Македонија
Министерот Лимани се сретна со пратеникот во Националниот совет на Австрија, Роберт Лајмер: разговорот фокусиран на можностите за интензивирање на соработката

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани за време на својата посета во Австрија оствари официјална средба со пратеникот во Националниот совет на Австрија и претставник на Социјалдемократската партија на Австрија, Роберт Лајмер, во рамки на продлабочување на билатералната соработка и размена на искуства меѓу двете земји.
На почетокот од средбата, министерот изрази длабоко сочувство и солидарност за трагедија што се случи во градот Грац, пренесувајќи ја искрената поддршка и блискост на нашиот народ кон граѓаните и семејствата погодени од овој трагичен настан.
Разговорот беше фокусиран на можностите за интензивирање на соработката во областите на социјалната политика, вработувањето, зајакнувањето на младите и заштитата на работничките права. Лајмер ги сподели успешните австриски практики во развојот на одржлив и инклузивен систем на социјална заштита, потенцирајќи ја важноста на обезбедување социјална еднаквост и достоинствени услови за работа за сите граѓани.
Министерот ја истакна важноста на заложбата на Лајмер за унапредување на меѓу парламентарниот дијалог и поттикнување на институционалното партнерство, притоа нагласувајќи ја посветеноста на нашата страна кон спроведување на одржливи реформи што ќе придонесат за подобрување на животниот стандард, поддршка за ранливите категории и создавање нови можности за вработување, особено за младите и жените.
Двете страни изразија подготвеност за заедничка работа на проекти во областите на професионална обука, социјална инклузија, развој на современи социјални услуги и поддршка на најранливите групи во општеството.
На крајот од средбата беше потенцирана стратешката важност на забрзувањето на процесот на европска интеграција на нашата земја, како гаранција за траен општествен стабилитет, долгорочен економски развој и усогласување на националните политики со стандардите и вредностите на Европската Унија, соопшти Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу половина час

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, извести АМСМ.
На граничниот премин Табановце времето на чекање за влез во државата изнесува околу 40 минути, додека на граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути.
На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Незгода на патниот правец Бошков мост – Дебар, сообраќајот во прекин

На патниот правец Р1202 Бошков мост – Дебар поради случена сообраќајна незгода сообраќајот е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Македонија
СДСМ: Мицкоски да каже за парите од осомничени од Кочани кои завршиле во ВМРО-ДПМНЕ, да не се секира за нашата стратегија

„Кога наместо да деде одговор на конкретно поставено прашање во врска со донации кои неговата партија ги добивала од сега осомничен за трагедијата во Кочани, Мицкоски би требало да одговори на тоа прашање наместо да се секира за нашата стратегија“, велат од СДСМ.
„За нас најважна е вистината и разобличувањето на обидот на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да ја затскријат вистината за трагедијата во Кочани, но и обидот да ги сокријат нивните партиски функционери од одговорност.
Дополнително, апелираме до Христијан Мицкоски да не се секира за нашата стратегија премногу. Се оптеретува, и тоа е очигледно. А никој не сака премиер кој наместо да е оптеретен со подобрување на животот на граѓаните е оптеретен со СДСМ.
Еве и еден бесплатен совет до Мицкоски – најлоша комуникациска стратегија е стратегијата на лажење, манипулација и бегање од одговори. Реалноста Мицкоски не се поврзува со твоите пораки.
На пример, се уште никој не може да ги почувствува ефектите од четвртата најдобра економија во светот.
Никој се уште не може да ги почувствува придобивките од наводното зголемување на платата.
Сите ги чувствуваат ефектите од рекордните задолжувања, инфлацијата и безочното трошење на пари за папаја, манго, бејби биф, приватни авиони и скапи хотели. Парите на граѓаните се потрошени на луксуз за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ додека граѓаните живеат во најсиромашната и економски најслабата држава во Европската Унија.
Никој ги нема видено туристите за кои Мицкоски зборува дека биле за 20% повеќе. Дотолку што Охрид се соочува со најлошата туристичка сезона со години.
Мицкоски, нека не те лажат дека ти поминуваат пораките. Никој не го чувствува тоа што го зборуваш.
Уште еднаш да повториме, нема поголем предавник на Македонската идеја од врховизмот. Врховизмот е авторитарност“, соопшти СДСМ.