Македонија
Министерката за Европа и Америка на Обединетото Кралство во посета на Македонија

Министерката за Европа и Америка на Обединетото Кралство, Венди Мортон, денеска ќе пристигне во дводневна посета на Македонија.
Како дел од својата посета таа ќе присуствува на првиот состанок на советот во рамките на договорот за партнерство, трговија и соработка (ДПТС) во Министерството за надворешни работи, што ќе ги зајакне трговските врски меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија. Обединетото Кралство и Северна Македонија го потпишаа договорот за партнерство, трговија и соработка во декември 2020 година со цел да ја зајакнат можноста за трговска соработка откако Обединетото Кралство ја напушти ЕУ.
Министерката за Европа и Америка на Обединетото Кралство, Венди Мортон, изјави:
„Задоволство ми е што сум тука во Северна Македонија на првиот состанок на советот во рамките на договорот за партнерство, трговија и соработка. Овој договор претставува рамка за поблизок политички дијалог и засилено трговско партнерство. Исто така, го поддржува унапредувањето на соработката во полето на животната средина, образованието, човековите права и претставува можност за зајакнување на нашите безбедносни и културни врски.“
Во рамките на посетата таа ќе се сретне со министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, министерот за животна средина, Насер Нуредини, ќе го посети проектот на британскиот совет „Училишта за 21 век“ и ќе се сретне со граѓански организации, кои работат на заштита на животната средина, промоција на човековите права, родова еднаквост, вклучување на лицата со попреченост и медиумски организации.
Исто така, ќе се разговара и за климатските промени во пресрет на конференцијата за климатски промени (COP26), која ќе се одржи во Глазгов, и за клучните реформски процеси со акцент на владеењето на правото, доброто владеење, човековите права, медиумите, образованието, родовата еднаквост и вклучувањето на лицата со попреченост.
Ова е втора посета на министерката по онаа кога беше дел од состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес во 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тешка сообраќајка во Чаир: Крв на улицата, еден возач однесен во болница

Тешка сообраќајка се случи вечерва во Чаир, во близина на стадионот. Во несреќата учествувале автомобил марка „фолксваген“ и моторцикл. Според информациите на „Макфакс“ од терен, на асфалтот има траги од крв, а возачот на моторциклот со Брза помош е однесен во болница. На улицата е растечено и масло од моторциклот.
Неофицијално, до несреќата дошло кога автомобилот му го пресекол патот на моторциклот, а тој удрил во левата страна од „фолксвагенот“.
По сообраќајката, на помош притрчале минувачи, кои се обиделе да му помогнат на возачот на моторциклот. Се обиделе да му го спречат крварењето, а го потурале и со вода.
На терен е излезена и полицијата. „Макфакс“ се обрати за детали, кои се најавени за подоцна. Во тек е увид.
Македонија
СДСМ: По сите скандали на Милошоски тој треба да си даде оставка, нема образ да зборува за македонските интереси

Македонија
Спасовски: Заврши времето на двојните стандарди, битката против криминалот не трпи селективност

Во интервјуто за Радио Слободна Европа, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ги коментираше обвинувањата од опозицијата во врска со наводни повластени криминални структури, категоризирајќи ги како комплетни дезинформации кои никако не соодветствуваат со реалноста.
Наведувајќи дека располага со информации за средби на дел од овие криминални структури токму со највисоките претставници на опозицијата, најверојатно поттикнати дека на тој начин ќе може да се помогне во некој друг аспект, тој порача дека овие активности не смеат да бидат со цел да се даде некаква политичка поддршка на било кој криминалец во државата.
Покрај ова, Спасовски истакна дека најголемиот дел од криминалните групи коишто опозицијата ги посочува во своите дезинформации, веќе се наоѓаат на издржување казна затвор и дека станува збор за достапни и лесно проверливи информации, додека за сите други криминални групи кои се занимаваат со рекет, уцени и други криминални активности, борбата интензивно продолжува.
„Не можете во исто време да имате борба против криминалните структури и да заштитувате некого. За тоа сведочат граѓаните, за тоа сведочат и сопствениците на угостителските објекти и оние кои ги посетуваат. Нема никаква селективност, бидејќи битката против криминалот не може да подразбира селективност. Заврши времето на наши и ваши, на заштитени и привилегирани, наспроти сите останати. Заврши времето во кое вие како политичар ќе преговарате за да амнестирате некои свои, кои што имаат криминални активности, визави т.н. „уставобранители“ коишто се во затвор, а за нив нема да гласате во Собранието. Знаете, тие двојни стандарди веќе не поминуваат“, потенцираше министерот Спасовски. Одговарајќи на прашањето до каде е истрагата за неодамнешното убиство на членови на криминални структури во угостителски објект под Кале, министерот Спасовски посочи дека има сериозен напредок во истрагата, со обезбедени добар дел аргументи, факти и докази коишто одат во прилог на целосна разврска на овој случај. „Мотивите се пресметки помеѓу криминални групи или внатре во криминална група и тоа на крај истрагата ќе го покаже и ќе го докаже. И токму тука сме насочени со акцијата ‘Безбеден град’ – да се оневозможи такви криминални структури да ги загрозуваат мирот, стабилноста и јавниот ред и мир на граѓаните. Затоа ќе бидеме уште пожестоки и поинтензивни, а оваа акција во следниот период ќе ја прошириме и по другите градови, бидејќи не сакаме да оставиме простор такви криминални структури да бидат формирани во било кој град во државата“, беше категоричен Спасовски.