Македонија
Мицевски: СДС со гола политика и без аргументи се обидува да го поткопа развојниот буџет за 2025 година

Пратеникот Јане Мицевски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во своето излагање на денешната расправа за Предлог-буџетот за 2025 година изрази критики кон СДС околу нивната политика во однос на истиот. Мицевски истакна дека не само што нивната политика е неискрена, туку е и политички нерационална. Според него СДС, кои сега го критикуваат Предлог-буџетот, во последните 7 години не реализирале ништо конструктивно.
„Малку треба да се засрамат сите колеги пратеници од СДСМ кои говорат за Буџетот кој го поднесовме сега. Зошто? Затоа што ако имавте искрени намери да нешто се смени, ќе го направевте тоа изминативе 7 години. Имавте 7 години да реализирате се што сега зборувате, наместо да крадете. Ако имате малку џентлменска и рационална политика во вас, свесни ќе бевте дека треба да бидете конструктивни“, истакна Мицевски.
Мицевски додаде дека СДС доколку беа сигурни во своите аргументи, би ги образложиле за истите да имаат реална тежина. Според Мицевски, обвиненијата од страна на СДС се само дел од „голата политика“ која не ги има реалните факти на своја страна.
„Ако малку, ама барем малку бевте сигурни во она што го говорите дека буџетот за 2025 е неразвоен, недомаќински и слично, ќе оставевте да се изгласа, а подоцна ако бевте во право со аргументите ќе имавте тежина со тие критики. Вие сега немате никаква тежина и ви се смеат сите дека водите само гола политика. Но, за жал, вие знаете дека ништо од тоа што го говорите не е вистина. Вие знаете дека ова е сè обратното од тоа што вие сте правеле, а вие освен грабеж, не правевте ништо друго“, кажа Мицевски.
Мицевски истакна дека предлог-буџетот се бори со сите негативни феномени што ги создаде претходната власт како сивата економија, криминалот и застојот во економскиот раст. Мицевски исто така истакна дека овој буџет е дизајниран да биде основа за економски напредок, а не за пад и пропаст.
„Овој буџет се бори со сето она што вие го правевте и затоа не ви се допаѓа. Се бори со сива економија, се бори со криминал, се бори за напредок и повисок економски раст, наместо вашата пропаст којашто ни ја нудевте и прикажавте изминатите 7 години“, рече Мицевски.
Според Мицевски, СДС се чувствуваат загрозени од новата политичка реалност, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде носител на реформите, а СДС ќе мора да се соочи со последиците од своето владеење.
„Сега не е така и затоа сте толку исплашени. Затоа што знаете дека новиот буџет е функционален, затоа што знаете дека е развоен и затоа што знаете дека ќе биде основа за да ве фрли на политичкото буниште во следната декада. Затоа што знаете дека долги години ќе бидете опозиција, затоа што сега некој ги прави работите домаќински и различно од вас“, заклучи Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Манасиевски: Владата на СДС тврдеше дека нема да има нови блокади кон ЕУ за билатерални прашања, сега се демантирани и од ЕУ

Димитар Ковачевски како премиер и претседател на СДС тврдеше дека уставните измени се последна пречка за влез на Македонија во ЕУ. СДС водеше кампања со која не убедуваше дека само што не сме влегле во ЕУ, а пречка за тоа се уставните измени, после кои се ќе се смени, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ, додава тој, уште тогаш кажа дека СДС, Ковачевски, Маричиќ, Зечевиќ и Османи лажат. И дека уставните измени се само почеток на бугарските барања.
„Тоа што ВМРО-ДПМНЕ го зборуваше, сега го кажаа и од ЕУ, односно еврокомесарката Марта Кос, потврди дека нема гаранции дека ова се последните бугарски барања.
Еврокомесарката Кос кажа дека не може да потврди дека нема да има нови блокади заради билатерални прашања.
Каде се СДС сега? Каде се сокрија?“, праша Манасиевски. Според него, откако ја доведоа државата во безизлезна ситуација тие се кријат и молчат.
Македонија
Културните работници на протест: Се надеваме дека платата за март ќе ја добиеме барем пред првомајските празници, стигнаа нови насоки

Голем број вработени во институциите од културата денес точно напладне излегоа на протест пред Министерството за култура кое ги принуди велигденските празници место со 10 отсто поголеми плати, да ги минат без плата. Со централен транспарент „ ‘Извини’ Зоки, ‘морално’ (ли) беше“, културните работници си ја побараа платата која согласно колективниот договор треба да биде 10 отсто повисока поради зголемените животни трошоци. Додека тие пред Министерството за култура кажуваа дека неисплатената плата не е само административна измама туку правно и морално предавство и обвинија дека оваа власт само ја продолжува традицијата од претходните власти поради што тие мора секој април да протестираат, Министерството за култура подготви нов начин за пресметка на платите.

