Македонија
Минчев: Со новиот закон и Академијата поставуваме темели за модерна, стручна и европска јавна администрација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати на јавната дискусија на тема „Имплементација на Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници“, организирана од страна на Министерството за јавна администрација во рамки на проектот „Поддршка за воспоставување на Академија за стручно усовршување и обука на административните службеници“, кој се реализира во партнерство со Центарот за управување со промени (ЦУП) и со поддршка на Амбасадата на Република Франција во Скопје.
На настанот свое обраќање имаа и амбасадорот на Република Франција, Н.Е. г. Кристоф Ле Риголер, д-р Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на ЦУП, францускиот експерт проф. д-р Jean-Michel Eymeri-Douzans од Институтот за политички студии во Тулуз, како и претставници од Генералната дирекција за администрација и јавна служба на Франција (DGAFP). Меѓу присутните беа и гости од дипломатскиот кор, владини функционери, претставници на државни институции, граѓанскиот сектор и академската заедница.
Во своето обраќање, министерот за јавна администрација Горан Минчев истакна дека со донесувањето на новите закони за јавната администрација, а особено со Законот за стручно усовршување и обука, се поставуваат нови стандарди во јавната служба.
„Законот за стручно усовршување и обука на јавните службеници е суштинска промена. Промена што ја премостува децениската разлика меѓу желбата за европска администрација и реалноста што ја градиме денес – модерна, стручна и одговорна администрација,“ нагласи министерот Минчев.
Тој потенцираше дека партнерството со Француската амбасада и со француските институции претставува доказ за довербата на европските партнери во реформите што се темелат на знаење, транспарентност и резултати.
„Проектот ‘Јакнење на капацитетите и професионализација на администрацијата’, кој го реализираме со поддршка од Француската амбасада, во партнерство со Националниот институт за јавна администрација (INSP), Генералната дирекција за администрација и јавна служба и Центарот за управување со промени, претставува вистински темел за создавање нов систем – систем во кој институциите не се формалност, туку алатка за развој,“ изјави министерот.
Министерот Минчев најави дека во рамките на оваа соработка ќе биде воспоставена Академија за стручно усовршување и обука на административните службеници, како институција што ќе стане „срцето на професионализацијата на јавната служба“.
„Со формирањето на Академијата, која ќе се структуира во рамките на овој француско-македонски проект, создаваме институција која ќе биде срцето на професионализацијата на јавната служба. За прв пат во историјата на нашата држава, системски и институционално ги регулираме стручните обуки на јавните службеници,“ изјави Минчев, додавајќи дека „секој административен службеник – од најмладиот до најискусниот – ќе има можност да се надградува, да стекнува нови знаења и да го покаже својот професионален капацитет.“
Во своето обраќање, министерот се заблагодари на амбасадорот на Франција, на ЦУП и на сите партнери кои придонесуваат за реализација на реформите во јавната администрација.
„Ова е партнерство меѓу државата и нејзините луѓе, меѓу институцијата и службеникот, меѓу знаењето и јавниот интерес,“ нагласи тој.
Настанот вклучи две панел-дискусии со учество на домашни и меѓународни експерти, кои ги презентираа моделите и искуствата во организацијата на академии за обука, како и најдобрите практики во континуираната едукација на јавните службеници.
Министерството за јавна администрација останува посветено на реформите што водат кон создавање професионална, транспарентна и европска јавна администрација, која ќе биде темел на модерна и одговорна држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Богати празници со „Лото 7“: 7-ка над 1 000 000 евра може да оствари повеќе од еден сон
Празниците се време за среќа, а во декември, месецот на желби и надежи, треба да се сонуваат големи соништа. Играта на среќа „Лото 7“, е најдостапната дестинација за сонување и носи многу можности за изненадување.
Сите оние на коишто бројот 7 им е среќен број, ги потсетуваме дека од 10 до 31 декември играта на среќа „Лото 7“ дава уште точно 7 можности за 7-ка во 2025 година, преку 7-те кола во коишто ќе се извлекуваат добитните лото бројчиња.
Со предвремената уплата, можете однапред да учествувате во 7 последователни кола и безгрижно да ги прославите празниците, знаејќи дека вашата шанса за добивка е веќе обезбедена. Дозволете му на „Лото 7“ да ве изненади, уплатете навреме и уживајте во празничниот дух исполнет со надеж.
Со симболични 30 денари за една лото комбинација, си подарувате моменти исполнети со мечтаење, возбуда и она незаменливо чувство на исчекување. Секоја ваша лото уплата ви ја отвора вратата кон свет ‒ полн со нови можности и ви ја дава шансата да се запрашате: Што ако токму јас сум следниот добитник на големата седумка?
Тоа е патот по кој поминаа досегашните 28 среќни добитници на седумки од 2010 година до денес. Тие порачуваат дека секогаш треба да се верува во среќата и никогаш да не се изгуби надеж. За седумка досега се славеше во Битола, Куманово, Кичево, Кавадарци, Свети Николе, Тетово, Струмица, Неготино, Кочани, Охрид и во Скопје, а последната и најголема постигната седумка вредна над 1,7 милиони евра, беше освоена во Охрид во 2024 година.
Играта на среќа „Лото 7“ прерасна во традиција, којашто спојува генерации. Во исчекување на 29-тата седумка, потсетуваме дека со секоја уплатена комбинација се дава и придонес кон општествено корисни цели ‒ поддршка на науката, образованието, културата, спортот, животната средина и проекти од јавен интерес. И дека среќата е насекаде, само треба да ја побарате.
ПР
Македонија
Изминатата седмица санкционирани 𝟣𝟢𝟦 непрописно паркирани возила на територија на општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 08.12. до 14.12.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 104 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, извести ПОЦ.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопшти ПОЦ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со предлог Резолуција до Собранието: Со ова се става крај на манипулациите на СДС за мигрантите
ВМРО-ДПМНЕ со предлог Резолуција до Собранието на Република Македонија, „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
„Со оваа Резолуција се става крај на манипулациите на СДС за мигрантите и организираната и координирана кампања од страна на опозицијата, која влева несигурност и паника меѓу граѓаните.
Лажните сценарија на СДС паѓаат во вода, државата има јасна политика против нелегалната миграција, нема мигрантски кампови има Резолуција која носи стабилност и сигурност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ јавно ги осудува политиките и одлуките на поранешната Влада на Зоран Заев, со која беа отворени можности за создавање на кампови за мигранти, спротивно на националните и државните интереси.
Резолуција е составена од 9 точки, и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на Владата на Заев поврзани со мигрантски кампови и се повикува на одговорен јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи.
Исто така, се констатира дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони. Резолуцијата воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш.
Ги повикуваме сите политички партии да ја поддржат оваа Резолуција со која се става крај на лагите и конструкциите на СДС“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

