Македонија
Меџити: Чаир ќе стане пример за инклузија, еднаквост и почит
Чаир ќе стане пример за инклузија, еднаквост и почит за секој граѓанин, рече денеска на прес-конференција, кандидатот на ВРЕДИ за градоначалник на оваа општина, Изет Меџити.
Тој појасни дека во рамки на денешниот настан, се зборува за еднаквост, можности и достоинство, за правото секој граѓанин на Чаир да го има своето место во работата, во институциите, во јавниот живот и на секој чекор од секојдневието. Притоа, додаде дека во нивната програма, грижата и вклученоста на лицата со попреченост е една од главните столбови.
– Во соработка со организациите што работат во оваа насока, ќе изградиме долгорочни политики за пристап до образование, здравствени услуги, транспорт и јавни простори. Ќе создадеме посебни програми за нивно вработување и обука во јавниот сектор и во локалните институции. Ќе ги поддржиме микро – бизнисите, социјалните претпријатија и заедничките иницијативи, затоа што економската независност е темелот на човековото достоинство, порача Меџити.
Тој подвлече дека оваа заложба започнува од него лично, од неговиот кабинет.
– Сакам да ја споделам со вас веста дека Ќамуран Исмаили, извонреден човек и професионалец, ќе биде дел од мојот кабинет како советник. Ќамуран нема да биде дел од мојот кабинет само симболично, туку за да има реално влијание. Неговиот глас е гласот на една заедница која заслужува да биде слушната. Неговото искуство е мост меѓу институциите и граѓаните кои често се чувствуваат заборавени. Почнувајќи од мојот кабинет, ние оваа заложба ја претвораме во реалност, истакна Меџити.
Зашто, како што нагласи, вклучувањето на секој човек не е привилегија, тоа е право.
-Чаир ќе биде пример за општина што не дели туку обединува, што не исклучува туку овозможува, што не зборува за луѓето – туку ги слуша и работи заедно со нив, подвлече Меџити на денешната прес-конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.
Македонија
ЦУК: Две странски државјанки изгубени на патот кон Дрисла – полицијата упатена на терен
Преку единствениот број за итни повици 112 добиена е информација дека две женски странски лица, кои патувале со возило, се изгубиле во реонот на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
Оттаму велат дека ЦУК е во постојана комуникација со МВР и Полициската станица Драчево, од каде е побарано упатување екипа на терен.
Полициска екипа од ПС Драчево е веќе упатена кон локацијата и постапува по случајот, соопшти ЦУК.
Македонија
(Фото+видео) „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“ – марш за загинатите во кочанската дискотека
Илјадници граѓани и родителите на жртвите од Кочани денеска маршираа во Скопје. Побараа правда и одговорност.
Маршот во организација на Здружението на граѓани „16 Март 2025“ од Кочани и иницијативата „Кој е следен“ почна во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, продолжи кон Собранието на Македонија, а заврши пред Основниот кривичен суд.
Се движеа носејќи фотографии од загинатите и транспаренти на кои пишуваше: „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“, „Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“, „Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите?“, „Ние изгубивме, вие се уште имате за што да се борите“…


Сопругата на пејачот Андреј од ДНК, Наталија Ѓорѓиеска, побара пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
„Истражувањето што се водеше остана нецелосно, со многу отворени прашања, без одговор и недоразјаснети околности. Ние, семејствата, останавме со сомнеж дека вистината овојпат е сокриена“, кажа Ѓорѓиеска.


Судењето за пожарот во Кочани почнува во среда. Предвидено е неделно да се одржуваат по најмалку две рочишта. Обвинителство распореди 15-мина обвинители кои ќе настапуваат во тимови. Ќе им се суди на сопствениот на дискотеката, фирмата за обезбедување, тројца градоначалници на Кочани, поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување. Обвинети се за пожарот во Пулс каде загина 63 лица, а над 200 беа повредени.

