Македонија
Мисајловски во Брисел ја предводи македонската делегација на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО на ниво министри за одбрана
Денеска (15 октомври), во Седиштето на НАТО во Брисел, министерот за одбрана, Владо Мисајловски, учествуваше на состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО на кој присуствуваа министрите за одбрана на сите 32 сојузници.
На состанокот министрите за одбрана се осврнаа на повеќе теми поврзани со безбедноста. Тие заеднички ја потврдија определбата за имплементација на обврските преземени на Самитот во Хаг во јуни оваа година, особено во контекст на интензивниот развој на способностите и капацитетите, како и во однос на инвестирањето во одбраната. Воедно, министрите се согласија дека Алијансата и земјите-членки се целосно посветени на одбраната и одвраќањето, како и на заштитата на секоја педа сојузничка територија.
Министерот Мисајловски даде целосна поддршка на напорите за зајакнување на способностите на Алијансата, истакнувајќи ја важноста регионот на Западниот Балкан да остане мирен, стабилен и безбеден. Мисајловски порача дека нашата земја останува целосно посветена на придонесот кон колективната безбедност, имајќи го предвид придонесот во мисијата КФОР на Косово и учеството во рамките на мултинационалните сили на Алијансата во Бугарија, Романија и Латвија. Министерот пред колегите од земјите-членки порача дека македонската Армија засилено се опремува и модернизира, како и дека земјата има јасен план за раст на инвестициите во одбраната и безбедноста, согласно одлуките од Самитот на НАТО во Хаг.
На состанокот на Советот НАТО – Украина, на кој учествува и Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас земјите членки на НАТО ќе ја потврдат определбата за континуирана, долгорочна поддршка за Украина.
Во рамки на денешните активности во Седиштето на НАТО, министерот Мисајловски ќе учествува и на состанок на Контакт Групата за Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.
Македонија
ЦУК: Две странски државјанки изгубени на патот кон Дрисла – полицијата упатена на терен
Преку единствениот број за итни повици 112 добиена е информација дека две женски странски лица, кои патувале со возило, се изгубиле во реонот на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
Оттаму велат дека ЦУК е во постојана комуникација со МВР и Полициската станица Драчево, од каде е побарано упатување екипа на терен.
Полициска екипа од ПС Драчево е веќе упатена кон локацијата и постапува по случајот, соопшти ЦУК.
Македонија
(Фото+видео) „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“ – марш за загинатите во кочанската дискотека
Илјадници граѓани и родителите на жртвите од Кочани денеска маршираа во Скопје. Побараа правда и одговорност.
Маршот во организација на Здружението на граѓани „16 Март 2025“ од Кочани и иницијативата „Кој е следен“ почна во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, продолжи кон Собранието на Македонија, а заврши пред Основниот кривичен суд.
Се движеа носејќи фотографии од загинатите и транспаренти на кои пишуваше: „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“, „Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“, „Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите?“, „Ние изгубивме, вие се уште имате за што да се борите“…


Сопругата на пејачот Андреј од ДНК, Наталија Ѓорѓиеска, побара пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
„Истражувањето што се водеше остана нецелосно, со многу отворени прашања, без одговор и недоразјаснети околности. Ние, семејствата, останавме со сомнеж дека вистината овојпат е сокриена“, кажа Ѓорѓиеска.


Судењето за пожарот во Кочани почнува во среда. Предвидено е неделно да се одржуваат по најмалку две рочишта. Обвинителство распореди 15-мина обвинители кои ќе настапуваат во тимови. Ќе им се суди на сопствениот на дискотеката, фирмата за обезбедување, тројца градоначалници на Кочани, поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување. Обвинети се за пожарот во Пулс каде загина 63 лица, а над 200 беа повредени.

