Македонија
Милошоски: Само пренесував информации објавени во повеќе медиуми

По објавениот демант од страна на Почесниот конзулат на Белорусија во Скопје во врска со информациите што Антонијо Милошоски ги изнесе вчера на собраниската говорница, на „Фејсбук“ се огласи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, кој објасни дека наводите што ги презентирал претходно биле пренесени од најмалку 5 медиуми и дека станува збор за прашање од јавен интерес.
„Сосема легитимно за секој пратеник е до Владата да постави прашање од јавен интерес дали тие медиумски наводи за барање рекет на фирмите што работат во РЕК ‘Битола’ се точни“, пишува Милошоски во својата објава на „Фејсбук“, со која се обраќа до почесниот конзул на Белорусија, Борче Марковски, за кој забележува дека е сопственик на „Марковски компани“ од Битола.
Пратеникот Милошоски на вчерашната седница на Собранието, посветена на пратенички прашања, истакна дека во кабинетот на премиерот Заев дошол белорускиот амбасадор за да разреши спор во врска со случај во кој на бизнисмен од Битола, познајник на амбасадорот, му бил побаран рекет од 250 илјади евра.
Тврдењето беше демантирано од премиерот Заев, а денеска следуваше и демант од Почесниот конзулат на Белорусија во Скопје, од каде што порачаа дека се работи за лажни вести и најавија протестна нота во врска со изјавата.
Меѓутоа, Милошоски смета дека секој пратеник има должност да коментира и изнесува теми што медиумите ги објавиле и се од јавен интерес, така што поради демантот дека како пратеник изнел лажни вести, се закани со тужба до почесниот конзул на Белорусија. Претеникот на ВМРО-ДПМНЕ пишува дека ваквите обвинувања не одговараат на вистината и ги смета за навреда и клевета со која му се нанесува штета на угледот во работата и извршувањето на неговите обврски како пратеник.
„Вие сте одлучиле со известување во име на Почесниот конзулат, без претходно да побарате информација од мене, без претходно јавно да реагирате до медиумите што пренеле наводи за барање рекет на фирми во РЕК ‘Битола’ како тема од јавен интерес, да тврдите дека ‘од страна на пратеник се извадени лажни вести’, што не одговара на вистината и го сметам за навреда и клевета со која му се нанесува штета на угледот во работата и извршувањето на моите обврски како пратеник. Дали Вие ќе полемизирате или ќе ги демантирате медиумите што дојавуваат дека на приватни фирми им се бара рекет за тендери, не Ви се мешам, тоа е Ваша лична одлука и како почесен конзул и како стопанственик со ‘Марковски компани’. Повеќе детали и објаснување на оваа тема ќе добиете на Вашата официјална имејл-адреса од страна на мојот адвокат“, наведува Милошоски во објавата упатена до почесниот конзул на Белорусија, Борче Марковски, и бара од него да објави извинување и повлекување на неговата изјава, а во спротивно пратеникот најави дека ќе ги преземе преостанатите законски можности.
Во прилог како доказ на неговите тврдења пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ приложува и линк од неговиот настап во Собранието, во кој, како што вели, може да се чуе прашањето упатено до премиерот за тоа дали се точни информациите и наводите што ги пренесуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Насилството на антиевропската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица ја покажува нивната вистинска цел

Вечерва граѓаните беа сведоци на нови инциденти и насилство на протестите организирани од ВМРО-ДПМНЕ и проруската инсталација Русија пред Собранието; соопшти СДСМ.
„ Повторно бевме сведоци како насилници со качулки ги нападнаа полицајците, фрлаа запаливи течности, ги каменуваа припадниците на македонската полиција и се обидоа насила да влезат во Собранието. Вакви слични сцени гледавме на црниот 27 ми април и знаеме што тоа значи.
Првичните информации се дека има и повредени неколку припадници на полицијата. СДСМ најостро го осудува насилството, овој насилен начин на делување на ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица го покажува нивното вистинско деструктивно и насилно лице.
Протестот е загарантирано право но насилството е кривично дело и одговорност за ова мора да понесат сите инволвирани. ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица сакаат да ја дестабилизираат државата, да и наштетат и со тоа да одработат на центри на моќ кои не и мислат добро на нашата земја и на нашиот народ и не сакаат земјата да биде дел од Европската уника.
СДСМ, институциите, заедно со граѓаните, нема да дозволиме насилничкото однесување и сценаријата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица да ја загрози државата. Нека не се обидуваат да го повторат упадот од 27 април. Тоа нема да го дозволиме“ порачаа од владејачката партија.
Македонија
Секуловски: На овие собири заеднички именител е гневот кон ненародната власт

На вечерашниот протест против францускиот предлог кој вечерва се одржа на неколку локации во Скопје, пред Собранието на присутните се обрати и Бранко Секуловски, поранешен професор и поранешен судија.
Тој посочи дека на ваквите протести, заеднички именител е гневот од ненародната политика на извршната власт и помеѓу другото, предлогот во врска со спорот со Бугарија.
„ Како правник, кој целиот свој живот го изучувал и спроведувал правото и правдата, дозволете ми да се осврнам на некои правни аспекти од тој договор и од францускиот предлог. Да ве потсетам, се започна уште пред повеќе од две децении со потпишувањето на првиот договор за добрососедски односи со Бугарија. Со тоа сценарио, бугарската страна требаше да испорача одредени барања, меѓутоа преовлада сервилноста нашата страна, на преговарачите од Република Македонија така што, како се одвиваше времето, бугарските барања беа се поголеми а сервилноста на македонските политичари се поголема.
Така дојде до продолжување на оваа Одисеја за да се финализира со капитулантскиот Договор од 2017 година, потпишан од нобеловецот од село Муртино. На сегашните преговарачи од извршната власт им остана само тоа дисциплинирано да го извршат. Ако ја погледнеме генезата на настаните, ќе видиме дека политичките гарнитури во Бугарија се менуваа, а во Македонија останаа истите.
Почитувани граѓани, како течеше времето, овие договори се помалку личат на договори а се повеќе беа еднострани. Правно договорите се двострани и теретни, ова нема никаква врска со тој договор затоа што нивните се се поголеми, а нашите барања помали“ додаде Секуловски.
Македонија
Весна Петрушевска: Македонскиот јазик е нашата тврдина, со него ние војуваме

Прво, општествена одговорност е секој културен работник, актери, музичар да дојде и да говори дека имаме само еден јазик, а тоа е македонскиот, вели актерката Весна Петрушевска на денешниот протест „Ултиматум – НЕ, благодарам“ пред Собранието.
Петрушевска нагласи дека никој нема право да преговара за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик бидејќи, како што рече таа, тоа е нашата тврдина.
„Не може никој да преговара за нашиот идентитет, македонскиот јазик е нашата тврдина. Со македонскиот јазик ние војуваме. Ние сме супер народ, ние сме само обесправени“, изјави таа.
Петрушевска истакна дека овој протест е за борба за Македонците и за македонскиот јазик.
„Затоа денеска сум тука и не ме спречи ниту дождот, ниту времето ниту грмотевиците. Ова е борба за нас, за Македонците и за нашиот јазик“, порача Петрушевска.