Македонија
Митева: Во мојот начин на дејствување немало двојни принципи, ниту ќе има во иднина

Во мојот начин на дејствување немало двојни принципи, ниту ќе има во иднина. Интегритетот е нешто што нема цена! Стојам зад тоа со целиот свој професионален начин на дејствување од почетокот и така ќе остане до крајот, напиша Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ на „Фејсбук“.
„СДСМ ги гледа функциите во државава како начин за печалење пари, за криминал, јас бев силно уверена дека ќе го извадам криминалот на ЈП ‘Водовод’ на виделина, ќе ѝ образложев на јавноста како се склучувале договори за изградба на водоводна мрежа на ‘Варшавска’ итн…
Но ќе дадев и свој личен пример како со домаќинско работење се доаѓа до успех. Но, нема да му го овозможам задоволството на СДСМ да си држи пресови со намера да фрли црна дамка врз мене, затоа се заблагодарувам на довербата, но барам предлогот за мене да биде повлечен. А кој и да биде член на управниот одбор јавно го повикувам да ми ги каже криминалите, па јас ќе продолжам на прес!!!
Јавните претпријатија ќе бидат првиот доказ за тоа во каква була ја однесовте Македонија!“, напиша Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Османи ги запозна невладините организации со Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД

Во рамки на серијата средби на министерот за надворешни работи, Бујар Османи со претставници од граѓанскиот сектор, на денешниот брифинг ги запозна невладините организации со значењето и придобивките од Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, лансиран во јуни минатата година, во Вашингтон.
Во фокус на разговорите беа можностите за соработка со невладиниот сектор во делот на имплементацијата на Планот за активности во рамки на Стратешкиот дијалог, кој покрива бројни области за соработка како што се: борбата против корупцијата и владеењето на правото, одбрана и безбедност, трговија и инвестиции, енергетика и животна средина, но и други значајни прашања од регионален и глобален интерес.
Воедно, Османи истакна дека е предвидено споменатиот план да се имплементира од страна на различни институции во земјава, во периодот од 2023 до 2033 година, при што Министерството за надворешни работи е координатор на целокупниот процес.
“Планот за активности во рамки на Стратешкиот дијалог со САД содржи бројни проекти и активности чија реализација ќе придонесе за понатамошно поттикнување на демократските и реформските процеси, како и зајакнување на институциите, а со тоа гарантирање на целокупниот напредок на државата. Отворени сме за соработка со граѓанскиот сектор и на ова поле, што е на линија на нашата досегашна транспарентност и заложби за зајакнување на улогата на невладините организации во креирањето на надворешната политика”, заклучи Османи.
Македонија
(Видео) Бизнисмен призна вина во „Империја“, Панделевски не го разбира ниту обвинението, брокерот ќе размислува

Еден бизнисмен призна вина на провото рочиште за „Империја“, друг ќе докажува дека е невин, додека третиот бараше и доби одложување на судењето за да разлисли дали е виновен. Сопственикот на компанијата „Езимит“, Зоранчо Митревски посочи дека чувствува вина за делата кои му се ставаат на товар. Сопственикот на „Пелистерка“, Цветан Панделески и пред судот кажа дека не е виновен. Берзанскиот брокер Јованче Тасковски на следното рочиште ќе се произнесе за вина.
„Злоупотреба на службена положба и овластување се чувствувам виновен. За перење пари и други приноси се чувствувам виновен. Признанието го давам доброволно, не сум приселен, здравствената состојба ми е одлична“, кажа бизнисменот Зоранчо Митревски, сопственик на „Езимит“.
Панделески, не призна вина, а ниту го разбрал обвинението.
„Обвинението не можам да го разберам, не се чувствувам виновен. Со оглед дека многу адвокати и правници не можат да го разберат, не барајте од мене, економист да го разберам. Таму пишува по претходни договори, за кои не е наведен настан, време, место“, кажа Панделевски.
Беше побарана пауза, по која, се бараше одложување на рочиштето.
„Се консултирав со клиентот. Условно кажано тој се двоуми да признае вина, но и да не признае вина. Поради тоа што се работи за специфичен кривично правен настан. На клиентот му кажав дека има трошоци на постапка, а тој не може да ги покрие. На Тасковски му треба временски период, за тоа да се консултира со своите членови на семејството“, кажа Мерџан Даути, адвокат на Тасковски.
Судијката Васка Николовска-Масевска дозволи одлагање на рочиштето.
„Се дозовлува одлагање“, кажа судијката.
Од 19 лица, кои беа опфатени во предистражната постапка, само овие тројца осомничени ќе ја докажуваат невиноста пред суд. Панделески се гони за злоупотреба на службената положба, перење пари и измама. Митревски се гони за злоупотреба на службената положба и овластувањето и за перење пари. Брокерот Тасковски се гони за овие две дела, како и за измама.
Претходно, обвинителката Лиле Стефанова пред судот кажа дека има докази со кои ќе докаже вина кај сите обвинети.
Македонија
Стефанова очекува тројцата бизнисмени од „Империја“ да бидат осудени: Да им се одзеде имотната корист

