Македонија
Мисајловски: Заеднички вложуваме во обука, едукација, тренинг и модернизација со нова современа опрема која е компатибилна согласно НАТО стандардите
Презентација на тактичко-техничките карактеристики на лесните оклопни возила JLTV и запознавање со активностите, мисиите и задачите на декларираната единица, вториот пешадиски баталјон, беше реализирана денеска во касарната „Јане Сандански“ во Штип пред премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, заменик министерката за одбрана Елфет Исмаили, генералите Мирче Ѓоргоски и Сашко Лафчиски и амбасадорката на САД, Анџела Агелер, во рамки на приемот на уште шест нови JLTV возила.
Мисајловски за време на денешната посета потенцира дека соработката со нашиот стратешки партнер добива на интензитет и дека од позиција, министер за одбрана ќе даде свој максимален придонес за унапредување на состојбите во Армијата, во развој на нејзините човечки капацитети и опрема, во соработка со Генералштабот, со сојузниците и со синдикатите во одбраната.
„Ние заедно со САД и останатите сојузници даваме максимален напор во тренинг, обука, едукација и се разбира модернизација со нова современа опрема која е компатибилна согласно НАТО стандардите и која е согласно Долгорочниот План за развој на одбранбени способности и Планот за опремување и модернизација на Армијата.“, посочи Мисајловски и додаде „Нашето Партнерство е силно и заеднички продолжуваме да придонесуваме во безбедноста и мирот“
Мисајловски рече дека во овој момент македонската Армија располага со 38 JLTV возила, а согласно договорот Влада со Влада до крајот на 2025 година треба да пристигнат преостанатите 58 возила, како и сите оклопни транспортери STRYKER, кои ќе бидат наменети за развој на Лесната пешадиска баталјонска група и Тимовите за специјални операции.
Премиерот Мицкоски упати благодарност до сите припадници на Армијата за нивниот придонес во зачувување на територијалниот суверенитетот и интегритет на нашата татковина и дека Владата се обврзува да ги овозможи сите неопходни услови за нивно беспрекорно извршување на задачите.
„Благодарност до македонските вооружени сили овдека кои што беа со нас и кои што на еден навистина инспиративен начин направија презентација на предизвиците кои што следат, и на тоа што треба ние како влада да направиме во периодот што следи да истите тие ги модернизираме и им овозможиме услови за современа Армија која што ќе одговори на предизвиците на новото време“, истакна Мицкоски и упати благодарност до САД, амбасадорката Агелер и сите вклучени лица од вооружение сили на САД кои помагаат во осовременувањето на македонската Армија.
На настанот се обрати и амбасадорката на САД Анџела Агелер која упати благодарност од страна на САД, претседателот, владата и амбасадата на САД до премиерот Мицкоски и министерот за одбрана Мисајловски за почитување на обврските кои што ги презема нашата земја кон Алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дождот не го изгасна целосно, но го стави под контрола големиот пожар во Мариово
Дождот кој заврна попладнево помогна да се стави под контрола големиот пожар во Мариово, но сепак сѐ уште не е целосно изгаснат. Гори на неколку места со слаб интензитет, информираше вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
„Дождот кој заврна во прилепско помогна во гаснењето на пожарот во мариовскиот крај. За жал с уште не е изгaснат целосно, има горење со слаб интезитет на неколку места“, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Временските прилики им помогнаа на лицата кои веќе една недела на терен учествуваа во борбата со огнената стихија, која беше со периметар од над 100-тина километри и зафати површина од околу 15.000 хектари. Под контрола се и останатите два пожара во прилепско.
Македонија
За една недела 25 нови случи на голема кашлица
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информира дека од 30 август до 5 септември во Македонија пријавени се 25 нови случаи на голема кашлица, што е за 47,1% повеќе во споредба со претходниот седмодневен период, кога беа регистрирани 17 новозаболени.
Најголем број заболени се во Скопје -14 каде случаи се регистрирани во сите скопски општини; во Тетово – 5, Кратово – 3, Куманово – 2 и еден случај во Крива Паланка.
„Возраста на заболените се движи од 1 месец до 60 години, а најголем број на случаи се од возрасната група под една година. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 18 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 6 се комплетно вакцинирани и еден е вакциниран согласно возраста. Од новите случаи 5 заболени се хоспитализирани“, велат од Институтот за јавно здравје.
Македонија
Неисправни се двата полициски хеликоптери и двата ер-трактори, се чека дождот да го изгасне пожарот кај Мариово (ВИДЕО)
Неисправни се двата полициски хеликоптери и тие не можат да учествуваат во големиот пожар во прилепскиот дел од Мариово чиј периметар се прошири на 110 километри, а е во должина од над 30 метри, се гасне од земја. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов изјави дека пред неколку часа на помош на пожарникарите од Прилеп и од повеќе други градови, како и на војската и полицијата пристигна еден ер-трактор. Другите два ер-трактори кои ги има државата, за жал, се неисправни, изјави Ангелов. Директорот на ЦУК соопшти дека заврна дожд во Мариово и дополнително ќе извести дали пожарот е целосно изгаснат.
Ангелов изјави дека е тежок пожарот над викенд населбата во скопско Катланово. Тој нагласи дека пожарот создава голем чад и дека тешкотија претставува непристапниот терен. Како што рече, вчера гаснел еден армиски хеликоптер, а денеска пожарникарите од скопската бригада.
Во продолжение е видео-изјавата од Ангелов и за другите пожари во земјава.