Македонија
Мицкоски: ДУИ не враќа назад, Левица руши и безмилосно ја цицаат и самата партија, а Филипче мисли на Дубаи
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот митинг во општина Јегуновце, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, имаше свое обраќање и зборуваше за опозициските партии и нивните претседатели, кои како што вели тој, водат црна кампања и функционираат како непринципиелна коалиција. Мицкоски потсети на тоа што правеше Левица, кога рушеше се што е на народот, и каква кампања водат Али Ахмети и ДУИ, од кои СДСМ зборува за дом, а имаа 7 години да зборуваат и направат нешто за тоа, додека ДУИ ја враќа кампањата со децении наназад, што не соодветствува со светските стандарди.
„Кога сме кај политичките пораки, мојата политичка порака е за да нема дилема. На овие локални избори, бираме помеѓу две концептуално спротивставени опции. Едната е онаа тивка коалиција, која што ја сочинуваат три политички партии, тоа е СДСМ, ДУИ, и политичката партија Левица. Тоа се трите политички партии коишто ја сочинуваат онаа концептуално различна понуда од нашата, која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Тие се тие две практично концепти. Тие се тие две спротивставени страни коишто ќе се соочат на овие избори“, рече Мицкоски.
Мицкоски зборуваше за коалицијата Ахмети, Филипче, Апасиев, и истакна дека нивната заедничка поврзаност е гневот кон ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа непринципиелна коалиција, составена од овие три чинители. Венко Филипче, Али Ахмети и Димче Апасиев се здружила, жедна и гладна за власт, моќ, привилегии. Но исто така, најважната работа којашто нив ги поврзува, е големиот гнев кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е точката која што овие три политички партии ги поврзува. Гневот кон ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Мицкоски.
Мицкоски се осврна на сите политички партии потсетувајќи прво што правеше Левица како дел од Шарените кои рушеа се што е создадено со народни пари, дека земаа пари од СЈО кое имаше за цел да го руши ВМРО-ДПМНЕ, а денес безмилосно ја цицаат самата партија.
„Сетете се 2015-2016 што правеа тие низ Македонија. Фарбаа, уништуваа, палеа државен ваш имот направен, со ваши народни пари, за да по насилен пат симнат една влада која што имаше легитимитет од народот. Тоа беше врхушката на денешната политичка партија Левица. Дел од нив станаа составен дел од СЈО, кое што имаше една задача пред себе, а тоа беше да врши тортура и политички прогон врз членовите и активистите на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа беше единствената задача кое што ова СЈО ја имаше пред себе. До ден денеска кога гледаме како ја цицаат сопствената партија Левица “.
Мицкоски се осврна и на кампањата на ДУИ и Филипче.
„Венко Филипче излезе пред граѓаните со слоган „Се бориме за нашиот дом“ . Прашањето е за кој дом? За хациендите во Дубаи, за хациендите на Халкидики, за јахтите на Халкидики, за фирмите во Петрич. За што се борат? Имаа тие можност да се борат за својот дом 7 години. ДУИ и Али Ахмети, цела кампања ја водат враќајќи не наназад цели децении, 30-40 години, потсетувајќи не за некакви средби со генерали, или не знам што. Во кампања во која што треба да зборуваме за иднина, во кампања во која што светот зборува за вештачка интелигенција, кога светот зборува за големиот зелен договор, кога светот зборува за освојување на космосот“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции
Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Лога истакна дека ова не била лесна одлука, бидејќи во партијата вложил енергија, срце и душа. Тој се заблагодари на соработниците, членовите и активистите, наведувајќи дека во изминатите десет години запознал посветени луѓе и искрени пријатели.
Во објавата, Лога се извини на сите што можеби се почувствувале повредени од негов збор или однесување, нагласувајќи дека секогаш ги кажувал своите ставови без да ја пресметува цената.
Тој потсети дека бил генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијансата за Албанците, и им се заблагодари и на гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
Лога зборуваше и за своето семејно и политичко потекло, опишувајќи ја средината во која израснал, обележана со притисоци и прогони во поранешниот југословенски систем.
Во пораката наведе дека Северна Македонија заслужува да биде слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани и повика на заедничка одговорност во градењето на земјата.
На крајот, Лога порача дека ќе остане меѓу граѓаните, но отсега на послободен и независен пат, како што рече, како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето.
Македонија
„Супорт Кочани“ ја реализира четвртата пратка компресивна облека, вредна 452.537 денари, за засегнатите од пожарот
Граѓанската иницијатива Support Kocani продолжува со поддршката за засегнатите лица од пожарот во Кочани и ја финализираше четвртата испорака на специјализирана компресивна облека. Новата пратка, која веќе е доставена до Општата болница во Кочани, претставува значаен чекор во обезбедувањето континуирана терапија и квалитетна рехабилитација.
Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, со вкупна вредност од 452.537 денари. Средствата се обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство, што уште еднаш ја потврдува силната солидарност кон повредените.
„Поддршката што ја добиваме од заедницата ни овозможува континуирано да им помагаме на засегнатите и да обезбедиме навремена медицинска опрема. Особено им благодариме на компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000 за нивната соработка и професионална услуга,“ истакнуваат од Support Kocani.
Иницијативата и понатаму останува посветена на транспарентност и грижа за сите погодени од трагедијата, со цел да им се обезбеди постојана поддршка во процесот на заздравување.
Македонија
Свечено менување на државното знаме: децата прашуваа за работата на првата жена-претседателка
Во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се одржа церемонија на свечено менување на државното знаме на којашто присуствуваа деца од градинките „Весели цветови“ и „Срничка“ од Скопје, ученици од скопските основни училишта „Кузман Шапкарев“ и „Кузман Јосифовски Питу“ и деца и претставници на Здружението за образование и истражување „Несил“.
По завршувањето на свечениот чин, околу 230 деца во придружба на двасетина наставници и претставници, ги разгледаа просториите на Кабинетот. Младите посетители покажаа интерес за работата на претседателката. Ја прашаа: Какво е чувството да се биде првата жена – претседателка на државава? Дали е потешко да се биде претседателка или професорка? Како тече еден нејзин работен ден? Љубопитните гости пројавија желба да ги дознаат нејзините лични афинитети, како и интересните спомени од младоста.



Сиљановска-Давкова им предочи дека вршењето на политичката функција бара знаење, посветеност и култура на дијалог. Ги советуваше да учат, да размислуваат критички и да другаруваат.
Децата ѝ подарија цвеќе, албум на цртежи и благодарница на турски јазик.
Церемонијата на свечено менување на знамето се одржува секој втор петок во месецот, со учество на Баталјонот за почести при македонската армија и ја симболизира почитта кон знамето и државата.