Обвинителката Лиле Стефанова е децидна дека ќе докаже оти тројцата бизнисмени, кои не се спогодија за „Империја“, се виновни за делата што ги сториле. Таа пред судот посочи дека за предметот имало обемна истрага, во која се собрани голем број докази. Стефанова му посочи на судот дека очекува осудителна пресуда. Таа побара судот да им ја одзеде и имотната корист.
„Обвинителниот акт против обвинетите Цветан Панделески, Зоранчо Митревски и Јованче Тасковски за кривичните дела што се наведени е резултат на една обемна и долготрајна истрага. Во оваа постапка предмет на истражување беа повеќе осомничени лица, повеќе кривични дела сторени во подолг временски период, а некои од обвинетите, кои беа предмет во оваа истрага, го завршија со внесување пресуди врз основа на спогодби. За обвинетите, кои се предмет на ова обвинение, по завршување на истрагата, иако некои беа под истрага и за други кривични дела, Јавното обвинителство собра доволно докази за да очекува осудителна пресуда за дејствата што се опишани во диспозитивот на обвинението“, рече обвинителката Стефанова.
Таа во детали раскажуваше кои од фирмите на обвинетите колку приход добиле, како што рече, со сторувањето на кривичните дела.
„Пред судот ќе изведам повеќе материјални и вербални докази, од кои судот со сигурност ќе ја утврди фактичката состојба од обвинителниот акт. Преку материјалните докази и исказите на сведоците, ќе се утврди дека обвинетите Цветан Панделески и Зоранчо Митревски заедно со осудениот Ванче Мијалчев ги искористиле своите ингеренции во АД ‘Бетон’ – Штип, па прибавиле значителна имотна корист за правни лица на кои тие биле сопственици“, додаде Стефанова.
Обвинителката тврди дека ќе докаже и како Панделески и Митревски ги префрлале парите за кои знаеле дека се од сторени кривични дела.
„Обвинетите постапувале по веќе создаден план за стекнување противправен имот. Иако знаеле дека градежно земјиште е лоцирано во Центар, кое било во сопственост на правно лице, немало одобрение за градба, немало процена на уделот, земјиштето веќе било дадено под хипотека за кредит од Стопанска банка АД Битола, ги искористиле своите овластувања и на седница на одборот на директори потпишале записник со предлог-одлука за добивање зделка со заинтересирана страна да се откупат уделите на правното лице ‘Омега билдинг’, кое како единствен имот го имало ова земјиште“, посочи Стефанова.
Во вториот дел на обвинителниот акт се опфатени берзанскиот брокер Јованче Тасковски заедно со Цветан Панделевски.
„Личи на сложена измама од највисок вид за која судот сигурно ќе го убедиме, при што успеале да измамат долгогодишен стопанственик и да заработат милионски суми. Ќе докажеме дека Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и обвинетите Јованче Тасковски заедно со Цветан Панделески, со намера да прибават противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, како соизвршители ја довеле во заблуда оштетената Кираца Трајковска, да презема дејствија со кои нанела значителна имотна штета и на себе и правното лице, а притоа биле искористени и поголем број акционери на правното лице ‘Ферпшед’. Од доказите што ќе ги изведеме судот ќе се увери дека обвинетите, знаејќи дека акциите од ‘Ферпшед’, кои ги поседувале Трајковска и правното лице, се заложени да се земе кредит од Комерцијална и од Еуростандард банка, тие не се во можност да ги сервисираат своите обврски. Јордан Камчев со претходен договор со Цветан Панделески имал цел акциите на Кираца и на правното лице да му бидат продадени Штерјо Наков. Знаејќи дека Кираца Трајковска нема да се согласи со таквата продажба, ја довеле во заблуда дека ќе ѝ помогнат за исплата на кредитот, а таа да му помогне на правно лице од странство“, посочи Стефанова.
Објаснуваше и што направил обвинетиот брокер Тасковски.
„Обвинетиот Јованче Тасковски ги оневозможил акционерите слободно да тргуваат со акциите. И затоа нагло пораснала цената на слободните акции на ‘Фершпед’. За да ги земат акциите по помала цена од онаа на берзата, создале план по кој постапиле и акциите што ги имале Кираца Трајковска и правното лице ги запишале како основачки влог на ново правно лице, а притоа Панделески продолжил да купува акции од ‘Фершпед’, па во неработен ден, во просториите на брокерската куќа во присуство на Тасковски, Јосифовиќ и нотарот Сашо Писаровски, Кираца Трајковска добила документација за потпишување, со која се основа ново правно лице. За управител го поставиле Ненад Јосифовиќ, а со тоа ѝ дале да потпише и документација за отуѓување на правното лице. Следниот ден правното лице било пренесено на правното лице ‘Син фајненс“ ДООЕЛ, правен следбеник на друга фирма. Правното лице било користено на неговата сметка да биде пренесена имотната корист“, додаде таа.