Македонија
Милевски: Се грижиме за учениците и за жртвите на семејно насилство, зголемен капацитетот на Домот во Куманово

Целосно реконструиран и адаптиран е Ученичкиот дом во Куманово, со што се подобрија условите за живеење и учење на 120 ученици. Во рамките на проектот домот целосно се приспособи за учениците со лесна физичка попреченост и се направија пет апартмани за средношколци – со лесна физичка попреченост, како и за згрижување лица жртви на семејно насилство, пожари и поплави.
„Првпат овозможивме упис на максимум 6 ученици средношколци со лесна физичка попреченост. Вкупниот буџет е над 10 милиони денари, а главна цел на проектот е подобрување и осовременување на досегашните услуги и услови за целодневен престој на корисниците во Ученичкиот дом ‘Професор Мијалковиќ’ – Куманово, како и воведување нови услуги што не постојат во регионот, а се однесуваат на згрижување ученици со лесна физичка попреченост кои се во состојба да следат редовна средношколска настава и згрижување и целосен психофизички третман на жртви на семејно насилство и жртви од пожари и поплави, кои се повремени корисници на услугите на Ученичкиот дом“, рече министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Тој појасни дека за реализација на проектот направена е реконструкција и адаптација на Ученичкиот дом, која опфаќа инфраструктурно уредување на просторот, приспособување на пристап за лица со посебни потреби, поставување пристапна рампа и лифткар-гасеничар, приспособување на некои од собите, односно изведба на тоалети приспособени за користење на лицата со посебни потреби, промена на прозорци, врати и промена на фасада, преуредување на заеднички простории, сала за пинг-понг и приспособување за користење за повеќе намени што се во интерес на учениците, како што е простор за регионални состаноци, обуки, семинари, на кои ќе има инфраструктурна пристапност и за лица со физичка попреченост.
„Социјалната инклузија е една од темите што, за жал, често се занемарува. Сепак, тоа е една од клучните швајцарски вредности со мотото ‘Никого не оставајте изоставен’, што е една од целите на ООН за одржлив развој. Затоа, социјалната инклузија како тема е вклучена во сите проекти финансирани од Швајцарската агенција за развој и соработка, впрочем тоа беше тема на годинешниот повик за грантови за инвестиции во рамките на Проектот за одржлив и рамномерен регионален развој. Многу сум среќна што сум денеска во Ученичкиот дом ‘Професор Мијалковиќ’ и ја гледам посветеноста на тимот да ги отвори вратите за жртвите на семејно насилство и природни опасности, како и да го направи достапен за студентите со попреченост“, вели амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер.
Таа вели дека овој проект е само мал чекор кон постигнување кохезија во општеството, но сепак треба да послужи како пример за владата и локалните власти во подготовката на идните проекти и програми, секогаш да се земат предвид потребите на социјално исклучените луѓе.
„Задоволен сум од она што ни беше презентирано од страна на директорката на Домот, така што овие средства се успешно инвестирани во нашиот град за подобрување на условите за живеење на лицата што го завршуваат воспитно-образовниот процес во нашата општина, а живеат во целиот регион и конкретно учат во средните училишта во општина Куманово. Посакувам уште вакви успешни проекти и секако честитки до реализаторот на проектот, имплементаторот и изведувачот“, истакна градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Директорката на Домот им се заблагодари на сите што вложија напори за тој повторно да добие нов лик.
„Ова донација како на институција многу ни значи за да ги подобриме условите за живеење и вршење воспитно-образовна работа на учениците што доаѓаат од целиот Североисточен Регион. На овој начин учениците ќе може да се чувствуваат како дома, ќе имаат подобри услови и со тоа ќе се зголеми нивниот број, но и продуктивноста. Се надевам дека вакви проекти ќе има уште како за нашиот град така и за другите општини во републиката“, рече директорката на домот, Љубица Павловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицкоски побара поддршка и од Пленковиќ: Граѓаните заслужуваат стабилност

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и потпретседателот на партијата, Александар Николоски, денеска, во Загреб, имаа средба со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, и со министерот за надворешни и европски прашања на Хрватска, Гордан Грлиќ – Радман.