„Сега има нови насоки, на поинаков начин се пресметуваат тие 10 % од општиот колективен договор“, рече Вера Атанасовска, претседателка на СКРМ
„Добивме известување од сметководствените служби дека од страна на Министерството се доставени нови насоки за пресметка на плата, дека досегашните каде што беше пресметана плата согласно Колективниот и другите договори, не важат. Сега има нови насоки, на поинаков начин се пресметуваат тие 10 % од општиот колективен договор. Во моментов институциите не постапуваат по новите насоки бидејќи на никого не му е јасно што во моментов треба да се направи. Се надеваме дека ќе добијат подетални насоки и се надеваме дека платат за март ќе ја добиеме барем пред првомајските празници“, рече Вера Атанасовска, претседателка на Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ).
Вработените во институциите од културата кои се уште немаат плата за март добија безрезервна поддршка од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов и на сегашниот министер за култура, исто како и на претходната министерка, му порача дека со протестот културните, дошле кај некултурните во Влада. „Жал ми е што до вчера министерот седеше рамо до рамо со вас, но како министер со 79 % зголемена плата се бори против вашите плати предвидени со колективните договори што лично сметам дека е срамно“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.

„Лично сметам дека е срамно што министерот со 79 % зголемена плата се бори против вашите плати“, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов
Тој ги повика вработените во културните институции на Први мај да се придружат на протестот на ССМ.
„Дојдовме 300 луѓе пред три недели на протест – се исплашија. Денеска сме 3000 – уште повеќе се плашат и им кажавме дека ќе дојдеме и 30 илјади. Нѐ бројат, наместо да ни платат плати. Почитуван министер, луѓето очекуваат платата да им се исплати уште денес согласно Колективниот договор, доколку не, како што ѝ порачавме на претходната министерка, ќе ви порачаме и вас – ако не го направите вие тоа, ќе го направи некој следен министер“, рече Трендафилов.
Со скандирање „Правда, правда“ и интонирање на државната химна заврши денешниот протест на културните работници кои кажаа дека излегуваат на улица оти Министерството не ги слуша кога се обраќаат преку институциите.
Македонија
Инспекторатот на Општина Карпош проверил 50 градби и изрекол 26 казни

Во текот на изминатата недела, од страна на градежен и комунален инспектор, како и со активно присуство на комуналните редари, биле спроведени над 50 контроли на терен, информираат од Општина Карпош.
Како резултат на овие контроли, изречени биле вкупно 26 казни и 17 опомени, со целосна примена на законските надлежности и прописи.
Градежниот инспектор, согласно својата надлежност, како што појаснуваат од општината, изрекол четири казни во висина од 500 до 3.000 евра, на правни и одговорни лица.
Комуналниот инспектор изрекол пет казни по 300 евра за одговорни лица, како и пет казни по 1.500 евра за правни лица.
„Воедно, беа изречени и пет опомени, при што недостатоците беа коригирани веднаш на лице место.
Дополнително, казни беа изречени и за повеќе правни субјекти, како резултат на утврдени прекршувања. Истовремено, кај дел од градежните компании беше постапено по издадени опомени, со целосно почитување на наложените мерки.
Комуналните редари во истиот период изрекоа 12 казни во висина од 40 евра, како и 12 опомени. Доколку во наредниот период не се извршат потребните корекции кај овие градби, во постапката ќе се вклучи и комуналниот инспектор, чии казни, согласно законот, се со значително повисоки износи“, нагласуваат од оваа општина.
Општина Карпош апелира до сите инвеститори и градежни компании кои работат на територија на општината, да ги почитуваат законските прописи, како и да водат сметка за околината, особено при работа во зони со индивидуално домување.
Потенцираат дека нема компромис со незаконското градење.
„Општина Карпош продолжува со засилен инспекциски надзор врз сите градилишта на своја територија, со цел да се обезбеди законска, безбедна и одговорна урбана изградба“, се нагласува во информацијата.