Македонија
Минатата година во земјата 25 лица загинале на работните места

По повод 28 Април – Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, кој се одбележа вчера, македонското Здружение за заштита при работа (МЗЗПР) го презентира годишниот извештај за несреќи при работа за 2020 година.
Според направените анализи, минатата година се случиле 152 несреќи при работа. Од нив 25 биле фатални.
Според извештајот, стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 3,14, односно на секои 100.000 вработени загинуваат 3 до 4 лица.
Стапката на смртни случаи при работа е речиси иста како во 2019 година кога изнесувала 3,13.
Споредено по градови, најголем број несреќи и смртни случаи на работни места во 2020 година се случиле во Скопје по што следуваат Куманово и Кавадарци. Според дејности, минатата година најмногу несреќи имало во преработувачката индустрија и градежништвото по што следуваат јавната управа и одбраната.
Добиените податоци за 2020 година укажуваат дека најголем број несреќи се случиле кај лица на возраст помеѓу 45-54 години. Исто така, најголем број несреќи со фатален исход има во оваа возрасна категорија. Според пол, сите починати се мажи.
Гледано по месеци, декември бил месецот кога се случиле најголем број смртни случаи на работните места. Во летните месеци на 2020 година, во споредба со претходната година, има зголемување на бројот на повреди, како и на бројот на смртни случаи на работните места.
Еден од главните предизвици нотиран и во овој извештај на МЗЗПР останува потребата од поттикнување на сите што учествуваат во процесот на водење евиденција, прибирање и обработка на релевантни информации, да почнат да си ја работат својата работа и да вложат максимален напор кон добивање усогласени податоци за реалната состојба во областа на безбедноста и здравјето при работа.
„Kрајно време е на професионалците во струката да им се даде клучниот збор наместо, како секогаш досега, на темата БЗР да се одлучува со политикантски пристап и од страна на партиските вработени во дел од институциите“, истакна Милан Петковски, претседател на МЗЗПР, при презентацијата на извештајот.
Во спомен и слава на 25-те загинати лица на своите работни места во 2020 година МЗЗПР засади и 25 нови дрвца.
Истовремено, Здружението ја реафирмира својата иницијатива иницирана во 2018 година за целосна реализација на проектот за создавање на најмалиот парк на светот.
Меѓународната организација на трудот од 2003 година го назначи 28 април за Светски ден за безбедност и здравје при работа, со цел глобално спречување повреди и професионални заболувања на работното место.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицкоски: Наместо поддршка на Ахмети и Груби, Тупанчевски да воспостави европски вредности

„Ако министерот за правда и мој колега од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, редовен професор е мотивирачки да сме во друштвото на Суринам, Тунис и Индија наместо во Европската Унија, за мене тоа е девастирачки и понижувачки. Се надевам дека нашите студенти не ги воспитуваме и учиме на вредностите на Тунис, Суринам и Индија со сета почит кон тие држави, туку на вредностите кои што ги споделува Европската Унија“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање за коментар за Извештајот на „Транспаренси Интернешнл“.
Мицкоски додаде дека уште еднаш власта покажува политичка незрелост.
„Уште еднашка покажува политичка незрелост оваа Влада, и со тие позиции кои што ги рефлектира дополнително го обесхрабрува македонскиот народ. Ние сме држава со висока корупција, висок криминал за жал“, рече тој.
Нагласи дека единствена светла точка во државата се општините каде што градоначалници се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не сакам да бидам обвинет дека ете за тоа ги форсирам општините каде што имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, но помина доволно време за да можат граѓаните да оценат како работат кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, а како работи централната власт која што е практично раководена од Владата на ДУИ, а поддржана од СДСМ“, истакна Мицкоски.
„Така што јас би апелирал до мојот колега наместо да дава недвосмислена поддршка на Али Ахмети и Артан Груби, да се посвети малку и да ги воспитува студентите на европските вредности наместо да се споредуваме и да сме задоволни и да сме охрабрени со тоа што се наоѓаме во друштво на Суринам, Тунис и Индија“, укажа Мицкоски.
Македонија
Тупанчевски не негира дека ќе го сменат: Беше лиферувано дека министерството ќе биде ставено на берза

Министерот за правда, Никола Тупанчески не е загрижен доколку го сменат од функцијата, ниту негира дека тоа ќе се случи со влезот на Алијанса на Албанците во Владата. Тупанчески, смета дека брзата промена на министри не е решение. Тој ја извршуваше функцијата една година.
„ Беше лиферувано дека Министерството за правда ќе биде едно од министерствата кое ќе биде ставено на ‘Пазар 3’, фигуративно кажано, ќе биде на берза, во однос на одредени рокади, односно замени на министерските места. Апсолутно и јас како министер, но и Министерството за правда не сме оптоварени со овие работи. Јас кажав дека до последниот ден ќе го дадеме својот максимум. Ние сме министерство кое има резултати и замисла како да ги заокружиме претходните замисли за поддржување на ресурсите. Брзата промена на министри не сум сигурен дека претставува најдобро решение, но дефинитивни, не се зависни од Министерството за правда. Има фактори кои не се директно поврзани со Министерството за правда. Не постои оптовареност со развојот на настаните, но подготвени сме да одговориме на предизвиците“, посочува Тупанчески.
Со влезот на Алијанса за Албанците во Владата, ќе следува и реконструкција.
Македонија
До 12 февруари 2024 година да се сменат регистарските таблички со ознаката НМК

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните и правните субјекти, односно сопствениците на возила, на обврската дека заклучно со 12.2.2024 мора да извршат промена на регистарските таблички со ознаката МК со ознаката НМК.
Имено, во согласност со член 27 став (1) алинеја 5 од Законот за возилата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 140/08; 53/11; 123/12; 70/13; 164/13; 138/14; 154/15; 192/15; 39/16 и 161/19) и во согласност со член 28 од Правилникот за форма и содржина на образецот на барањето за издавање на пробните таблички, формата и содржината на регистарските таблички и на пробните таблички, како и начинот и постапката на нивно издавање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 293/2020), сите сопственици на регистрирани возила се должни да ги заменат регистарските таблички што ја содржат буквената ознака МК, издадени до денот на почнување со примена на овој правилник (15.1.2021 година), односно таквите таблички може да се употребуваат најдоцна до 12.2.2024 година.