Македонија
Милионски суми плаќала Општина Центар за бркање птици и чување на спомениците од „Скопје 2014“
Неверојатни 8.400.000 денари е вредноста на двата договори склучени во 2011 и 2012 година од страна на поранешното општинско раководство, предводено од ВМРО-ДПМНЕ, со кои се плаќало обезбедување на спомениците од „Скопје 2014“.
Двете одбрани фирми, „Лупус“ ДОО Скопје, која се врзуваше за името на поранешниот телохранител на премиерот Никола Груевски, Дејан Митревски – Урко и „МДН Обезбедување“ ДОО Скопје, биле регистрирани на иста адреса – ул. “Црниче“ бр. 20, но со различно име на фирма и различни сопственици.
Како што беше кажано на седницата за советнички прашања, за тие 135.685 евра се обезбедувале фонтани и спомен-обележја од проектот “Скопје 2014“.
Месечно Општија Центар плаќала 88.000 денари за патролирање и надгледување на плоштадот „Македонија“, како и за контролата на локациите парк „Жена борец“ и „Карпошово востание“.
Пари биле обезбедувани и исплаќани дури и за споменици што, како што стои во договорот, дополнително ќе бидат поставени, како што се колонадата, мостот “Око“, спомен обележјата на Неџат Аголи, Димитрие Беровски, Христо Узунов, Павел Шатев, Јосиф Багери и други.
Средствата општината ги исплаќала се’ до отстапувањето на спомениците од „Скопје 2014“ во надлежност на Град Скопје.
„Ова е класичен пример како во општина Центар од претходното раководство се переа и незаконски се трошеа пари на граѓаните. Најверојатно, спомениците се добро чувани, не само од обезбедувачите, туку и од птиците“, рече Жерновски.
Инаку, како што општината веднаш алармираше, неколку илјади евра се плаќало за поставување специјални свирчиња за бркање на птици од спомениците, а за чистење на фонтаните биле ангажирани и двајца нуркачи со комплетна опрема./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
