Македонија
Министерството за животна средина: До почист воздух само со конструктивна соработка и мобилизација на сите засегнати страни во исполнување на обврските

Во услови на зголемени концентрации на суспендирани честички со големина до 10 микрометри и 2,5 микрометри на кубен метар и неповолни временски услови, што дополнително придонесуваат за зголемување на загадувањето на амбиенталниот воздух, Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) ги повикува сите надлежни нституции, општините и Градот Скопје и општините од Скопје поинтензивно да си ги извршуваат своите обврски во согласност со акцискиот план за грејната сезона 2024 – 2025.
Имено, пред почетокот на грејната сезона, на предлог на МЖСПП, Владата го усвои овој акциски план, во кој се проектирани краткорочни превентивни мерки, што ќе овозможат редукција на емисиите од детектираните сектори што имаат најголем придонес во зголемувањето на емисиите на цврсти честички, а со тоа и високите концентрации, што ги надминуваат пропишаните стандарди, велат од Министерството за животна средина.
Во согласност со акцискиот план Министерството за животна средина потсетува:
– Општинските инспекциски служби да ги засилат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на Б-интегрирани еколошки дозволи и елаборати и позасилена контрола, казнувања и опомени за горење масло, пластика и други опасни материи, особено во малите сервиси и погони;
– Општините и Градот Скопје со општините, во согласност со член 27 од Законот за амбиенталниот воздух и во согласност со акцискиот план за грејната сезона 2024 -2025, имаат обврска да подготват и усвојат краткорочни акциски планови што ќе соодветствуаат на спецификите на секоја општина/град одделно и според кои ќе постапуваат во услови на надминат праг на алармирање;
– Јавните претпријатија за комунална хигиена на општините и Град Скопје за редовно чистење на атмосферските и миење на улиците и тротоарите;
– Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и надлежните општински инспектори за урбанизам и градежништво да спроведат засилени вонредни контроли на градилиштата;
– Министерство за внатрешни работи, Министерство за економија и труд и станиците за технички преглед да ги засилат вонредните контроли на станиците за технички преглед на возилата со цел да се утврди дали се спроведува мерење на емисијата на издувни гасови, а Министерство за внатрешни работи, односно сообраќајната полиција да спроведе вонредни контроли на техничка исправност на возилата, особено за оние со дизел-горива, како и нерегистрирани возила и отстранување на возилата од сообраќајот кои не се регистрирани или чии емисии на издувни гасови не ги задоволуваат пропишаните стандарди;
– Граѓаните што ги затоплуваат домите со огревно дрво правилно да го користат, да не употребуваат пластика, гума, обработено дрво и отпадни материјали во интерес на сопственото здравје и здравјето на другите.
„Министерството за животна средина, во соработка со Државниот инспекторат за животна средина, спроведува засилени и вонредни контроли врз индустриските капацитети со А-интегрирани еколошки дозволи. Континуирано се следи и квалитетот на воздухот, а јавноста редовно се информира за состојбата и препорачаните мерки за заштита.
Според извештаите од Државниот инспекторат за животна средина, на територијата на град Скопје сите субјекти се поминати со вонредни надзори, продолжуваме со ненајавени контроли кај субјекти што се задолжени со елаборати за животна средина.
Во цементарницата ‘Усје’ се направени два вонредни ненајавени надзора: еден по 19 часот и еден во работно време. Направена е и контрола на отпадот што влегува во цеметарницата ‘Усје. Досега нема отстапувања во параметрите што се зададени во А-дозволата.
Во Струмица, во согласност со добиените известувања за надминување на прагот за алармирање, вонредни надзори на три субјекти се направени на 2.1.2025 година, еден субјект е задолжен со решение и кај уште два субјекта се прават денес, 8.1.2025 година.
Се известува јавноста дека поголем дел од големите капацитети, кои имаат А-интегрирана еколошка дозвола на територијата на град Скопје, а за кои е надлежен Државниот инспекторат за животна средина, не работат или работат со редуциран капацитет. Во моментот комплетно не работат: Макстил АД, Бауер БГ, Гама градба – Асфалтна база Студеничани, ЈП Улици и патишта, Радком, Филип инженеринг – Асфалтна база, Агреад ДООЕЛ Петровец, Асфалтна база Вато ДОО Студеничани – Скопје. Во цементарницата ‘Усје’ АД Скопје работи само една печка (печка 3), а за 20 дена нема да работат и двете поради ремонтни активности.
Исто така, МЖСПП И Владата донесоа програма против загадувањето на воздухот 2024 – 2030, со конкретни програмски цели и проектни пакети, кои таргетираат намалување на емисијата на цврсти честички во градовите.
Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање работат во правец на воспоставување конструктивна соработка и мобилизација на сите засегнати страни – државните институции, општините, невладините организации и бизнис-секторот за доброто на сите“, се наведува во соопштението на Министерството за животна средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Големи колони на границата со Грција пред празникот

Големи колони на возила можат да се забележат вечерва на граниниот премин „Богородица“ кон Грција.
Со оглед на тоа што утре е неработен ден, 1. Мај, голем број грѓани се упатија кон туристичките места.
Како што може да се забележи на видео камерите, на останатите гранични премини нема големи задржувања.
Македонија
Поддршка од министерот за правда за Пандов чијашто куќа беше запалена: „Случајот бара одлучна акција“

Министерот за правда Игор Филков најостро го осудува палењето на куќата на директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов и бара одлучна акција во која ќе се утврдат причините и најстрого казнат можните сторители.
„Најостро го осудувам палењето на куќата на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов. Му давам целосна поддршка во неговата истрајност и борба против криминалот и корупцијата. Овој случај како и неколкуте други случаи поврзани со лицата вработени во УИС и затворите, бараат одлучна акција во која ќе се утврдат причините и најстрого ќе се казнат можните сторители“, вели Филков.
Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, претходно, на социјалните мрежи објави дека му бил запален домот. Нема да не запрат и нема да не поколебаат, напиша тој.
Македонија
Кирков: Вработените во ЗОО последно земале февруарска плата

До Стефан Кирков, којшто е член на Советот на Град Скопје, пристигнала молба од вработените во скопската Зоолошка градина и барање за реакција и помош. Го известиле дека последна плата која ја земале е фебруарската плата и одтогаш немаат никакво примање.
„Веќе сме мај, а овие вработени се оставени без примања и навистина сум запрепастен до каде ќе се оди со непрофесионалноста во ова раководство на Градот и кадрите кој ги поставува?! Вработените од утре ќе бидат и без здравствено осигурување !!! Поминаа празници како 8ми Март, Рамазан Бајрам , Велигден на праг е и 1ви Мај а вработените се оставени и заборавени замислете да им се исплати плата !!! Цели фамилии страдаат од нечија непрофесионалност!“, напиша Кирков на социјалните мрежи.
Тој ги проѕва Град Скопје , Данела Арсовска и Зоран Попов сигнализирајќи и дека состојбата може да доведе до протести.