодари на сите активисти и граѓани за нивната постојана поддршка за време на целата изборна кампања.
„Вечерва не сум тука ниту да зборувам за нашите проекти во Чаир, затоа што, каде и да се движите низ Чаир, зборува нашата работа, зборуваат машините кои работат во нашиот Чаир. Затоа, сè што би рекол за тоа што правиме за нашиот Чаир би било помалку од она што реално се случува како промена денес во Чаир.
Вечерва на завршницата на оваа кампања, сум овде за да ви кажам дека оваа битка ги надмина димензиите на една обична локална изборна трка. Нашите политички противници сакаа да нè предизвикаат во Чаир, да нè поразат во Чаир, мислејќи дека ќе се повлечеме. Иако имавме многу момци и девојки кои ќе ја водеа оваа битка со успех, како и секогаш, јас ја прифатив оваа одговорност и побарав разбирање од пријателите во ВЛЕН за да се кандидирам лично.
Сакав честа на Чаир да ја преземам врз себе и да им покажеме на сите дека Чаир не е трамполина за спас на политичките кариери на истрошените политичари од Зајас. Чаир не е ниту средство за враќање на власт на оние кои денес тагуваат во опозиција и мислат дека преку победа во Чаир ќе се вратат во владата“
На 19 октомври, порача Меџити, некои од нив ќе бидат испратени во политичка пензија, а некои во историјата.
„Нашата победа во Чаир има врска со честа на Чаир. Затоа што јас не сум во трка со Бујар
Османи, туку со Али Ахмети од Зајас.
Втората работа што сакам да ви ја кажам е дека се вратив да се кандидирам во Чаир за да ја претворам нивната замисла за Чаир како запоставена гето општина, во Чаир од нашите соништа. Во изминатите 15 месеци во извршната власт, владата ВЛЕН насочи кон Чаир десетици проекти и околу 100 милиони евра инвестиции, со што Чаир од периферија го претвораме во центар на градот.
Битката во Чаир не е само борба за тоа кој ќе ја управува оваа општина во следните четири години. Оваа битка ќе ја одреди и политичката иднина на Албанците: дали ќе се вратат оние што владееја со ароганција и завршија на црните листи или ќе продолжиме ние да владееме со елеганција и да бидеме на светлите страници на нашата историја“, кажа Меџити.
Во Чаир, како што истакна, се води битка за сите населени места, од Липково до Струга.
„Затоа оваа кампања ја водев внимателно, со идеи и програма, а не со навреди и омаловажувања. Ја прифатив улогата на слуга на народот и подготвен сум до крај да работиме“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска сончево, од утре голема промена на времето
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб, а во западните делови умерен ветер од југозападен правец. Минималните температури ќе бидат во интервал од -3 до 5, а максималните од 16 до 20 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 16 степени.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека утре облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.
Македонија
ЦУК: Две странски државјанки изгубени на патот кон Дрисла – полицијата упатена на терен
Преку единствениот број за итни повици 112 добиена е информација дека две женски странски лица, кои патувале со возило, се изгубиле во реонот на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
Оттаму велат дека ЦУК е во постојана комуникација со МВР и Полициската станица Драчево, од каде е побарано упатување екипа на терен.
Полициска екипа од ПС Драчево е веќе упатена кон локацијата и постапува по случајот, соопшти ЦУК.

