Македонија
Мисајловски во Тирана: Успехот на САД – Јадранската повелба е доказ за заедничката посветеност на регионалната безбедност и стабилност
„Дискусиите на овој министерски состанок на САД – Јадранската повелба се доказ за нашата силна посветеност во унапредувањето на безбедносната соработка и промовирањето на мир, стабилност и добрососедски односи во нашиот регион“, рече министерот за одбрана Владо Мисајловски кој денеска (4 декември) учествува на министерскиот состанок на САД – Јадранската повелба во Тирана.
Министерот на работните сесии на состанокот порача дека од најголема важност за зацврстувањето на регионалната безбедност и стабилност е политичко-воената соработка на земјите од Балканот и посветеноста на земјите од Југоисточна Европа кон европските и евроатлантските интегративни процеси. Соработката во рамките на групата А5, рече Мисајловски, е практична и испраќа јасна порака дека нашите народи сакаат да живеат во мир, безбедност и стабилност. САД – Јадранската повелба ја нарече успешен форум за консултации помеѓу земји со заеднички демократски вредности.
Мисајловски повика на прагматичност во однос на можностите за заеднички активности, особено во справувањето со хибридните и сајбер закани, кризниот менаџмент и справувањето со разни природни непогоди. Во однос на идните активности, министерот посочи дека земјите-членки треба да продолжат со напорите за идентификување на нови можности за соработка, споменувајќи ги областите како градење на отпорност и сајбер одбрана.
Исполнувањето на Акцискиот план на САД – Јадранската повелба за 2024 година во една комплексна безбедносна состојба, рече, ја рефлектира нашата одлучност во проширувањето на опсегот на заедничката соработка.
Министерот Мисајловски заедно со останатите претставници од земјите членки на А5 потпишаа заедничка изјава по состанокот.
На маргините на министерскиот состанок, министерот Мисајловски попладнево ќе има одвоени средби со неговиот албански колега, министерот Пиро Венгу и со помошничката секретар за одбрана на САД за меѓународни безбедносни прашања, Селест Валандер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

