Македонија
Министерството за правда: ЕК ги пофали реформите во правосудството

Најновиот извештај на Европската комисија повторно со позитивна оценка за реформите во правосудството. Во него е наведено дека државата испорача опипливи резултати со посебен фокус на судските реформи и поактивните истраги, кривичното гонење и правосилните пресуди за случаи за корупција и организиран криминал вклучувајќи случаи на високо ниво, соопштија од Министерството за правда.
„Во извештајот е нотирано дека постои значителен напредок остварен при зајакнувањето на независноста на судството. За својата констатација извештајот се повикува на Венециската комисија: ‘властите беа конзистентни во своите напори да ги усогласат законите што се однесуваат на правосудниот систем во согласност со меѓународните стандарди и најдобрите практики’“, велат од Министерството.
Во извештајот е нотирано дека имплементацијата на новата законска рамка е во тек, а дека реформите обезбедуваат зголемена транспарентност во именувањето на судиите, дека се воведени нови и зајакнати критериуми за оценување на судиите и дека е зголемена одговорноста на судиите и членовите на Судскиот совет.
„Судскиот совет игра поголема активна улога и во заштитата на независноста на судиите, но и во примената на подобрените правила за дисциплинска одговорност. Oд јули 2019 година разрешени се шест судии, вклучувајќи ги претседателот и двајцата судии од Врховниот суд, како и тројца други судии (вклучувајќи го поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје). Одземен му е имунитетот на судија од Управниот суд во 2019 година, како и на еден од членовите на Судскиот совет осомничен за измама во декември 2019 година“, стои во извештајот.
Европската комисија, додаваат од Министерството за правда, цени дека државата остварила успех донесувајќи го новиот закон за Јавното обвинителство, а главната цел на новиот закон, според Комисијата, е да „обезбеди одговорност за сторените прекршувања на законите и целосно затворање до правосилна судска пресуда на случаите што ги почна СЈО“.
„Воедно, извештајот позитивно говори и за инспекцискиот надзор над примената на АКМИС-системот, но и за усвојувањето на новиот закон за управување со движењето на предметите во судовите, со кој се отстрануваат посочените недостатоци од инспекцискиот надзор. Наодите во последниот извештај се потврда за заложбите на Министерството за правда да го реформира судството преку исполнување на сите препораки на Венециската комисија и други релевантни меѓународни организации или експерти. Доследната имплементација на законите, која ќе биде предмет на мониторинг, полека, но сигурно – ќе ја врати довербата во правосудството“, велат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Николовски за Таравари: Тој сака во влада не поради уставните измени, туку поради математика или уцена

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за време на денешна прес конференција одговарајќи на новинарско прашање за изјавите и постапките на претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, истакна дека за жал од изјавите на Таравари не може да се извлечи заклучок и дека тезата дека АА влегува во владата за да се обезбеди уставно мнозинство од 80 пратеници е смешна, бидејќи сите се свесни дека такво мнозинство нема.
„Јас овој Арбен Таравари не го препознавам, познавам еден друг Арбен Таавари и навистина ми е жал што го гледам во вакво издание. Прво не можеме да извлечеме заклучок од изјавите. Не само што ги менува секој ден, туку и во едно исто интервју или изјава она што ќе го каже во првата минута, самиот го демантира во втората или третата. Една од најсмешните тези е дека влегувал во владата за обезбедување на уставно мнозинство од 80 пратеници, иако сите се свесни дека такво уставно мнозинство нема. Мислам дека сака да влезе во владата заради математика. Е сега математиката дали е бурек или нешто друго, треба самиот да одговори и да каже, но јасно е дека сакаат да влезат во владата заради математика. На крај тоа е нивна одлука или негова одлука. Можеби е уценет, има и такви работи кои што се слушаат во политичката чаршија, но јас не би сакал да шпекулирам повеќе од ова“ истакна Николоски.
Тој исто така додаде дека во една ваква ситуација на девастирачка економија, криминал и корупција кои цветаат во секој сегмент и дополнително национално понижување, оваа влада нема легитимитет да продолжи да владее и единствено решение се предвремени парламентарни избори.
„Според нас во ваква ситуација која сега само е надополнета со случувањата со Бугарија, во ситуација на девастирана економија, на криминал и корупција кои што цветаат во секој сегмент и на дополнително национално понижување, оваа влада нема никаков легитимитет да продолжи да владее и единствено решение се предвремени парламентарни избори. Свесни сме дека во рамките на Собранието има пратеници кои што размислуваат различно од оваа влада, а формално се дел од владејачкото мнозинство. Тие пратеници очекувам во следниот период да се охрабрат и Македонија да оди на предвремени парламентарни избори. Така што опцијата е сѐ уште отворена“, заклучи Николоски.
Македонија
Николоски: Новата декларација од Бугарија е најдобар доказ дека бугарските барања немаат крај

