Македонија
Мицевски до Џафери: Немојте да мислите дека некој Ви се плаши

Престрелките и високите тонови помеѓу координаторот на опозицијата, Никола Мицевски, и собранискиот спикер Талат Џафери продолжија и денеска во парламентот. На почетокот на 39-тата седница, при ставање на дневниот ред на гласање, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, му се налути на спикерот Џафери откако одби да ги стави на дневен ред интерпелациите за министрите Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ.
„Ги тргате Маричиќ и Николовски бидејќи не сакате да зборуваме за нив. Ве разбирам дека сакате да ги заштитите и дека сте хибриден режим, но оваа институција ја водите Вие и ќе си постапувате во согласност со процедурата за да функционира како што треба. Немојте да мислите дека некој Ви се плаши, немојте да мислите дека ќе дозволиме да правите што сакате. Затоа барам уште веднаш интерпелациите да се стават на дневен ред. Во спротивно, ќе сметаме дека ја замолчувате опозицијата. Ги имате интерпелациите, не се разгледани, а знаете дека беа повлечени од 36. седница во интерес на граѓаните да се донесе петтиот пакет економски мерки“, рече Мицевски.
Џафери рече дека овие точки не можело да се најдат на оваа седница затоа што било спротивно на Деловникот и побара од опозицијата да си поднесе нови интерпелации.
„Немој ти да мислиш дека јас некому му се плашам, тоа како прво, второ, Деловникот важи за сите и не планирам да го кршам поради вас. Чисто како појаснување, овие точки беа ставени на 36. седница како што е процедурата, но не се расправаше по нив, повлечени се, а таа седница е завршена. Поднесете си нова интерпелација, по нова процедура, пробиени се тие рокови. Точка“, дециден беше Џафери.
Координаторот Мицевски не го смири одговорот, па побара повторно збор, но сепак и покрај новиот обид, не се гласаше по овие точки да се најдат на дневниот ред. Во меѓувреме, пратениците од опозицијата дофрлаа од место и се бунеа поради, како што велат, ова неправилна одлука.
„Немојте да ми извикувате ‘леле, леле’, ете ви го судот, поднесете нова пријава. Не е тоа поради Талат Џафери така, Деловникот вели така и престанете да дофрлате од место“, додаде Џафери.
Дневниот ред на 39-тата седница беше усвоен со 67 пратенички гласа, без воздржани и против.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Димитријевиќ: За партиски и бизнис интереси Стефковски и ВМРО-ДПМНЕ ја задолжија Гази Баба со пет милиони евра

Од една од најбогатите општини во државата, градоначалникот Бобан Стефковски и ВМРО-ДПМНЕ, за помалку од година и пол направија задолжена општина, без визија за развој, без проекти и решенија за граѓаните. Вчера, Стефковски и Советот предводен од ВМРО-ДПМНЕ ја задолжија Гази Баба за пет милиони евра, преку таканаречена општинска обврзница, истакна Александар Саша Димитријевиќ, координатор на советничка група на СДСМ во Советот на Општина Гази Баба.
Стефковски, додаде тој, наследи полна општинска каса со 3,2 милиони евра, како и низа на започнати проекти за кои не требаше да потроши денар, затоа што тие веќе беа финансирани од претходно.
„Стефковски да одговори каде во рок од само една година ја потрошил оваа заштеда, за денес да мора да ги задолжува жителите на Гази Баба. Градоначалникот и советниците од ВМРО-ДПМНЕ вчера ја задолжија општината без да ги наведат проектите што ќе се финансираат од задолжувањето, без да го наведат рокот на отплата, без да ја објавата каматната стапка. Едноставно, Стефковски има дискреционо право како сака да ја задолжува општината“, нагласи Димитријевиќ.
Оценува дека со издавањето на оваа обврзница, која може да ја купи секој, се отвора простор одредени компании и бизнис групи преку финансирањето на обврзницата да вршат притисок врз работата на градоначалникот и Советот.
„За пет милиони евра, Гази Баба лесно може да стане заложник на нечии бизнис интереси, на одредени групи кои потоа може да диктираат носење урбанистички планови и тенедерски постапки. Освен задолжување, масовна партизација и трошење на парите на граѓаните за непродуктивни цели, Стефковски и ВМРО-ДПМНЕ не сработеа ништо во Гази Баба. Играјќи по нотите на Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ ја турна Гази Баба во безидејност и бесперспективност, потенцира координаторот на советничката група на СДСМ во Советот на Општина Гази Баба.
Македонија
ИНТЕГРА: Случајот со претепаниот Пендиков е само вовед во провокациите што ќе следуваат

„Случајот со претепаниот Христијан Пендиков е само вовед во провокациите што ќе следуваат како што се доближуваат 4 февруари и прославата за нашиот апостол на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев. ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија ги алармира безбедносните служби да преземат законски мерки во сите правци, особено во делот на инфилтрација на моќна странска служба, која работи на спречување на евро-атлантската траекторија на Македонија преку држење во состојба на порозност на јужното крило на НАТО и попречување на ЕУ-членството на Македонија“, се вели во партиското соопштение на ИНТЕГРА.
Од таму велат „за едно од можните радикални сценарија постои сериозно сомневање дека е во корелација со скорешните закани од поставени бомби во училиштата. Сомневањата водат до препоставена процена за висока безбедносна закана во таа насока, особено на релација албански екстремизам – македонски радикален национализам, обата поттикнати од истиот центар на политичка моќ“.
„На ова сценарио подолго време предупредува Љупчо Ристовски, а времето и условите се идеални за сурова радикализација на тоа. Следете ги мотивот и бенефитот од исходот при една таква разврска и ќе дојдете до целите и извршителите на такво радикализирано сценарио. Патем, да си прашаме јавно, дали ВМРО-ДПМНЕ се огради од сценаријата на радикализирање на внатрешните односи со последици врз ЕУ-перспективите на Македонија, преку случајот на деликвентот Пендиков, кој патем е нивен истакнат член?“, се вели во соопштението.
Македонија
(Видео) Стоилковски: Затворите се решето во кое останува само оној што нема конекции со СДС

„Затворите се решето во кое останува само оној што нема конекции со СДС. Одговорни за тоа се затворските управи и служби поставени од СДС, во чија хиерархија доминираат луѓе од таканареченото обезбедување на партиските собири на СДС. Во само еден месец најмалку три бегства се случија на територијата на Скопје. Се посочува на врски меѓу избеганите и СДС, а молкот и немањето санкции упатува на сомнеж за намерни системски пропусти“, рече денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРП-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој напомена дека „Македонија е во еден многу тежок период, во кој СДС ја втурна, и период во кој и од најмал инцидент единствен бенефит ќе има токму СДС на сметка на длабоките сериозни последици за државата. Оттука, од јавен интерес е СДС и Владата да одговорат дали станува збор за смислено сценарио во кое побегнатите се пуштени да предизвикаат инциденти во државата?“
„Дали бегствата на човек, член на СДС, со фотоалбум со половина Влада, претседател на држава и цело раководство на СДС, како и на поранешен полицаец – насилник и наркодилер, двајцата од затворот во Шуто Оризари, што мина без никаква јавна одговорност или санкција, не се намерни пропусти за теснопартиски интереси на СДС, дали не се побегнати за можеби да предизвикаат, инсценираат или организираат инцидент на 4 февруари? Дали бегството без последици за затворската служба и администрација, без одговорност, со можност за организирање инцидент, значи награда и за избеганите и за затворските службеници?“, праша Стоилковски.