Македонија
Мисајловски – Оцука: изразена поддршка за претстојните реформските процеси
Денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски оствари средба со амбасадорот на Јапонија, Казуја Оцука и одбранбеното аташе полковник Ивасаки Томофуми.
На средбата се разговараше за пријателските односи со Јапонија, потребата од зајакнување на билатералните врски и воспоставување на одбранбена соработка меѓу двете земји.
Мисајловски изрази благодарност за континуираната поддршката и придонесот на Јапонија во јакнење на стабилноста и просперитетот на Западен Балкан. На новопоставеното одбранбено аташе, полковникот Ивасаки, му посака успех во работата.
Јапонскиот амбасадор Оцука се заблагодари за средбата и изрази поддршка за претстојните реформските процеси во насока на развој на земјава и остварување на втората стратешка цел, членство во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: ЗНАМ се распаѓа на сите нивоа, уште еден член ја напушти партијата
По пратеникот во Собранието Миле Цеков, уште еден член на ЗНАМ го напушта владејачкото мнозинство, овој пат советничката Мирјана Стеваноска на ЗНАМ во Советот на општина Прилеп, велат од СДСМ.
„Оваа група, создадена од Максим Димитриевски, а финансирана од Мицкоски и ВМРО-ОКГ со единствена цел растурање на СДСМ, прво ја предаде својата матична партија, а потоа и своите гласачи со влегувањето во тендер коалицијата со најголемиот непријател на Македонија – криминалната организација ВМРО-ОКГ. Како што самиот пратеник Цеков јавно кажа дека ЗНАМ ги изневери своите избирачи и дека не исполнил ништо од предизборните ветувања, сега тоа го гледаат и останатите членови“, велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека веруваат дека постојат уште луѓе во ЗНАМ кои биле измамени и кои не биле водени од личен интерес, туку од интересот на граѓаните на Македонија.
„На нив им порачуваме: не останувајте како соучесници и соработници во најголемото предавство на земјата заедно со криминалната група. ЗНАМ се распаѓа. Останува само празна школка која ВМРО-ОКГ ја користи за своја пропаганда и напади врз СДСМ. Затоа повеќе не постојат во истражувањата, останаа само статистичка грешка. Доаѓа времето на вистината, правдата и одговорноста“, велат од СДСМ.
Македонија
Сељатин Бељули е именуван за државен секретар на МЖСПП
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари средба со новоименуваниот државен секретар Сељатин Бељули, при што му посака успешна работа во Министерството.
Бељули има повеќедецениско искуство во државната администрација. Во текот на својата кариера ја извршувал функцијата директор на Агенцијата за вработување, како и државен секретар во Министерството за образование и наука. Тој е дипломиран педагог на Филозофскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.
Министерот Хоџа истакна дека искуството и професионалноста на Бељули ќе придонесат за ефикасно функционирање на институцијата и успешно реализирање на приоритетите на Министерството.
Македонија
Поднесено обвинение за обезбедувачот на Мицкоски кој ја давеше сопругата
Обвинителството поднесе обвинение за телесна повреда против обезбедувачот на премиерот, Христијан Мицкоски, кој ја нападна својата сопруга.
Според наводите во обвинителниот предлог, обвинетиот, по претходна вербална расправија во семејниот дом, физички ја нападнал сопругата, удирајќи ја по лицето и главата пред нивната малолетна ќерка, по што ја фатил за вратот и започнал да ја дави. Со дејствијата на обвинетиот, на оштетената ѝ биле нанесени телесни повреди и предизвикана психичка вознемиреност.
Оштетената успеала да се засолни во тоалет, а подоцна, додека со детето се обидувала да го напушти домот, обвинетиот ѝ го одзел и оштетил нејзиниот мобилен телефон. Заедно со ќерката побарале помош кај сосетка, која ги примила во својот дом.
Со обвинителниот предлог е доставен и предлог за продолжување на мерката притвор поради постоење околности што укажуваат на опасност од бегство и можност обвинетиот да стане недостапен на органите на прогонот, како и поради постоење реални околности дека може да го повтори делото. При тоа е земено предвид дека обвинетиот живее во заеднички семеен дом со оштетената и нивната малолетна ќерка, пред чии очи било извршено насилството.
