Македонија
Мицкоски: Без разлика на етничката, верската и политичката припадност, на 2 ноември да се обединиме во Кичево
После вториот круг очекувам 59 градоначалници да има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со што ќе ја заокружиме највисоката бројка во историјата на демократската Македонија, по бројот на градоначалници, којашто некогаш се случила. И ако на тоа се додаде и извесната победа на Орце Ѓорѓиевски за град Скопје, којшто води 3:1 после првиот круг во однос на неговиот противкандидат, тогаш заокружуваме бројка од 60 градоначалници коишто ќе дојдат од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и главниот град, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот мини митинг во Кичево во рамките на изборната кампања под слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ за вториот круг од локалните избори на 2 ноември во недела.
Мицкоски се осврна и на победата на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за листите на советници во 58 општини.
Додаде дека не било лесно, туку дека било тешко, но единството и поддршката на граѓаните покажале дека може да се совлада и помногуброен противник.
„Затоа е многу важно на 2 ноември во недела да се обединиме овде во Кичево, без разлика на нашите различности, без разлика дали тие различности се етнички, верски или политички. Многу е важно да бидеме како едно, да се обединиме околу вредностите коишто ги споделуваме, да се обединиме околу цивилизацијата којашто ја застапуваме. Затоа што јас сум убеден дека против кандидатот на Александар не ги споделува нашите вредности, не ја споделува нашата цивилизација. И секој оној којшто ќе го земе пенкалото во рака и ќе застане позади гласачката кутија, со гласачкиот лист пред него, нека го слуша својот разум и своето срце и нека гледа длабоко во својата душа, од таму ќе извира бројот 9. И нека го заокружи бројот 9, нека заокружи за Александар“, повика Мицкоски.
Секој оној кој ќе биде исправен пред предизвикот дали да го поддржи Александар или неговиот против кандидат, додаде Мицкоски, нека се присети на вредностите кои ги застапува Александар и вредностите кои ги застапува неговиот против кандидат.
„Дали вие сакате да живеете во средина во којашто ќе владеат криминалот, блуд, разврат и уцени? Дали сакате Кичево да биде домаќин на блуд, разврат, криминал и уцени? Заборавете на етничката припадност, сетете се на вашите ќерки, на вашите внуки, дека некоја од нив може да биде жртва на овој човек. Затоа, кога ќе го имате пенкалото во рака, верувајте во вредности, не во басни, не во приказни. Заборавете на нешто што некој ви кажува дека се случило пред 4, 5, 6 децении, верувајте на оние коишто ви кажуваат што ќе се случува за четири, пет децении од денес. Заборавете на оние романтични приказни што некој ви ги кажува за некое измислено минато коешто никогаш не се случило. Верувајте на иднината којашто сите ние заедно Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати ќе ја градиме. Тоа е иднината на Македонија“, упати Мицкоски обединувачка порака и повик до сите етнички заедници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Сарај утре без вода за пиење
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека утре ( среда ) поради дефект на затварач со пречник од Ф-350 мм на ул. 20 во нас. Сарај, од 07:30 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Лака, Крушопек, Грчец, Шишево, Глумово, Горна и Долна Матка, Арнакија, Љубин и с. Сарај. (Општина Сарај)
Македонија
(Видео) Владата го усвои предлогот за разрешување на јавниот обвинител Коцевски, соопшти Митева
На денешната редовна 134 владина седница беше усвоен предлогот за разрешување на Љупчо Коцевски од функцијата јавен обвинител со што ја продолжуваме постапката која согласно законските ограничувања беше привремено стопирана во изборниот период, соопшти владината портпаролка Марија Митева.
„Причините за оваа иницијатива се јавно познати повеќепати до сега ги имаме образложено како Влада, доследно, транспарентно и во интерес на заштита на институционалниот интегритет и одговорност. Нашата цел останува недвосмислена. Јакнење на правната држава и обезбедување на непречено функционирање на органите во служба на граѓаните.
Врз основа на членот 88 став 1 од Законот за јавното обвинителство, а по претходно добиено мислење од страна на Советот за јавни обвинители му предлага на Собранието од функцијата јавен обвинител на Република Македонија да го разреши Љупчо Коцевски, поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на Јавното обвинителство.
Неовластено изнесување на информации, податоци за судски предмети со што ја повредил обврската за заштита на тајноста на постапката согласно закон.
Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед.
Не постапувајќи согласно обврските што се предвидено со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласно со Уставот“.
Како последица на сторените повреди по изминатиот период, евидентна е, додава Митева, нарушената функционалност на Јавното обвинителство и сериозно е нарушен интегритетот на истата, согласно членот 27 став 1 од Законот за јавно обвинителство, токму јавниот обвинител е одговорен за општите состојби, за организирањето и извршување на функциите на Јавното обвинителство.
Постапувајќи на овој начин јавниот обвинител Љупчо Коцевски, како што истакна Митева, флагрантно ја повредил должноста да го чува угледот на функцијата што ја врши предвидена во член 82 став 1 од Законот за јавно обвинителство.
„Имајќи го предвид наведеното Владата му предлага на Собранието да го разреши од функција јавниот обвинител на Република Македонија, Љупчо Коцевски“.
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температури до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 11 до 16 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и релативно топло време за овој период од годината. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.

