Македонија
Мицкоски: Гоце Делчев не треба да биде предмет за какви било преговори
Гоце Делчев е столбот на современата македонска држава и не треба да биде предмет за какви било преговори, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по повод одбележувањето на 117-годишната од загинувањето на револуционерот.
„Гоце Делчев беше човек којшто обединуваше, којшто имаше визија, Гоце Делчев беше и ќе остане Македонецот врз основа на кој ние ќе се сеќаваме на минатото, а врз основа на тоа минато ќе ја градиме и иднината. Ќе го продолжиме неговото дело да обединуваме, а не да разединуваме. Она кое што сакам денеска од овде како порака да го упатам е тоа дека Гоце Делчев е столбот на современата македонска држава и Гоце Делчев е Македонија и Гоце Делчев не треба да биде предмет за какви било преговори и разговори“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека ќе се обиде да ги игнорира провокациите коишто доаѓаат и коишто се поистоветуваат во предизборието.
„Ние не сме како некои наши соседи, имињата на нашите дејци коишто крвавеле и животот го положиле за оваа држава да ги злоупотребиме во предизборна кампања, напротив, ние се гордееме, сме горди Македонци што сме имале таков јунак во нашата историја, а врз основа на таа историја ќе ја градиме иднината. Тие коишто се закопани во минатото, нека останат таму во минатото на делби и поделби, ние сме тука да шириме енергија што ќе обединува не само во Македонија, туку и пошироко ќе ги обединува сите балкански народи. Слава му“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
