Македонија
Мицкоски до италијанскиот амбасадор: Знаеме како да ја ставиме државата на брза лента кон ЕУ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со амбасадорот на Република Италија, Карло Ромео. На средбата се разговараше за актуелната политичка и економска состојба во државата, како и за стратешките приоритети на Македонија.
Мицкоски истакна дека европската перспектива е клучна стратешка определба за земјава и за ВМРО-ДПМНЕ и дека партијата има план и знае како да ја стави државата на брза лента кон Европската Унија.
„Државата во моментот е блокирана како последица на недостигот на реформи и погрешните политики на Владата на Заев“, посочи Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред соговорниците обвини дека граѓаните и бизнисмените се соочени со проблеми поради корупција и криминал. Тој напомена дека ВМРО-ДПМНЕ бара брза разрешница на сите корупциски скандали во кои се вмешани високи претставници на власта.
Од партискиот центар за комуникации информираат дека покрај проблемите со владеењето на правната држава, Мицкоски ја посочил и влошената економска состојба, која резултирала со ниско ниво на странски инвестиции, кои се клучни за развој на македонската економија, како и ниска реализација на капиталните инвестиции и падот од 7 места на извештајот на Светската банка – „Дуинг бизнис“.
Соговорниците се согласиле дека Република Италија е клучен партнер на Република Македонија во остварување на европскиот сон, а соработката помеѓу двете држави има простор и натаму да се продлабочува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бочварски – Рустеми: Не прифаќаме калкулации, рокот за изградба на автопатот Кичево – Охрид мора да се запази

Автопатската делница од Кичево до Охрид е врвен приоритет и не прифаќам никакво пролонгирање, нема повеќе калкулации и рокот мора да биде испочитуван, истакна министерот Бочварски кој денеска заедно со заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, извршија увид во градежните активности на Поделница 5 од автопатот Кичево – Охрид, кај населеното место Горенци.
Тој информираше дека изградбата се одвива со силно темпо. Моментално на терен работат повеќе од 700 работници, со преку 280 градежни машини, а вкупниот прогрес на автопатот до овој момент изнесува 70 проценти.
„Од состојба која ја наследивме, која беше катастрофална, денеска имаме јасна слика. Автопатот остана приоритет и сега се одвиваат асфалтерски работи што се завршни работи во изградбата. Денеска ќе се вградат 320 тони асфалт прв слој, а веќе од утре се засилуваат асфалтерските работи каде ќе се вградуваат и по 900 тони асфалт дневно. Како што не информира Надзорот, очекуваме десната лента од Требениште кон Охрид да биде комплетно завршена и пуштена за сообраќај на почетокот на месец август, додека левата лента ќе биде завршена и пуштена во сообраќај до крај на оваа година.“ – изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Комплетно е завршено препроектирањето на 25% од трасата, инфраструктурните проекти се одобрени од Министерството за транспорт и врски и компаниите имаат чист терен за работа. Градежната механизација е распоредена на секоја позиција од Кичево до Охрид, додаде министерот Бочварски.
Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, истакна дека покрај овие 57 километри автопат се градат и уште дополнителни 30 километри пристапни патишта.
„На денешниот увид со министерот Бочварски констатиравме дека 95% од трасата на автопатот Кичево – Охрид е пробиена. Се сретнавме со изведувачот, динамиката на изградба тече со силно темпо. Се работи на изградбата на голем број вијадукти, на неколку клучки, паралелно и на алтернативните и пристапни патишта, а исто така активно се работи и на тунелот чиј прогрес во овој момент изнесува 95%.“ – изјави директорот Рустеми.
Вредноста на изградбата на овој автопат е 598 милиони евра, според рокот предвиден до Договорот со изведувачот, тој треба да се заврши до декември 2023 година.
Оваа автопатска делница е дел од Коридорот 8, стратешки коридор за кој што Владата е силно посветена на неговата доизградба и модернизација.
Македонија
Османи на 132- та сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа

Mинистерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на 20 мај 2022 година во Торино ќе учествува на 132-та министерска сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа. На Министерската сесија, со која претседава Италија, ќе учествуваат министрите за надворешни работи на 46-те земји членки на најстарата европска организација за човекови права, демократија и владеење на правото.
На Сесијата, се очекува да бидат дискутирани повеќе актуелни теми, со фокус на последиците од агресијата на Руската Федерација врз Украина, што меѓу другото доведе и до исклучување на Руската Федерација од Организацијата во март оваа година. Исто така на самиот состанок ќе се изврши и примопредавање на претседателството со Комитетот од Италија на Ирска за следниот шест-месечен период.
На маргините на министерската сесија предвидени се и повеќе билатерални средби на МНР Османи со министрите за надворешни работи на Молдавија, Грузија, Азербејџан, Ерменија како и заменик министерката на Украина, како и со високи претставници на Совет на Европа.
Македонија
МНР го поздрави повикот на ЕП за надминување на билатералните прашања надвор од пристапниот процес

Министерството за надворешни работи го поздравува усвојувањето на Резолуцијата на Европскиот парламент за Република Северна Македонија на денешната пленарна седница во Стразбур.
„Како и досега, Европскиот парламент упати јасна политичка порака за важноста од забрзување на европскиот интегративен процес и започнување на преговорите за пристапување во Европската Унија со Северна Македонија веднаш. Охрабрува фактот што текстот на Резолуцијата доби поддршка од огромен број на членови на Европскиот парламент, што ја отсликува поддршката од поширокиот политички спектрум во рамките на ЕУ“, се наведува во соопштението на МНР.
Во него се додава дека особено е важно што Европскиот парламент ја реафирмирал стратешката важност на Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан и нивната иднина како дел од Европското семејство.
„Почетокот на пристапните преговори и членството во ЕУ е силна инвестиција за стабилност, не само за земјите од регионот, туку и за ЕУ, особеново во актуелниот безбедносен контекст во Европа. Во таа смисла, го поздравуваме повикот на Европскиот парламент за надминување на билатералните прашања надвор од пристапниот процес, што е во духот и принципите на пристапниот процес. Парламентот исто така го препознава реформскиот напредок на земјата и нејзината подготвеност веднаш да ги започне преговорите со ЕУ“, посочуваат од МНР.