Македонија
Минатата недела 31 отсто помалку заразени, намален бројот и на реинфекции и на починати

Продолжува намалувањето на бројот на заразени, хоспитализирани и на починати од Kовид-19, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 4 до 10 април 2022 година.
Mинатата недела тестирани се вкупно 14.434 материјали за присуство на Ковид-19, со намалување од 3,0 проценти во однос на една недела претходно.
Регистрирани сe 1.106 нови позитивни случаи од 33 града во државата, со намалување од 31,0 отсто во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 2,4 до 10,6 отсто, просечно 7,3 проценти.
Најголем дел од регистрираните случаи е од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Битола, Демир Капија и во Ресен. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години. Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0 до 9 години.
Во однос на претходната недела се регистрира намалување кај сите возрасни групи, а најзабележително намалување во споредба со минатата недела се забележува кај возрасната група од 50 до 59 години.
Во текот на минатата недела статус оздравени стекнале 1.530 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување, 10,6 отсто помалку во споредба со минатата недела.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 175 реинфекции, со намалување од 36,1 отсто во однос на претходната недела.
Пријавени се 10 смртни случаи во 4 града, со датум на смрт во текот на изминатата недела – 23,1 отсто помалку во однос на претходната недела. Најголем дел од нив е од Скопје (6). Во однос на возраста, регистрирани се 9 починати од возрасната група над 60 години и еден починат од возрасната група од 50 до 59 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Османи во Киев на средба со Кулеба

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес e во работна посета на Киев, каде ќе оствари средба со својот хомолот, Дмитро Кулеба и други високи државни претставници на Украина. Предвидено е министрите да разговараат за руската воена агресија и начините како меѓународната заедница, вклучително и Северна Македонија можат да помогнат.
Во Киев Османи беше пречекан од македонскиот амбасадор, Крум Ефремов кој деновиве се врати во украинскиот главен град и заедно со останатите членови на дипломатската мисија продолжува да ја врши својата функција.
Македонија
СДСМ: Аферата „Криминални парцели“ води директно до Мицкоски

Криминалниот случај со препродажба на парцели во Делчевско за кои целата јавност беше информирана пред локалните избори конечно добива епилог. Кривични пријави се поднесени против седум лица, меѓу кои и функционери на ВМРО-ДПМНЕ и блиски соработници на Христијан Мицкоски, соопшти СДСМ.
„ Сите овие лица се под сомнение дека со однапред договорена зделка противправно се стекнале со 1,5 милиони евра. Аферата „Криминални парцели“ води директно до Мицкоски и Белиот дворец.
Апелираме до надлежните институции докрај да се расчисти овој криминал,а одговорните да бидат соодветно санкционирани. Одамна заврши времето на недопирливите за законот.
Денес пред законите сите се еднакви, секој кој сторил какво било криминално дело мора да одговара за своите постапки“ се наведува во соопштението.
Македонија
Денес сончево и многу топло, викендов пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 28 до 34 степени, јави УХМР.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Доцна попладне во делови од котлината ќе има краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 32 степени.
Во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, силен ветер и појава на град. В недела дневната температура ќе се намали за неколку степени.