На средбата Мицкоски побара од Хрватска да го поддржи деблокирањето на европските интеграции на државата посочувајќи дека, покрај ветото од источниот сосед, граѓаните не заслужуваат да бидат заложници на неспособната влада на чело со Зоран Заев, која не може да испорача резултати.
„Ветувањата наспроти делата покажуваат дека Македонија се соочува со растечка сиромаштија, пропадната бизнис-клима и галопирачка корупција. Додека регионот и светот се рекордери по успеси и достигнувања, Македонија е рекордер по украдени избори, попис, кој е фалсификат во најава, потрошени пари за поткуп, партизирано судство и селективна правда. Сето ова граѓаните ги прави несреќни и е јасен показател дека мора да се променат работите“, истакна Мицкоски, кој додаде дека граѓаните заслужуваат стабилност и големи чекори напред.
Мицкоски му се заблагодари на Пленковиќ за поддршката најавувајќи дека Македонија е подготвена за промени, за борба за обезбедување на иднината и за рестартирање на општеството.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со ова ја заокружува дипломатската регионална посета, при што за четири дена се виде и оствари значајни средби со тројца премиери: премиерот на Хрватска – Андреј Пленковиќ, премиерот на Словенија – Јанез Јанша и премиерот на Унгарија – Виктор Орбан.
Македонија
Наставниците ѝ даваат зелено светло на реформата

Новата концепција за основно образование што ја нуди Министерството за образование и наука ни дава можност да ја покажеме нашата креативност и да се докажеме како наставници преку поголемата слобода во изведување на воспитно-образовниот процес. По години назадување, на реформата гледаме како можност за промена на образовниот систем и приближување до најдобрите образовни системи во Европа и светот, рекоа наставниците по средбата со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и членовите на работната група во рамките на широкиот консултативен процес за предложените реформи во основното образование.
Професорката Елена Масторидис од ОУ „Лазо Трповски“ во Карпош рече дека првпат по 30 години работно искуство, се појавила министерка која овозможила да се чуе гласот на наставниците и тие да дадат придонес врз основа на искуството за да може новата концепција успешно да почне во септември 2021.
Ставот на наставницитe е дека промените се прават во најдобар интерес како на наставниците така и на учениците.
„Сметам дека апсолутно треба да ја поддржиме, да ја прифатиме, да ѝ дадеме зелено светло на новата концепција кшто ја нуди Министерството, на кој начин ќе можеме да се докажеме и ние како наставници, нашата креативност, и сè она што досега ни било ограничено, а имаме поголема слобода во изведување на тој воспитно-образовен процес и во остварување на нашите цели“, рече Марина Видикова од ОУ „Тоде Хаџи Тефов“ од Кавадарци.
И Рухи Демири од ОУ „Луиѓ Гаракуќи“ од Желино ги поддржува промените во образовниот систем бидејќи „со нив добиваат учениците, наставниците и сите директно вклучени во системот на образование“. Тој очекува со новата концепција подобра и поквалитетна настава, а со тоа и подобра иднина.
Реформата на основното образование ќе придонесе за враќање на изгубената вредност на професијата наставник, ќе ги мотивира најдобрите ученици да сакаат да бидат наставници, а оние што веќе се во образованието добиваат можност за напредок и развој.
За наставниците, целосно е прифатливо фокусирањето на професионалниот развој, што значи напредок во кариерата, повисоки примања и подобри услови за работа. Рекоа дека овие промени наставниците ги бараат со години и сега, со реформата, конечно ќе се реализираат. Сметаат дека промените ќе значат квалитативен исчекор, токму затоа што наставниците се вклучени од самиот почеток во подготвување на реформата и што нивните мислења се целосно имплементирани.
