Македонија
Министерот за локална самоуправа Милевски се спротивстави на францускиот предлог за решавање на спорот

Билатералните спорови не смеат да станат европски услови, а македонската евроинтеграција не смее да биде заложник на фрустрациите на Бугарија, смета министерот за локална самоуправа и лидер на Либерално демократската партија, Горан Милевски.
Тој е првиот функционер во Владата кој гласно се спротивстави на францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија најави дека овој став ќе го застапува во рамките на партијата и во Владата.
„Франција ти благодарам, но НЕ. Билатералните спорови не смеат да станат европски услови како што спорот помеѓу Словенија и Хрватска не беше за влез на Хрватска во ЕУ. Јазикот не може да биде компромис, тоа е веќе решено прашање со Преспанскиот договор.
ЕУ треба да знае да се изјасни, ја сака ли Македонија во ЕУ или НЕ. Ние повеќе немаме време за губење. Потребен е брз развој со јасни политики и однос кон ЕУ и нивните перманетни условувања.
Во ЕУ ќе влеземе како Македонци со својата вековна историја, култура, традиција и вредности, со сопствен јазик и посебности, а влез како втора бугарска држава, ниту сакаме, ниту некој може да прифати, ниту кореспондира со реалноста и историјата.
Историската комисија да достави на увид што се договориле со оние од Бугарија. Не може тројца историчари да бидат историската вистина. За секое нивно решение треба да има широк општествен консензус“, објави Милевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шаќири: Ако вложувате во своето знаење, пазарот на трудот лесно ќе ве најде

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири присуствуваше на денешното доделување на дипломи на четвртата генерација на дипломирани студенти на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Тој во своето обраќање ја потенцираше важноста на континуираното вложување во образованието.
„Сакам да ви порачам дека мора да се обидете, како професионалци коишто ја сакаат својата земја и го посакувате успехот – за да го постигнете истиот и за оваа среќа наместо да трае три дена, туку да потрае во континуитет, мора постојано да се трудите, да вложувате напори и време во вашето знаење. Учењето не завршува денеска. Ако го надоградувате, лесно ќе се вработите. Лесно ќе ве најде пазарот на трудот, приватниот сектор, каде што платите се веќе на завидно ниво. Тоа си го должите сами на себе, на вашите родители и семејства, на вашата земја. Рим не е изграден преку ноќ, исто како и подобрата перспектива која не мора да се најде во странство“ – истакна Шаќири.
Додаде дека на неколкуте средби што ги остварил со студенти стипендисти на МОН, коишто студираат на престижни универзитети низ светот, тие сите посакуваат да се вратат во земјава.
„Тука животот е поубав, дома. Сонцето грее поинаку тука, почвата дава поинаков род, овошјето е поблаго, пријателите ги гледаме секој ден. Времето сè уште го имаме на располагање. Бидете репер за вашите врсници, а со тоа и за идните поколенија“ – рече министерот.
На дипломираните студенти им порача дека секој од нив ја има одговорноста да биде подобар и да се стреми кон правење подобри дела од оние на претходните генерации.
„Секој мора да создаде свој бран на надеж за доброто на оваа земја. И кога ќе го направите ова, кога тие бранови ќе се спојат, ќе создаде енергија што ќе нè однесе кон подобра иднина. За вас завршува едно важно патување, а од другата страна ќе започнат нови обврски. Посакувам во ова ново патување, правилно и целосно да ги искористите сите знаења, вештини и искуства стекнати за време на студирањето на универзитетот“ – оцени министерот.
Македонија
Ковачевски во телефонски разговор со Шолет: Високо ја ценам поддршката на Стејт департментот во овие клучни моменти

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва телефонски разговараше со Советникот на Стејт департментот – Дерек Шолет во присуство на амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз.
Ковачевски изрази огромна благодарност до Стејт департментот и рече дека високо ја цени поддршка и интересот за нашата земја во овие клучни моменти за државата.
Исто така го информираше советникот Шолет за процесот на широка консултација со сите чинители во општеството кој Владата најодговорно го започна веднаш по добивањето на европскиот предлог.
Премиерот во разговорот уште еднаш ги потврди и посочи на јасните определби на Владата кои се темелат на демократските вредности и припадност кон прогресивниот свет кои за нас немаат алтернатива, бидејќи тоа е единствениот пат кој води кон напредок и просперитет.
Македонија
Ковачевски на средба со дипломатскиот кор: Северна Македонија е членка на НАТО, нејзиното местото е и во ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи како дел од најавената широка консултација која започна веднаш да се реализира по добивањето на европскиот предлог остварија средба со дипломатскиот кор во земјава. На средбата присуствуваа амбасадорката на САД – Кејт Мари Брнз, амбасадорот на ЕУ – Дејвид Гир, амбасадорот на Франција – Сирил Бомгартнер, в.д амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска – Џулија Смит, в.д амбасадорот на Италија – Марио де Роса, како и заменик амбасадорот на Германија – Ото Граф.
Премиерот Ковачевски и министерот Османи ги информираа амбасадорите за текот на широките консултациите кои Владата ги води со медиуми, експертски групи, политички аналитичари, коалициски партнери, опозицијата и останати партнери и соработници.
Ковачевски и Османи ги изнесоа позициите дека предлогот претставува солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја.
Процесот за носење конечна одлука е транспарентен и со јавноста се споделуваат сите детали со цел информирањето да биде објективно од институциите на државата.
Амбасадорите присутни на состанокот дадоа поддршка за транспарентниот начин на спроведување на процесот, како и за силните заложби на Северна Македонија и стратешките определби за соработка и партнерство со САД и Европската Унија.
Беше заклучено дека неопходно е и натаму да се градат и поддржуваат демократските вредности како единствена определба која води кон напредок, просперитет и подобри услови за живот на граѓаните во земјата.