Македонија
Мицевски: Грабежот на народот веднаш да престане, власта да се откаже од акцизите и ДДВ-то на сите производи за исхрана

Овој народен грабеж треба и мора веднаш да престане. Власта мора да реагира веднаш. Сè што треба власта да направи е да престане безочно да ги лаже граѓаните и да ги прифати предлозите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за намалување на акцизите на горивата за 50% и намалување на ДДВ-то на сите производи за исхрана од 5% на 0%, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
„Кога во Република Македонија имаме четири кризни состојби, дополнителна инфлациска криза во најава и зголемување на цените на речиси на сите услуги и производи, одбивањето на нашите предлози претставува класичен грабеж и дрско игнорирање на барањата на граѓаните и стопанството.
Оттука, наместо да слушаме нелогични оправдувања и изговори, бараме овие два предлог-закони коишто се влезени во Собрание, веднаш и уште денес да се стават на нова и итна пленарна седница. Доколку постои искрена желба, технички може да се направи тоа и веднаш да се закаже нова пленарна седница.
Господо од власта, граѓаните немаат повеќе трпение за вашите штетни и погубни економски лекции и мерки. Граѓаните не сакаат повеќе да слушаат приказни како ‘блескаме’, и како ‘се’ е под контрола’. Граѓаните само бараат подобрување на стандардот и крај на овој народен грабеж“, рече Мицевски.
Според него, очајни се изговорите на власта дека за овие ценовни шокови се виновни покачувањата на цената на нафтата на светската берза или, пак, војната во Украина. Напротив, Мицевски вели дека сите знаеме дека не е проблем ниту цената на нафтата на светската берза, не е проблем ниту, пак, војната во Украина. Туку како што додаде, единствениот проблем е неспособноста и ненавременото и задоцнето носење мерки од страна на оваа влада предводена од СДСМ и Ковачевски.
„ Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата веќе извесен период нуди предлог решение за ублажување на овој ценовен шок и покачувања коишто ни станаа секојдневие со оваа неспособна власт. Но СДСМ упорно го одбива и игнорира нашиот предлог. Упорно и свесно одбива да помогне на граѓаните и стопанството. За таа цел, од оваа говорница им порачуваме на СДСМ, престанете веднаш со грабежот на својот народ и уште денес откажете се од акцизите на горивата и ДДВ-то на сите производи за исхрана. Престанете да ги крадете граѓаните преку акцизи и зголемени даноци, престанете со тендерите во четири очи и престанете со личното богатење и луксузирање. Тоа е единственото решение коешто граѓаните го очекуваат и бараат од вас. Ништо помалку, ништо повеќе“, порача Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Жичарницата денеска ќе има скратено работно време

Жичарницата денеска ќе работи до 17.30 часот, поради редовни планирани тестирања.
Од утре, објектот ќе продолжи со вообичаеното работно време, односно од 10 до 20 часот, согласно Одлуката за работно време во период мај – септември.
Јавното сообраќајно претпријатие потсети дека во период од 19-19.30 часот е последно возење од долу кон врвот, односно во 19.45 часот е последно возење од врвот надолу.
Секој понеделник и секој последен вторник во месецот, Жичарницата не работи.
Македонија
Џафери на седница на Бундестагот

Денес делегацијата на Собранието присуствуваше на пленарна седница на Бундестагот, каде што претседателката и пратениците на Бундестагот го поздравија претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Прва точка на дневниот ред беше изјава на Сојузниот канцелар Олаф Шолц во врска со вонредната седница на Советот на ЕУ на 30 и 31 мај.
Во своето обраќање, Шолц ја нагласи потребата од финансиска помош на Украина, потсетувајќи на изгубените животи, домови и уништената инфраструктура во чие опоравување ќе треба да помогнат сите чинители.
Во говорот, тој се осврна и на Западен Балкан и на заслугите и достигнувањата кои се основа за членство во Унијата за сите аспиранти.
Македонија
Архиескопот Стефан во Белград: Денешниот чин е лек со кој се залечува раната на телото на црквата

Ѝ благодариме на СПЦ што ја поздрави одлуката на Вселенската патријаршија, рече архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан во своето обраќање на заедничка литургија на поглаварите на МПЦ-ОА и на СПЦ и на владици од двете цркви во храмот „Свети Сава“ во Белград.
Архиерејската литургија е со цел воспоставување литургиско и канонско општење на двете сетрински цркви, односно литургија на помирувањето, на која присуствуваа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан.
„Му благодариме на Бога што наидовме на братољубиво разбирање и кај Неговата Светост, патријархот г. Порфириј, заедно со членовите на Соборот на Српската православна црква, кои, само по неколку дена од донесениот акт на Синодот на Вселенската патријаршија, донесоа одлука за воспоставување на евхаристиско и канонско единство помеѓу нашите помесни Цркви“, рече архиепископот Стефан.
Г.г. Стефан во обраќањето оцени дека денешниот чин е незаменлив лек, со кој се залечува раната на телото на црквата, зошто „кога страда еден дел страдаат сите делови, а кога се радува еден дел со него се радуваат сите делови“.
Тој истакна дека МПЦ-ОА ќе ги оправда и братољубивите одлуки за единство со сите, вклучително и нашето барање за конечно решавање на автокефалниот статус на нашата Света Црква.
На заедничката литургија пристигнаа илјадници верници. Ова е прва литургија за помирување по повеќе од половина век.