Наставниците истакнаа дека за нив е клучно што сите наставници по сите предмети продолжуваат со работа, но на еден поинаков начин, преку соработка меѓу себе и заедничко оценување. Ќе следат тримесечни темелни обуки со цел успешно имплементирање на реформата.
Македонија
Филипче: Првите вакцини од „Фајзер“ и од Србија ќе стигнат со интервентен увоз

Не постои законска пречка за прием на вакцините против Ковид-19 во нашата земја. Првите дози на вакцината од „Фајзер“, која е договорена во директни преговори со производителот, како и 8.000 дози што од Република Србија треба да пристигнат во нашата земја, ќе бидат со интервентен увоз. Измената на Законот за лековите е поради глобалната политика на „Фајзер“, од каде што инсистираа апликант за регистрацијата на вакцината да биде нивното претставништво кое е со седиште во Холандија, одговорно за овој дел на Европа, вели министерот за здравство, Венко Филипче.
„Србија е единствената земја во целиот регион каде што има локално претставништво на ‘Фајзер’ и тоа на некој начин им ги забрза работите. Но, и тоа не е пречка, свесни дека е таква нашата законска регулатива, производителот ‘Фајзер се согласи првите количини вакцини што ќе дојдат во нашата земја и преку директниот договор, но и преку помошта од Србија, да дојдат со интервентен увоз за што има законска регулатива и за тоа не треба регистрација“, истакна Филипче.
Тој додава дека „Фајзер“ на нашата земја ѝ излезе во пресрет не сакајќи да се забави динамиката на пристигнување на вакцините.
„Со оглед на тоа што инсистираат регистрацијата да се биде кога-тогаш, не сакајќи да ја забават динамиката на пристигнување на вакцините, се согласија тоа да биде за следните количини во следните месеци поради тоа што ние поднесовме измена на Законот за лековите во Собранието за да овозможиме оваа конкретна вакцина да се регистрира преку апликант што не е регистриран како компанија во нашата земја“, објаснува Филипче.
Што се однесува до испораката на вакцините од Република Србија, Филипче појасни дека во моментот се чека одобрување од компанијата „Фајзер“ за интервентен увоз.
„Во интензивна комуникација сме со компанијата изминатите два дена, паралелно на нашите разговори во врска со нашиот директен договор, сега се чекаат и фајловите за да се дозволи таа количина од Србија да биде пратена во нашата земја. Тоа значи дека компанијата ‘Фајзер’ води сметка за буквално сите количини што ги дистрибуира во земјите дали и на кој начин евентуално се препраќаат во некои други земји“, додава министерот.
Во врска со измените на Законот за лековите, министерот изминатиов период имаше средби со пратеници на опозицијата, кои во разговор со него изразија поддршка и конструктивност за измените на законот.
Што се однесува до вакцините што во земјата треба да стигнат преку Ковакс-механизмот, министерот Филипче на 29 јануари ќе има состанок со претставниците од тој систем кога се очекува да добие информации кога и во кои количини вакцините ќе стигнат во нашата земја.
Тој нагласи дека здравствениот систем и сите други институции во државата се подготвени за процесот на вакцинација.
„Ние сме целосно спремни. Утрово имав состанок со директорот за Агенцијата за лекови МАЛМЕД, тамошните служби се целосно спремни да ги пречекаат документите, да ги издадат потребните административни формулари. Му укажавме на директорот на Царината и во таа служба се спремни вработените сите постапки да се завршат во најкус временски рок. Ние сме спремни со нашата инфраструктура, фрижидерите веќе се инсталирани, може тука да се складира огромна количина вакцини. Подготвен е и планот за вакцинација, секако здравствените работници се први, така што во моментот кога ќе пристигнат вакцините, имаме план по кој ќе се постапува“, изјави министерот.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија1 месец
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира
- Македонија4 недели
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот