Македонија
Мицкоски: Венко не сопре со црна кампања, свесен е дека тоне
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, имаше свое обраќање на денешниот народен митинг во Пробиштип, во рамки на изборната кампања со слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, за претстојните локални избори. Мицкоски се осврна на како што вели неформалната коалиција за локалните избори составена од СДСМ, ДУИ и Левица, кои се обединети од желбата за власт и омразата кон ВМРО-ДПМНЕ. Според него, на овие локални избори тие настапуваат со црна кампања, а не нудат никакви проекти, никаква визија ниту стратегија.
,,Кога зборувам за нашите противници зборувам за една непринципиелна коалиција, која што е составена од, во суштина три политички партии, која што се обединила поради две главни причини, првата е желбата за власт, по било која цена. И втората е, патолошката омраза која што ја имаат кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е коалицијата на СДСМ, на ДУИ, и политичката партија Левица. На некои места, оваа коалиција е формална, на некои полуформална, но во суштина, тоа е тој опозициски блок, кој што на овие избори излегува тотално без никаква програма“, вели Мицкоски.
Мицкоски истакна дека опозициската СДСМ за претстојните локални избори не нуди ниту проекти, ниту визија, туку само се фокусира на црна кампања уште од првиот ден.
,,Од првиот ден, заклучно со денеска, ние не слушнавме ниту еден проект, не слушнавме никаква визија, никаква стратегија, од нив не слушнавме како планираат и каде планираат да ја водат Македонија. Од нив слушнавме само три, условно кажани, политички пораки во оваа кампања. Првата е, црната кампања која што ја водат од првиот ден, па се до ден денес. Против мене се разбира најмногу и против ВМРО-ДПМНЕ. Втората политичка порака која што ја испратија е дека тие се политички наследници и претставуваат континуитет на тоа што претставуваше влада 7 години во Македонија, коалиција СДСМ-ДУИ. Третата политичката порака е дека тие се грижеле и се бореле за нашиот дом“, истакна Мицкоски и додаде:
,,Црната кампања наспроти целата теорија и целата пракса, започна од првиот ден во оваа кампања. Ние немаме емитувано ниту еден негативен спот. А, веќе завршува кампањата во првиот круг. Ниту еден негативен спот“.
Мицкоски истакна дека, иако има многу причини да се потсетат граѓаните на неуспесите на претходната влада, ВМРО-ДПМНЕ избира позитивна кампања фокусирана на проекти и иднината.
,,А верувајте, имаме таква инспирација да ги потсетиме граѓаните, за тоа што го работеа 7 години, што ако почнеме рано наутро малку ќе ни биде еден ден сето она лошо што го направија додека 7 години беа влада. Но, рековме не. Ние сакаме да бидеме Влада која што ќе се обиде да ја врати надежта кај луѓето, и сакаме да зборуваме за убави работи, за проекти, да зборуваме за иднина. Сакавме тоа да го доближиме до граѓаните. Што е тоа што ние го сработивме. И што е тоа што ќе го сработиме. А тие, со ад хоминем напади, со ниски страсти. Прво ми посакаа, ќе било штосно ако го виделе моето тело распарчено и спакувано во куфер, за да потоа претседателот на СДСМ, претпоставувам инспириран, бидејќи неговиот политички гуру седеше во првиот ред, во еден занес, кажа дека тие нас не не мразеле туку не презирале. Тоа претпоставувам треба да е степен над омраза, барем според нивната филозофија. Инаку, човекот е педагог, редовен професор на факултет, кој што пледира утре да ја води државата. Тоа е тоа што го нуди СДСМ на овие избори“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