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на денешната прес конференција одговорајќи на новинарско прашање дали смета дека новата Декларација на комисијата за надворешни работи на Бугарското собрание значи нова провокација, вели дека таа е најдобриот доказ дека бугарските барања немаат крај, а клучниот проблем е што владата на СДСМ и ДУИ не ја почитува Декларацијата изгласана во македонскиот парламент каде се исцртуваат македонските црвени линии.
Прво со овој предлог на Декларација на комисијата за надворешни работи на Бугарското народно собрание уште еднаш се потврдува тезата дека барањата на Бугарија немаат крај. Тоа е најдобар демант на сите оние изјави кои што беа давани во текот на 2017та година дека прашањата со Бугарија се затворени кога се потпиша таканаречениот Договор за пријателство и добрососедство кој што не е ниту за пријателство, ниту за добрососедство и во кој што Македонија беше понижена, особено македонскиот народ со тоа што се прифати дека македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка односно споделена историја. Така што овие најнови активности на Бугарското народно собрание одат токму во потврда во оваа теза дека бугарските барања немаат крај. Тоа е прво, изјави Николоски.
Второ она кое што многу загрижува е што, да ја потсетам јавноста македонското собрание донесе Декларација во која што беа испишани таканаречените црвени линии кои што владата треба да ги почитува во односите помеѓу Македонија и Бугарија. Ништо од овие црвени линии не е испочитувано. И клучното прашање не е зошто Бугарија носи декларации, тие може какви декларации да си носат, клучното прашање е зошто тие документи кои што македонското собрание ги усвојува и се обврзни, не се почитуваат од владата на СДСМ и ДУИ, нагласи Николоски.
Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ бара од власта да ги преиспита тврдењата дека странски држави се вмешани во провокациите кон Македонија

Државата сериозно да ги преиспита наводите кои и самиот Пендаровски ги кажа дека здруженија, фондации, поединци и агентурни мрежи од странски држави се вмешани во креирањето на сите овие проблеми кои што се случуваат во државата и провокации со директно негирање на Македонија и македонскиот народ.
Ова го истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски додавајќи дека Владата потоа ќе треба да излезе со детален извештај со кој што ќе биде информирана македонската јавност.
Понатаму, ВМРО-ДПМНЕ бара од финаниските институции на власта да го проверат финансирањето на дел од бугарските здруженија и внесот на странски пари, а најважно потеклото на тие пати со коишто овие здруженија во државата тераат антимакедонска политика.
Трета работа која што ја бара опозициската партија е државата, поточно владата на Ковачевски и Бујар Османи како премиер и министер за надворешни работи да се заинтересираат за делувањето, целта и постоењето на бугарско здружение во Корча, соседна Албанија каде што во целата област живее мнозинско македонско население.
„Зошто досега не се побарани одговори за ова ниту од Еди Рама, нити од властите во Албанија на кои начин дозволуваат да се негира постоењето на македонското национално малцинство во Албанија кое што таму живее со векови“, праша Николовски.
Додаде дека владата досега нема ниту една посериозна реакција во однос на било кое отворено негирање на македонската нација, историја и јазик. Затоа постојат македонски институции и тие мора да се спротистават на отворената кампања против Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ порача до Македонската влада да побара доследно спроведување на пресудите добиени во судот за човекови права во Стразбур во насока на заштита и признавање на засебноста на Македонците во Бугарија, нивното право на здружување, нивното право на учество на избори, нивното право на образование на мајчин јазик како и нивното право на национално определување како Македонци. Должност е на Македонија да се грижи со сета сила и аргументи за правото на сите Македонци каде и да се наоѓаат, вели Николовски.